Човек без својства
„Човек без својства“ (германски: Der Mann ohne Eigenschaften) — роман на австрискиот писател Роберт Музил. Првиот том на романот бил објавен во 1930 година, а две години подоцна се појавил и вториот том, со што делото достигнало 1700 страници. Музил продолжил и понатаму да работи на делото, а дополнителниот материјал од 700 страници биле посмртно објавени во 1943 година, како трет том.[1]
За делото
[уреди | уреди извор]Романот содржи вкупно 123 глави при што секоја носи некој необичен наслов, како: „И човекот без својства има татко со својства“, „Од животните особини на богатите луѓе“ итн. Одделните глави се прилично неповрзани една со друга, исполнети со бројни дигресии и асоцијации, но сите даваат критичка слика, духовна и општетсвена панорама на повисоките општетствени слоеви во Виена во периодот пред Првата светска војна — слика на интелигенцијата, службениците, државната бирократија, високите финансиски кругови и благородништвото. Со примена на интензивни дијалози и со вметнати есеистички размислувања, тој ја прикажува интимната поврзаност на главниот јунак со општествените услови при што романот има изразени автобиографски црти. Главниот лик, Улрих, е човек на возраст од 30 годинимногу образуван и надарен, кој, благодарение на татко му, има силни врски во царскиот дворец и во дипломатијата. Сите негови обиди да направи „нешто“ пропаѓаат, така што тој е вистински декадент и неработник. Покрај него, во романот се јавуваат и бројни други ликови преку кои писателот прикажува одделни човечки ставови во сложеното капиталистичко општество. Со својот изграден културен јазик, романот покажува одредена аналогија со теоријата на релативноста, со квантната физика и со Хајзенберговите „коегзистирачки можности“, првенствено изразена во укинувањето на законите на детерминистичкото и каузалното размислување. Изразувајќи недоверба кон секоја идеологија, делото претставува потрага по хуманата егзистенција, односно, според зборовите на Музил, по „друга сосотјба“.[2]