Чилам Балам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Копија на книгата Чилам Балам, Национален музеј за антропологија, Мексико

Чилам Балам е мајански ракопис пишуван главно во XVII и XVIII век, наречен така според малите јукатански гратчиња каде се чувале. Овој ракопис содржи традиционално знаење на Маите, помешано со првите шпански традиции. Книгата е пишувана на јукатански јазик со употреба на латинско писмо. Ракописот му се припишува на легендарниот автор Чилам Балам, каде зборот „чилам“ (chilam) означува „свештеник“, а „балам“ (balam) било често презиме со значење „јагуар“. Некои од текстовите содржат предвидувања за доаѓањето на Шпанците на Јукатан.[1]

Познати се девет книги на Чилам Балам,[2] меѓу кои најважни се оние од Чумајел, Мани и Тисимин,[3] но се смета дека постоеле повеќе од девет книги. Јазикот и содржината покажуваат дека делови од книгите потекнуваат од времето на шпанското освојување на Јукатан (1527–1546). Во некои делови, книгата наликува на хиероглифски текст, со што укажува дека потекнува од времето пред освојувањето.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгите на Чилам Балам го прикажуваат духовниот живот на Маите на Јукатан. Содржат медицински текстови, хроники, загонетки, прогнози, и во голема мера традиционални мајански метафори. Историските текстови се важни заради тоа што се дадени во рамките на мајанскиот календар, делумно адаптиран на европскиот календарски систем. Многу е тешко да се направи реконструкција на историјата според овие податоци. Следува краток преглед на текстовите од Чилам Балам.

1. Историја

  • Историски настани, легенди за миграциите, приказни за конкретни владетели на домородните кралства, хроники до и по шпанското освојување.
  • Прогнози, пишувани со употреба на хааб (година), тун (период од 360 дена) и катун (период од 20 туни, или 20х360 дена = 7200 дена).
  • Предвидувања, се припишуваат на познатите свештеници од почетокот на 16 век.

2. Метафори и формули

  • Збирка на загонетки, кои се користеле за потврдување на локалните владетели (исто така наречени и „јазикот на Зујуа“).

3. Митови и мистицизам

  • Митови, главно за уништувањето и повторното создавање на светот.[4]
  • Ритуали, посебно со осврт кон создавањето на имињата на деновите (мајански календар); ритуалот на „Четирите согорувачи“ (ахток); и за раѓањето на пченката или „божествената милост“ (исто така наречена и 'Ритуал на ангелите').[5]

4. Практичен календар

  • Класификација според дваесетте дена со имиња (во корелација со птици, растенија и дрвја, човечки одлики и професионални активности).
  • Расправа за астрологија, метеорологија и католичкиот календар на литургии. Астрологијата е Птоломејска и го вклучува европскиот зодијак.
  • Земјоделски алманах.

5. Медицински рецепти

  • Билна медицина: книгите содржат медицински совети и рецепти кои потекнуваат од грчката и арапската традиција, а не се мајански традиции, какви што се претставени во Ритуалите на Бакаб.[6]

6. Шпански традиции

  • Римокатолички поуки: денови во кои се празнуваат светци, трактати и молитви.
  • Шпански витешки роман, како приказната за ‘Девица Теодора’.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Roys 1967: 3, 186-187
  2. Paxton 2001:193-194
  3. Roys 1967:6
  4. Knowlton 2010:53-85
  5. Roys 1967:107-113
  6. Paxton 2001: 191