Човековата судбина
Романска поштенска марка со Андре Малро и Човековата судбина | |
| Автор | Андре Малро |
|---|---|
| Изворен наслов | La Condition humaine |
| Преведувач | Љубица Спасковска |
| Земја | Франција |
| Јазик | Француски |
| Жанр | Роман |
| Издавач | Магор |
Издадена | 1933 (Мак. прев. 2013) |
| Страници | 263 (македонско издание) |
| ISBN | 978-608-223-190-7 |
„Човековата судбина“ (француски : La Condition humaine) — роман на францускиот писател Андре Малро, првпат објавен во 1933 година. Дејството се одвива во Шангај во текот на 1927 година. Романот го следи неуспешното комунистичко востание и егзистенцијалните дилеми со кои се соочува разновидна група ликови поврзани со револуцијата. Заедно со романите „Les Conqérants “ (1928; „Освојувачите“) и „La Voie royale“ (1930; „Кралскиот пат“), романот образува трилогија посветена на темата на револуцијата во Азија.
Во 1934 година, романот бил двапати преведен на англиски јазик. Првиот превод бил од Хокон Шевалие под наслов „Човековата судбина“, и бил објавен од издавачката куќа Харисон Смит и Роберт Хас во Њујорк. Овој превод бил вклучен во изданието на „Рандом Хаус“ од „Модерн лајбрири“ од 1936 година и е во употреба до ден-денес.
Вториот превод го направил Аластер Мекдоналд под наслов „Шангајска бура“, објавен во Лондон од „Метуен . Овој превод е повторно објавен во 1948 година под наслов „Човечко наследство“, а во 1961 година е објавен од „Пингвин“. Сепак, овој превод повеќе не е во печат.
На македонски јазик е издаден во 2013 година од издавачката куќа Магор под името „Човековата судбина“ во превод на Љубица Спасковска.
Во 1958 година, германско-американската филозофка Хана Арент го објавила своето теоретско дело „Човековата состојба“, едно од нејзините најважни филозофски дела. Англискиот наслов на книгата е идентичен со изворниот француски наслов на романот на Малро (La Condition humaine), што можело да доведе до забуна. За да се избегне тоа, францускиот превод на книгата на Арент првпат бил објавен под насловот Condition de l'homme moderne („Состојбата на современиот човек“), а подоцна како La Condition humaine и La Condition humaine moderne, додека денес на француски е најчесто позната како La Condition de l'homme moderne.
Дејство
[уреди | уреди извор]Романот се одвива во раздобје од 22 дена, претежно во Шангај, и се фокусира на група социјалистички бунтовници и други актери вклучени во политичкиот и идеолошкиот судир во Кина во 1927 година. Четирите главни ликови се Чен Та Ер, Кјоши „Кјо“ Жизор, советскиот агент Катов и баронот Клапик. Нивните индивидуални судбини се испреплетуваат низ целиот роман, истражувајќи теми на револуција, идеолошка посветеност, човечко страдање и егзистенцијални дилеми.
Чен Та Ер е млад револуционер кој на почетокот на романот извршува политички атентат, убивајќи еден претставник на власт. После тоа, сè повеќе го опфаќа чувството на фатализам и отсуство на лична контрола. Набргу потоа, учествува во неуспешен самоубиствен бомбашки напад врз Чанг Кај Шек во кој го губи животот. Неговото однесување по атентатот одразува постепено отстапување од индивидуалниот морал и преобразба кон состојба во која е воден од идејата за должноста на терорист и револуционер. Постојаното присуство на смртта и свеста за сопствената минливост го водат до желба за сопствено уништување како начин да се стави крај на неговото внатрешно страдање.
Кјо Жизор е еден од главните ликови и водач на комунистичкото востание. Воден од егзистенцијалистичкото верување дека секој мора сам да го одреди значењето на својот живот, тој решително го отфрла потчинувањето на надворешните авторитети, било политички или идеолошки. Низ целата приказна, тој се стреми да ја одржи контролата врз револуционерното движење во рацете на работниците, спротивставувајќи се на влијанието на војската на Куоминтангот. Во исто време, се соочува со лични предизвици во односот со неговата сопруга Меј, кои ја одразуваат неговата борба помеѓу јавната одговорност и приватните чувства. На крајот од романот, откако е заробен, Кјо донесува конечна независна одлука да изврши самоубиство со земање цијанид, во чин што го симболизира неговото решително одбивање да капитулира пред репресивниот систем.
Катов е советски комунист и поранешен учесник во Руската граѓанска војна, во која веќе се соочил со погубување, но бил спасен во последен миг. Ова искуство влијаело врз неговото чувство за психолошка отпорност и прифаќање на можноста за смрт. Откако бил сведок на самоубиството на Кјо, Катов со стоичка смиреност гледа како еден по еден револуционерите се изведувани и фрлани живи во горилникот на парна локомотива. Тој се подготвува да ја употреби капсулата со цијанид што ја носи со себе за да избегне смрт во агонија. Меѓутоа, кога слуша двајца млади кинески активисти како во паника зборуваат за својот страв од изгореници, тој одлучува да им го даде отровот, бидејќи има само една капсула доволна за двајца. Тој самиот останува без можност да ја избегне сопствената смрт, но дејствува во дух на солидарност и жртва. Неговата смрт е чин на тивко јунаштво и етичка доследност.
