Човечки капитал
Човечкиот капитал претставува економски поим кој ги опфаќа знаењата и вештините на човекот стекнати низ формалното образование и низ обуката на работното место.
Дефинирање на човечкиот капитал
[уреди | уреди извор]Во економската теорија, човечкиот капитал се разгледува од два аспекта: од микроекономски аспект, каде што се истражува влијанието на човечкиот капитал врз заработувачката на поединецот; од макроекономски аспект, каде нагласокот е ставен врз придонесот на човечкиот капитал врз економскиот раст. Првиот пристап се среќава во проучувањата на Гари Бекер, Џејкоб Минсер итн., додека вториот пристап е присутен во творештвото на Роберт Лукас, Роберт Баро, Пол Ромер итн. Идејата за човечкиот капитал се појавила како израз на желбата да се квантифицира производната способност на човекот. Оттука, човечкиот капитал се дефинира како збирот на производните вештини и знаења на поединецот, односно ја изразува сегашната вредност на произведените добра и услуги во текто на работниот век на поединецот. Според Џејкоб Минсер, човечкиот капитал може да се дефинира на два начина: како збир на вештини и знаења стекнати низ образованието и низ обуката или како збир на знаењата на поединецот. Во првиот случај, човечкито капитал е еден до производните фактори, додека во вториот случај тој е извор на иновациите. Според Лестер Тароу, поимот „човечки капитал“ е соодветен за означување на производната способност на поединецот поради две причини: прво, поединецот произведува добра и услуги и ќе продолжи да произведува и во иднината, така што човечкиот капитал ја задоволува дефиницијата за капитал како богатство кое создава друго богатство; второ, способностите на човекот можат да се поврзат со инвестициите, бидејќи човечкиот капитал се стекнува само со инвестиции (низ образованието и низ здравствената заштита).[1]
Поимот „човечки капитал“ првпат се појавил во економската наука во 1960-тите во трудовите на Теодор Шулц и Гари Бекер. Претходно, овој концепт немал примена во економската наука, иако поимот „човечки капитал“ првпат го споменал Вилијам Пети во 1691 година во анализата на вредноста на човечките загуби во војните во Англија. Во текот на 19 век и на почетокот од 20 век, економистите го сметале трудот за еднороден (хомоген), т.е. како прост труд кој се сметал само како дополнение на физичкиот капитал (машините). Подоцна, Алфред Маршал во своето дело „Принципи на економијата“ (англиски: Principles of economics) посветил една глава на индустриската обука, забележувајќи дека „личното богатство е во непосредна врска со силата, енергијата, способностите и навиките кои придонесуваат за поголема индустриска ефикасност на работниците.“ Сепак, до крајот на 1950-тите, концептот на човечкиот капитал немал голема значење во економската теорија, а главната дилема во тоа време се однесувала на тоа дали самиот човек треба да се смета како капитал или пак неговите знаења и вештини.[2]