Четириесет Севастиски војници - маченици (икона)
Иконата Четириесет Севастијски војници - маченици потекнува од 11 век. Сликана е со темпeра на платно, а основната подлога е штица. Димензиите и се 44 x 33 cm. Првобитно била изложена во црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент) во Охрид. Денеска се наоѓа во Галеријата на икони, Охрид.
Состојба
[уреди | уреди извор]Оштетена е на повеќе места. Грундот, заедно со боениот слој, отпаднал, при што наполно се уништени неколку глави на мачениците, а еден број се тешко оштетени.
Рамката е многу оштетена. Во сегментот небо, наполно е оштетена фигурата на Исус Христос. Сигнатурата е делумно оштетена.
Иконографија
[уреди | уреди извор]Покрај порочуената мозаична икона “Четириесет маченици“ од Думбартон Оакс, датирана во 14 век, и една истовремена, непубликувана икона од Хиландар, охридската е најстар примерок од овој вид. Во фреско-сликарството во Македонија оваа композиција е насликана во следниве цркви: Св. Софија, Охрид и Св. Леонтие, Водоча, во периодот на XI век. Подоцна, оваа тема е сликана во црквата Св. Архангел Михаил на манастирот посветен на пустиножителот Гаврило Лесновски во с. Лесново - Злетовско. Се среќава и во сликарството на Жича и Дечани, како и во други цркви. Познати се минијатурите во Британскиот музеј и од Московската синодална библиотека, како и иконите во слонова коска од Берлин и Петроград.
Потекло
[уреди | уреди извор]Не е познато од која охридска црква потекнува оваа икона. Може да се претпостави дека таа биле изработена за црквата Св. Софија во Охрид. Меѓутоа, стилската анализа покажува дека не се работи за рака на зограф што работел на живописот на оваат катедрална црква.
Конзервација
[уреди | уреди извор]Конзервацијата е извршена во лабораторијата на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата - Скопје.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- ЧЕТИРИЕСЕТ СЕВАСТИЈСКИ ВОЈНИЦИ - МАЧЕНИЦИ Архивирано на 23 јуни 2007 г.