Шабат

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Шабос)
Шабатни свеќи

Шабат (хебрејски: שַׁבָּת, „одмор, прекин“) или Шабос, Шабес (јидиш: שאבּעס) — седми ден во еврејската недела посветен на одмор, со кој се памети создавањето на светот за шест дена и спасението на Евреите од ропство во Египет, како и исчекување на времето на Месијата. Според прописите, на Шабат верниците мораат строго да се воздржуваат од секакви работни активности и да се дадат на одмор и раазонода за да се уважи денот. Според преданијата, Шабат води потекло од самиот еврејски народ како неговата прва најсвета општествена установа, но други стручњаци предлагаат поинакво потекло. Различните гранки на јудаизмот имаат разни прилагодувања на Шабат, а истиот на различен начин се почитува и кај останатите аврамски и други религии.

Од Шабат потекнува името на денот сабота во македонскиот јазик, иако православните и највеќето други христијани ја сметаат неделата како ден за одмор. Поради истоветното потекло на поимот, за Шабат често се користи придавката „саботен“[1] (на пр. саботнни свеќи, саботна песна итн.) Ова е единствениот ден во неделата со име од несловенско потекло.

Според законите (халаха), Шабат се празнува од неколку минути пред зајдисонце во петок, па сè до појавувањето на три ѕвезди во сабота навечер.[2] Празникот се пречекува палење на свеќи и кажување на благослов. Се јадат три празнични оброци: навечер, наутро и доцна попладне. Вечерата почнува со кидуш (посветување) и други благослови што се кажуваат над две векни леб (хала). Завршува следната вечер со благослов „авдала“. Ова е весел празник, каде луѓето се ослободени од секодјевниот труд и задачи. Како таков, тој дава можност за размислување за духовното во животот и проведување време со семејството.

Потекло[уреди | уреди извор]

Зборот „Шабат“ е изведен од хебрејскиот поим шават (שָׁבַת) кој честопати се преведува како „одмор(ање)“, но уште поточно би се превел како „престанок [со работа]“.

На самиот почеток на Тората (Петтокнижие) во Битие 2:1–3 на Шабат му се дава посебно значење, како денот по создавањето на светот, на кој Господ се одмора. На луѓето за првпат им се заповеда да го почитуваат за време на спасението на Евреите од египетското ропство во Излез 16:26 (во контекст на престанокот на маната) и Излез 20:8–11 (како четврта од Десетте божји заповеди). Во Тората и Танахот (Стариот завет) Шабат се повторува многупати во заповедите и се вели дека на тој ден треба да се принесат двојно повеќе жртвени животни.[3] Шабат го опишуваат и пророците Исаија, Еремија, Езекил, Осија Амос и Неемија.

Празничен[уреди | уреди извор]

Македонска покривка за хала (леб) со извезени зборови

Танахот и молитвеникот (сидур) велат дека Шабат има три различни цели:

  1. како сеќавање на создавањето на светот, по што на седмиот ден Бог одморил;
  2. како сеќавање на спсанието на израелскиот народ од ропството во Египет;
  3. за да се „вкуси“ Олам аба (времето на Месијата).

Шабат во јудаизмот важи за весел свет ден и, по многу што, најсвет ден во годината:

  • ова е првиот ден споменат во Библијата, и Господ е првиот кој го празнувал со престанок на создавањето на светот (Битие 2:1–3).
  • во богослужбата Шабат се смета за „невеста“ или „кралица, принцеза“ (вид. шехина).
  • на шабатната утринска богослужба се чита свитокот на Тората, и тоа подолго отколку во обичните денови од седмицата. Тората се чита во текот на годишен циклус од 54 параши (парашот) — по еден на секој Шабат (понекогаш се удвојуваат). На Шабат читањето е поделено на седум дела — повеќе од секој друг празник, вклучувајќи го Јом кипур. Потоа се читаат списите на пророците (афтара).
  • според преданијата, еврејскиот Месија ќе дојде ако секој Евреин испразнува по два шабата по сите прописи.[4]
  • во древноста, сквернавењето на Шабат се казнувало со каменување — најстрогата казна во еврејското право.[5]

Обреди[уреди | уреди извор]

Дочек на Шабат[уреди | уреди извор]

Кажување благослов пред шабатни свеќи

Според еврејското право, Шабат почнува неколку минути по зајдисонце. Тогаш се палат свеќите, често 18 минути пред залезот (тосефет Шабат, иако некои тоа го прават 36 минути пред залез) и највеќето печатени еврејски календари се придржуваат до овој обичај

