Прејди на содржината

Човек-пајак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Човек-пајак
Корицата на стрипот „Web of Spider-Man“ бр. 129.1 (октомври 2012)
Издавање
ИздавачMarvel Comics
Прво
појавување
Amazing Fantasy бр. 15 (август 1962)
АвториСтен Ли
Стив Дитко
Информации
Пријателски
врски
  • Одмаздници
  • Фантастичната четворка
  • Нови одмаздници
  • Daily Bugle
Познати
моќи
надчовечка сила, брзина, извонредна подвижност, пајаково сетило и способност за качување по вертикални површини

Човек-пајак (англиски: Spider-Man; разговорно: Спајдермен[1]), со вистинско име Питер Бенџамин Паркер (англ. Peter Benjamin Parker) — суперхерој што се појавува во стриповите на издавачката куќа Marvel Comics, создаден од Стен Ли и Стив Дитко. Од неговото прво појавување на страниците на стрипот Amazing Fantasy бр. 15 (август 1962), тој станал еден од најпопуларните суперхерои во светот. Ли и Дитко го замислиле ликот како тинејџер сирак, одгледан од својот чичко и тетка, кој го усогласува животот на обичен студент со борбата против злосторништвото. Човек-пајак поседува суперсила, зголемена подвижност, „пајаково сетило“, како и способност да се прилепува на вертикални површини и да исфрла пајажина од рацете со помош на уред што е негов изум.

Пред појавата на Човек-пајак во 1960-тите, тинејџерите во стриповите за суперхерои обично биле само нивни помошници. Стриповите за Човек-пајак ги разбиле овие стереотипи, претставувајќи го како главен херој еден осамен тинејџер, отфрлен од многу врсници, кој немал искусен наставник, како што Стив Роџерс го имал Баки или Бетмен го имал Робин. По смртта на неговиот чичко Бен, тој морал сам да научи дека „со голема моќ доаѓа и голема одговорност“ (англ. With great power there must also come great responsibility).

Marvel издала многубројни серии стрипови за Човек-пајак. Првата од нив е The Amazing Spider-Man (македонски: Чудесниот Спајдермен), чие излегување продолжува до денес. Низ годините, Питер Паркер бил срамежлив ученик во средно училиште, проблематичен студент на колеџ, оженет професор, па дури и шеф на мултимилијардерска компанија, како и член на неколку екипи суперхерои, како што се Одмаздниците, Новите одмаздници и Фантастичната четворка. Најкарактеристичниот приказ на Питер Паркер надвор од костумот на Човек-пајак е ликот на независен фотограф, улога што се користела во стриповите долги години.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Питер Паркер е срамежлив тинејџер, честопати запоставен од своите врсници поради неговите одлични оценки и примерното однесување во училиштето. Тој е сирак што живее со својот чичко Бен и тетка му Меј. На една научна изложба, Питер е каснат од пајак што бил изложен на радиоактивно зрачење. Набрзо по каснувањето, момчето почнува да се чувствува лошо, но потоа открива дека се стекнал со зачудувачки рефлекси и бързина, како и способност да се качува по ѕидови, слично на пајак.

За да ги испита своите моќи, но и да заработи малку пари, Питер се пријавува на натпревар во борење. Носејќи маска, тој покажува натчовечка подвижност и сила, совладувајќи дотогаш непоразен борец. Откако стекнува слава и одредена сума пари, Паркер прави попривлечен костум за да го сокрие својот идентитет и ја нарекува својата нова преобразба — Човек-пајак. Во овој изглед, тој се појавува во низа телевизиски емисии и станува светски позната личност. Една вечер, уморен од поредниот настап, Питер намерно дозволува еден злосторник да му побегне. По некое време, пред својот дом гледа полициско возило и дознава дека неговиот чичко Бен бил смртно застрелан од крадец што се обидел да го ограби домот. Човек-пајак го фаќа убиецот и во него го препознава токму злосторникот на кој претходно му дозволил да побегне. Тогаш Питер сфаќа дека „со голема моќ доаѓа и голема одговорност“.

По смртта на чичко Бен, семејството запаѓа во финансиски тешкотии. Самата тетка Меј не може да ги покрие сите сметки. Иако размислува да се откаже, Питер Паркер продолжува да настапува како Човек-пајак за да ѝ помогне на својата тетка. Меѓутоа, неговата кариера во шоу-бизнисот неочекувано прекинува поради нападите на влијателниот издавач на весникот „Дневен трубач“ (Daily Bugle), Џеј Џона Џејмисон, кој смета дека костумираниот суперхерој е опасен за јавноста. Дури и кога Човек-пајак го спасува синот на уредникот, пилотот Џон Џејмисон, од несреќа со неговата капсула, тоа само ја засилува антикампањата против маскираниот херој. На крајот, дури и самата тетка Меј признава дека се надева дека набрзо ќе го фатат „овој јавен злобник“, Човек-пајак.

  1. Официјалното име за Spider-Man на македонски јазик е Човек-пајак, иако во некои официјални преводи на филмови стои Спајдермен.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]