Честитка (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Честитка (хрватски: Čestitka) е расказ од хрватскиот писател Антун Густав Матош.

Содржина[уреди | уреди извор]

На 31 декември, околу осум часот навечер, од својот дом, на крајот на селото Јабуковац, тргнуваат кон дворецот чичко Мартин и неговата ќерка, Љубица. Двајцата се упатуваат кон дворецот каде чичко Мартин долги години служел како градинар, со цел на новиот гроф да му ја честитаат Новата година. Притоа, Љубица има научено една песничка која треба да му ја изрецитира на грофот. На Љубица ѝ се врти едно име низ главата - Евелина, кое го прочитала еднаш на еден портрет, но не знае ништо во врска со тоа. Кога стигнуваат во дворецот, таткото ѝ ја покажува на Љубица собата во која што се родила, а тогаш таа се потсетува на својата покојна мајка, која работела како собарка во дворецот и која еднаш ја нашле полудена. Тогаш, повторно во ушите на Љубица заѕвонува името Евелина.

Во дворецот, Љубица го сретнува момчето Ѓуро, син на управникот на дворецот. Кога пристигнува полноќта, во главната сала доаѓа грофот со својата придружба и ги поздравува присутните. Тогаш, Љубица започнува да ја рецитира песната, но не може да продолжи понатаму. Грофот ја погледнува Љубица и на еден од своите придружници му кажува дека таа неверојатно личи на неговиот стрико. Тогаш, тој се наведува за да ја бакне, а Љубица грубо му ја турка главата. Затоа, грофот им дава пари на сите деца, освен на Љубица. Поради тоа, нејзиниот татко е бесен и сака да ја истепа. Љубица бега од дворецот, а по неа истрчува Ѓуро.

Вечерта, Мартин се опијанува од виното и заборава на Љубица, мислејќи дека останала заедно со другите деца. Утредента, кога не ја наоѓа дома, тој се враќа во дворецот и ги буди слугите и со нив заминува во потрага по Љубица. Неа ја наоѓаат замрзната во една дупка во полето, а кога го извлекуваат нејзиното тело, покрај неа го наоѓаат и Ѓуро, кој сè уште е жив. Дури тогаш, чичко Мартин започнува да тажи по својата мртва ќерка.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Antun Gustav Matoš, „Čestitka“ во: Midhat Begić (Urednik), Antun Gustav Matoš I, Svjetlost, Sarajevo, 1962, стр. 69-77.