Баронот Клапик е ексцентричен француски трговец, криумчар и хроничен коцкар чие однесување често е во спротивност со суровата политичка стварност што ги опкружува другите ликови. Познат по своето ведро расположение, духовитоста и надворешната безгрижност, Клапик во суштина претставува лик кој користи хумор и авантуризам како начин да избега од своите внатрешни страдања. Му помага на Кјо да криумчари оружје за бунтовниците и кога дознава дека Кјо ќе биде убиен ако не го напушти градот во рок од 48 часа, се обидува да го предупреди. Сепак, по патот, бива обземен од неговата коцкарска зависност и ја одложува акцијата. Коцкањето го опишува како „самоубиство без умирање“, што го одразува неговиот став кон животот и личната деструктивност. На крајот од романот, тој успева да избега од градот, преправен како морнар.
Ликови
[уреди | уреди извор]- Чен Та Ер – млад револуционер и убиец, еден од главните ликови. Извршува политички атентат и подоцна учествува во самоубиствениот напад на Чанг Кај Шек
- Кјо Жизор – син на стариот Жизор и водач на комунистичкиот бунт во Шангај; верува во самостојно одредување на смислата на животот. Еден од главните ликови.
- Баронот Клапик – француски трговец, криумчар и страстен коцкар. Неговата надворешна ведрина ја прикрива внатрешната несигурност и страдање. Им помагал на револуционерите во криумчарењето оружје.
- Стариот Жизор – таткот на Кјо, некогашен професор по социологија на Универзитетот во Пекинг. Зависник од опиум и интелектуален водач за Кјо и Чен
- Меј Жизор – сопруга на Кјо, германска лекарка родена во Шангај. Нејзината врска со Кјо ги одразува нејзините лични и идеолошки напнатости
- Катов – советски комунист и еден од организаторите на востанието. По заробувањето се жртвува за да ги спаси помладите соборци и умира со мачна смрт.
- Хемелрих – белгиски продавач на фонографи. Претставува лик на странец вклучен во трговскиот и културниот живот на Шангај
- Ју Хсуан – партнер на Хемелрих
- Кама – јапонски сликар и зет на стариот Жизор
- Ферал – претседател на Француската стопанска комора и шеф на Француско-азискиот конзорциум. Неговиот однос со Валери открива патријархална и сопственичка перцепција на жената
- Валери – партнерката на Ферал, емотивно и друштвено врзана за него
- Кониг – шеф на полицијата на генералот Чанг Кај Шека; претставник на државната репресија
- Суан – млад кинески терорист који му помага на Чен; подоцна уапсен во нападот во кој Чен погинува
- Пеј – уште еден Ченов помошни при подготовката на атентатот
Награди и номинации
[уреди | уреди извор]Романот „Човековата судбина“ ја освоил наградата Гонкур во 1933 година, која се смета за најпрестижна награда во француската книжевност. Во 1999 година, „Ле Монд“ го рангирал на петтото место на својот список на 100-те најдобри книги на векот. Од објавувањето, романот е продаден во повеќе од пет милиони примероци на француски јазик, вклучувајќи ги сите изданија, што го прави едно од најпродаваните дела што ја освоиле наградата Гонкур.[1]
Критички прием
[уреди | уреди извор]Новинарот Кристофер Хиченс забележал дека, иако Андре Малро речиси и да не поминал време во Кина, романот „Човековата судбина “ „ја истакнува растечката важност на Азија во светските работи; опишува епски мигови на страдање и превирања, особено во Шангај (пред скоро бил снимен од Сергеј Ејзенштајн); и покажува огромна почит кон комунизмот и комунистите, а во исто време ја евоцира трагедијата на револуцијата предадена од Москва“.[2]
Биографот на Малро, Оливие Тод, го наведува романот велејќи дека „не бил ниту вистинит ниту лажен, туку она што било доживеано“ и забележува дека Кина на Малро била „ниту вистинита во своите подробности ниту лажна во својата целост, туку сепак имагинарна“. Тој додава дека „не може сосема да се ослободи од конвенционалната претстава за Кина со кулиња, бамбусови никулци, пушачи на опиум, сиромаси и проститутки“.[3]
На задната корица од изданието на „Пингвин“ од 1961 година, преводот на Мекдоналд го опишува Малро како „член на револуционерниот комитет“ во Шангај, што е неточна изјава. Според Клара Малро, сопругата на Андре Малро, тие не ја посетиле Кина сè до 1931 година, околу четири години по настаните опишани во романот.[4][5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Nicolas Gary (2021-02-22). „L'Amant de Duras n'est pas le prix Goncourt le plus vendu“ (француски). ActuaLitté.
- ↑ Hitchens, Christopher (10 April 2005). „Malraux': One Man's Fate“. New York Times.
- ↑ Todd, Olivier (2005). Malraux : A Life. New York: Alfred A. Knopf. стр. 110. ISBN 0375407022.
- ↑ Malraux, André (1961). Man's Estate. Преведено од Macdonald, Alastair. Great Britain: Penguin Books. ISBN 9780140181364.
- ↑ Malraux, Clara (1967). Memoirs. Преведено од O'Brian, Patrick. New York: Farrar, Straus & Giroux. стр. 257.