Во петок навечер домот се разубавува (на пр. со цвеќе) и се кажува воведната молитва Кабалат Шабат, која се состои од седум псалми и песната „Леха доди“ (Дојди пријателе).[1] Кабалистите од Сафед во XVII век почнале да го нарекуваат шабат „невеста“ или „кралица, принцеза“ и вовеле обичај за дочек на оваа женска персонификација на празникот. Пред петочната вечера други пеат по две песни — една за дочек, а друга како пофалба за вредната домаќинка и нејзините напори во изминатите шест дена.[6] Откако ќе се благослови виното и халата, се послужува празничниот оброк и се пеат други шабатни песни.[7]

Според рабинската литература, Господ во Тората им заповеда на Евреите да го се придржуваат кон (да се воздржуваат од забранети активности) и да го паметат (со зборови, мисли и дела) Шабат. Овие две начела се отелотворени во двете свеќи кои се палат за празникот. Свеќите ги пали домаќинката (или домаќинот, ако живее сам). Некои семејства палат повеќе свеќи, според бројот на децата што ги имаат.[8]

Други обреди[уреди | уреди извор]

Шабат е предвиден како ден за разонода и молитва. По обичај се јадат три празнични оброци: вечера на шабаното предвечерје (петок навечер), ручек на самиот Шабат (сабота) и трет оброк (сеуда шлишит) во подоцнежниот дел од саботното попладне.

Многу Евреи одат во синагога на Шабат дури и ако не одат во работните денови. Богослужбата се одржува во шабатното предвечерје (петок навечер), шабатното утро (сабота наутро) и во доцна во шабатното попладне (саботна попладне).

Со исклучок на Јом кипур, кој во Тората е наречен „Шабат на Шабатите“, сите пости што паѓаат на Шабат се одложуваат за друг ден. Сите што жалат шива (недела по смртта на брачен другар или најблизок роднина), на Шабат мораат да се однесуваат нормално и имаат забрана за покажување на секакви знаци на тага.

Иако највеќето закони за Шабат се ограничувачки, четвртата од Десетте Божји заповеди во Излез Талмудот и Мајмонид ја сметаат за „потврдна“ заповед. Во неа спаѓат:

  • уважување на Шабат (кавод Шабат): на самиот Шабат се носи празнична облека и не се зборуваат непријатни теми. По обичај не се зборува за пари и деловни работ.[9]
  • се кажува кидуш (посветување) со чаша вино на почетокот на шабатните оброци или по утринските молитви.
  • Два домашни плетени леба (хали) покриени со традиционалната покривка
    Јадење на три презнични оброци. Оброците почнуваат со благословување на две векни леб (лехем мишне, „двоен леб“) наречени хала (кај Ашкеназите се плетени, а кај балканските Сефарди се кружни лепчиња — питикас)[1] кои го симболизираат двојното следување од мана кое им паднало од небо на Евреите на денот пред Шабат во текот на четириесетгодишниот престој по спасението од Египет. Се служи месо или риба, а може и обете. Доцна во попладнето се служи полесен оброк наречен сеуда шлишит, кој може да биде неутрален (парве) или од млечени производи.
  • шабатно уживање (онег Шабат): вршење на пријатни и разонодни активности како јадење, пеење, дружење и брачни односи.
  • кажување на авдала.

Збогување[уреди | уреди извор]

Збогување од Шабат со авдала. Шпанија, XIV век

На крајот од Шабат, верниците се збогуваат со него со обредот аавдала (хебр. הַבְדָּלָה, „разделба“) и со тоа ја дочекуваат новата седмица. Откако ќе падне мрак и ќе се појават трите ѕвезди на небото, се кажува благословот „авдала“ со чаша вино, мирудии и исукана свеќа. Некои ова го прават подоцна навечер за да го продолжат Шабат.

Забранети активности[уреди | уреди извор]

Еврејското право (халаха) забранува вршење на секаква работа (מְלָאכָה, мелаха; мн. мелахот) на Шабат освен во итни случаи опасни по живот. Иако мелаха обично се преведува како „работа“, поприкладен превод би бил „намерно дејство“ или „умешност и занаетчиство“. Постојат 39 вида на забранети активности (мелахот) наведени во трактатот Шабат 7:2 од Мишната.

Поимот шомер Шабат се користи за лице (или организација) што доследно се држи до законите за Шабат.

Постојат разни несогласувања помеѓу ортодоксните и останатите Евреи за практичното запазување на Шабат. Строгото држење до шабатните прописи се смета за белег на еден ортодоксен Евреин и дури има правно значење за ортодоксните верски судови.

