Шампион (филм од 1949)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Шампион (англиски: Champion) - американски филм од 1949 година, во режија на Марк Робсон, според сценариото на Карл Формен и Ринг Ларднер (според неговиот истоимен расказ). Главните улоги ги граат: Кирк Даглас, Мерилин Максвел, Артур Кенеди, Пол Стјуарт, Рут Роман, Лола Олбрајт и Луис Ван Рутен. Во 1950 година, филмот ја освоил наградата „Оскар“ за монтажа, а имал уште пет номинации. Покрај тоа, филмот освоил „Златен глобус“ за најдобра црно-бела кинематографија.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Миџ (го игра Даглас) и Кони (го игра Кенеди) се сиромашни момчиња кои патуваат за Лос Анџелес во потрага по работа. Патем, тие застануваат во Канзас Сити, каде Миџ боксува за пари. По пристигнувањето во Лос Анџелес, тие откриваат дека се измамени и се принудени да работат во една кафетерија. Таму, Миџ започнува љубовна врска со ќерката на сопственикот, Ема (ја игра Роман) при што под притисок на нејзиниот татко, тој е присилен да се ожени со неа. Меѓутоа, тој веднаш ја напушта Ема и, воден од амбицијата да заработи многу пари, почнува да тренира бокс под водство на менаџерот Хејли (го игра Стјуарт). Набргу, тој станува успешен и добива можност да се бори во Њујорк против познатиот боксер Џон Дан. Притоа, од него се бара да загуби, но тој го победува противникот поради што е претепан од гангстерите и не може да добие нова прилика за борба. Меѓутоа, медиумите застануваат на неговата страна, а тој го отпушта менаџерот Хејли и почнува да соработува со богатиот Харис (го игра Ван Рутен) при што стапува во љубовна врска со убавата Грејс (ја игра Максвел). Тогаш, Кони го напушта Миџ и оди во Лос Анџелес, каде ја наоѓа Ема и со неа оди во Чикаго за да се грижи за мајка му. Во меѓувреме, Миџ станува светски шампион, стапува во љубовна врска со сопругата на Харис, Палмер (ја игра Олбрајт) поради која ја напушта Грејс, но набргу ја остава и Палмер. Кога добива вест дека починала мајка му, Миџ оди во Чикаго и нему повторно му се придружуваат Кони, Ема и менаџерот Хејли. Во борбата против предизвикувачот Џон Дан, кога се чини дека ќе загуби, Мич прави пресврт и го нокаутира противникот. Меѓутоа, под влијание на примените удари, тој претрпува мозочен удар и умира по мечот, а Кони и Ема почнуваат заеднички живот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]