Човекот со филмската камера

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Човек со филмска камера)

„Човекот со филмската камера“ (руски: Человек с киноаппаратом) — советски документарен филм од 1929 година, во режија на Ѕига Вертов, кој е автор и на сценариото. Главната улога ја игра: Михаил Кауфман.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Филмот започнува со објаснувањето дека претставува експеримент во кој режисерот сака да создаде нов универзален филмски јазик, кој ќе раскрсти со театарскиот јазик и во кој нема сценарио и сценографија. Во продолжение, во филмот се прикажуваат различни сцени од секојдневниот живот, уличниот сообраќај, работата на фабриките и телефонските централи, движење на воз, луѓе на плажа, спортски активности итн. За сето време се прикажува и човек со филмска камера.

Осврт кон филмот[уреди | уреди извор]

Во 1999 година, во гласањето на Village Voice, филмот го зазел петтото место во изборот на најдобрите филмови на XX век.[1] Во 2012 година, списанието „Сајт енд саунд“ (Sight and Sound) го рангирало овој филм на осмото место на списокот на најдобрите филмови во историјата, а во изборот на истото списание, филмот бил прогласен за најдобар документарен филм на сите времиња. Тој претставува врвно остварување на филмската теорија на Вертов за „кино-око“ со која се обидел да докаже дека камерата е слична на окото и дека затоа е најдобро да се користи за документирање на вистинскиот живот. Оттука, според неговата теорија, документарниот филм одговара повеќе на тогашните нови комунистички услови на уметноста отколку старата драматуршка кинематографија. Вертов ја развил оваа теорија за време на Граѓанската војна во Русија, кога работел како монтажер во одделот за пропаганда на Црвената армија, каде ги монтирал познатите филмски репортажи „Кинонедела“. Со својот пристап на работа, Вертов сакал да покаже дека монтажерот може да биде главниот автор на филмот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, Man with a Movie Camera (1929)Awards (пристапено на 30.6.2020)
  2. Кинотека на Македонија, „Програма ноември 2015“.