39-те видови на работа (мелаха) се следниве:

  • орање
  • сеење
  • жнеење
  • врзување снопови
  • вршење
  • веење
  • двоење
  • толчење
  • просејување низ сито
  • месење
  • печење
  • стрижење волна
  • белење волна
  • чешлање волна
  • боење волна
  • предење
  • ткаење
  • правење две јамки
  • ткаење две нишки
  • двоење две нишки
  • врзување
  • одврзување
  • пришивање
  • кинење
  • фаќање животни во стапица
  • колење
  • дерење
  • штавење
  • тенчење кожа
  • бележење коња
  • кроење кожа
  • пишување две или повеќе букви
  • бришење две или повеќе букви
  • изградба
  • рушење
  • гаснење оган
  • палење оган
  • довршување на изработката на некој предмет
  • пренесување на предмет (помеѓу личен и јавен простор, или повеќе од 4 кубити во рамките на јавниот простор)

Видовите на работа се егзегетски изведени (зановано на сопоставување на соодветни библиски пасуси) од видовите на работни активности потребни за изградбата на Скинијата. Тие не се изречно наведени во Тората. Многу од рабинските богослови укажуваат дека заедничкото за сите овие работни активности е тоа што се „творечки“ или пак вршат влијание врз или ја видоизменуваат околина.

Ортодоксен и конзервативен став[уреди | уреди извор]

Различните гранки на јудаизмот ги поимуваат шабатните забрани различно. Посветените ортодоксни и конзервативни Евреи се воздржуваат од сите 39 видови работа. Секоја работна активност (мелаха) има различни изведени забрани, па така впрочем постојат многу поголем број на забранети активности.

Бидејќи забраните се однесуваат на видови активности, сите имаат свое толкување што важи за поголем број на работни активности. На пример, под „веење“ се подразбира издвојувањето на плевата од житото (слично и „двоење“), но во талмудска смисла се подразбира секакво одделување на јадливото од нејадливото. Така, во овој вид активност спаѓа и филтрирањето на непитка вода за да стане питка, како и вадењето на коски од риба.

Исклучоци[уреди | уреди извор]

Во случај на состојби на опасност по живот (пикуах нефеш), секој верник не само што може, туку задолжително мора да ги прекрши законите за Шабат за да спаси нечиј живот (осен ако притоа не врши смртни гревови). Поимувањето на „опасност по живот“ има пошироко толкување: често опфаќа потешко болни, жени пред пораѓање, па дури и помалку итни случаи.

Реформски и реконструктивистички став[уреди | уреди извор]

Следбениците на реформскиот и реконструктивистичкиoт јудаизам веруваат дека секој пединец има право да одреди кои шабатни забрани да ги следи. На пример, некои луѓе готват и пишуваати за разонода, и затоа тие активности ги сметаат за пријатни. Многумина реформски јудаисти сметаат дека секој човек има различно поимување на работата, па затоа можат да бидат забранети само активностите што самиот поединец ги смета за работни.[10]

Потрадиционалните реконструктивисти сметаат дека наведените видови работа начелно важат за исправни, но дека секој треба сам да одреди дали и како да се придржува до нив. Постои мал дел од прогресивците кои имаат исти ставови како ортофоксните верници.

Препорачани активности[уреди | уреди извор]

Сите гранки ја јудаизмот ги препорачуваат следниве активности за шабат:

  • читање, изучување и дискутирање на Тората, Мишната и Талмудот, како и учење на некои закони (халаха) и мидраш.
  • молење во синагога.
  • дружење со други Евреи, со семејството, пријателите и гостите на шабатните оброци (ахнасат орхим, „гостопримство“).
  • пеење на пригодни шабатни песни земирот, (за време на или по оброкот).
  • брачни односи меѓу мажот и жената.[11]
  • спиење.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Данон, Цадик (2008). Основни поими на јудаизмот. прев. Марија Алексиќ (II. изд.). Скопје: Еврејска заедница во Република Македонија. ISBN 9989-102-14-7.
  2. Шулхан арух, Орах хаим 293:2
  3. Every Person's Guide to Shabbat, By Ronald H. Isaacs, Jason Aronson, 1 Jan 1998, pg 6
  4. Шабат 118
  5. вид. на пр. Броеви 15:32–36.
  6. Изреки 31:10-31
  7. Ferguson, Joey (May 20, 2011). „Jewish lecture series focuses on Sabbath Course at Chabad center focuses on secrets of sabbath's serenity“. Deseret News.
  8. Шулхан арух, Орах хаим 261.
  9. Изведено од Исаија 58:13–14.
  10. Faigin, Daniel P. (2003-09-04). „Soc.Culture.Jewish Newsgroups Frequently Asked Questions and Answers“. Usenet. стр. 18.4.7. Архивирано од изворникот на 2006-02-22. Посетено на 2009-03-27.
  11. Шулхан арух, Орах хаим 280:1

Надворешни врски[уреди | уреди извор]