Прејди на содржината

Челичниот алхемичар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Челичниот алхемичар
Корицата на првиот том, на која се прикажани браќата Едвард (десно) и Алфонс Елрик (лево)
鋼の錬金術師
(Hagane no Renkinjutsushi)
Жанр
Манга
АвторХирому Аракава
Издавач
Англиски издавач
ИмпринтGangan Comics
СписаниеMonthly Shonen Gangan
Оригинално прикажување 12 јули 200111 јуни 2010
Број на томови27
Лесен роман
АвторМакото Иноуе
ИлустраторХирому Аракава
ИздавачSquare Enix
Англиски издавач
Оригинално прикажување 28 февруари 200322 април 2010
Број на томови10
Аниме-серии
Играни филмови
  • Челичниот алхемичар (2017)
  • Челичниот алхемичар: Одмаздата на Скар (2022)
  • Челичниот алхемичар: Последната трансмутација (2022)
Икона за портал Портал: Аниме и манга

Челичниот алхемичар (јапонски: 鋼の錬金術師, англиски: Fullmetal Alchemist) — манга напишана и илустрирана од Хирому Аракава. Серијата била објавувана во списанието Monthly Shonen Gangan на Square Enix во периодот од јули 2001 до јуни 2010 г.; издавачот подоцна ги собрал поединечните поглавја во 27 тома танкобон. Сместена во измислена вселена каде алхемијата е широко распространета наука, серијата ги следи патешествијата на двајца браќа алхемичари, Едвард и Алфонс Елрик, додека го бараат каменот на мудроста за да ги повратат своите тела по неуспешниот обид да ја вратат својата мајка во живот преку алхемија. Светот стимпанк на Челичниот алхемичар е првенствено стилизиран според европската Индустриска револуција.[1]

Челичниот алхемичар е адаптиран во неколку аниме-верзии — две телевизиски серии, објавени во 2003 и 2009 г., и два филма, објавени во 2005 и 2011 г., сите анимирани од студиото Bones — како и во лесни романи. Серијата исто така вклучува оригинални видеоанимации (OVA), видеоигри, дополнителни книги, игра со карти и разни фигури и друга стока. Игран филм заснован на серијата бил објавен во 2017 г., со две продолженија во 2022 г.

Челичниот алхемичар добил широко признание од критичарите и публиката и се смета за една од најдобрите манги на сите времиња. Продадена е во над 80 милиони примероци ширум светот, што ја прави една од најпродаваните манги на сите времиња. Добитничка е на 49-тата награда за манга на Shogakukan во категоријата „шонен“ во 2004 г., британската награда „Eagle“ за омилена манга во 2010 и 2011 г., и наградата „Сеиун“ за најдобар научнофантастичен стрип во 2011 г.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Дејството на серијата се одвива во свет што наликува на Земјата од почетокот на XX век. Нивото на технологијата, со исклучок на роботиката, главно одговара на споменатиот период. Меѓутоа, во овој свет широко се користи алхемијата — вид наука што ги користи законите на физиката и хемијата за преобразба на материјата.

Основниот закон на алхемијата е Законот за еквивалентна размена — за да се добие нешто, мора да се жртвува нешто со еднаква вредност. Алхемичарите можат да ги претвораат едни супстанции во други и да го менуваат обликот на предметите. Најдобрите алхемичари можат да полагаат испит за титулата државен алхемичар, која му носи на сопственикот висока општествена положба и пристап до посебни државни фондови.

Државното уредување на земјата Аместрис, каде што се одвива дејството, потсетува на тоталитарна држава. Иако во земјата постои парламент, вистинската власт е сконцентрирана во рацете на војската. Врховниот командант на армијата (фирерот) е истовремено и шеф на државата и практично не подлежи на никаква контрола.

Заплетите на аниме-серијата од 2003 г. и изворната манга се совпаѓаат до 26-тата епизода, по што меѓу нив настанува суштинска разлика. Ова се случило бидејќи во времето на создавање на првата серија, авторката Хирому Аракава сѐ уште ги немала завршено сите томови, па сценаристите на анимето пишувале сопствено сценарио без нејзино учество.

Аниме-адаптацијата од 2009 г., позната како Челичниот алхемичар: Братство, речиси целосно го следи заплетот на изворната манга. Во мангата, наместо Данте, со хомункулусите управува таинствениот „Татко“ — творецот на сите хомункулуси. Неговите точни планови се непознати, иако главните ликови се сомневаат дека тој има намера да го искористи целото население на Аместрис како огромен алхемичен круг за создавање на каменот на мудроста.

Аниме од 2003 г.

[уреди | уреди извор]

Браќата Едвард и Алфонс Елрик се деца што живеат во малото гратче Ризембург. Нивниот татко, Ван Хоенхајм — еден од најнадарените алхемичари — ги напуштил додека биле многу мали. Подоцна, нивната мајка умира од неизлечива болест. Сосема случајно, тие ја запознаваат познатата алхемичарка Изуми Кертис, која се согласува да им стане учителка по алхемија.

По завршувањето на обуката, тие се враќаат дома и го прекршуваат најголемото табу во алхемијата — се обидуваат да ја воскреснат својата почината мајка. Ова води до трагедија во која Едвард ги губи својата рака и нога, додека Алфонс го губи целото свое тело.

Подоцна, Едвард, како понадарен од браќата, стапува во војската и станува најмладиот државен алхемичар. Оттогаш, браќата патуваат за да го најдат каменот на мудроста, за кој веруваат дека ќе им ги врати телата. Меѓутоа, ситуацијата се усложнува бидејќи каменот не го бараат само тие, туку и хомункулусите — група суштества со човечки лик што во себе носат делови од каменот на мудроста, што им овозможува да зацелат од речиси секоја нанесена рана.

На крајот се открива дека со хомункулусите управува надарената алхемичарка Данте (во аниме-верзијата од 2003 г.), која сака да постигне бесмртност со помош на каменот на мудроста.

Едвард Елрик (јап. エドワード・エルリック) — исклучително надарен алхемичар, способен да врши преобразби без помош на алхемиски круг. Тој го положил испитот за титулата државен алхемичар на само 12 години, со што станал најмладиот во историјата што некогаш го добил овој статус. Тогаш, од самиот врховен командант го добил своето воено име (прекар) — Челичниот Алхемичар. Своите рака и нога ги изгубил обидувајќи се да ја воскресне мајка си со помош на алхемија. Неговата цел е да го пронајде каменот на мудроста за да си ги врати своето и телото на својот брат во првобитната состојба.

Ед е момче со силен дух што нежно го сака својот брат, иако често го крие тоа зад својата грубост. Целосно посветен и решителен, тој верува дека мора да му го врати телото на својот брат по секоја цена. Има комплекси поради својот низок раст и секогаш бурно реагира на какви било забелешки или шеги на таа тема. Едвард длабоко го презира својот татко — Хоенхајм, кој го напуштил семејството додека браќата биле многу мали. Едвард го обвинува татко си за смртта на нивната мајка, која многу страдала по неговото исчезнување.

Алфонс Елрик (јап. アルフォンス・エルリック) — помалиот брат на Едвард. Поради неговиот изглед на огромен воин облечен во железен оклоп, луѓето честопати го мешаат со постариот брат Елрик — славниот Челичен Алхемичар. Малкумина знаат дека всушност оклопот е празен однатре. Кога браќата се обиделе да ја воскреснат својата мајка со помош на алхемија, Ал го изгубил своето вистинско тело, но Едвард успеал да ја приврзе неговата душа за стариот оклоп со помош на алхемиски круг испишан со сопствената крв. Ако кругот се избрише, Ал ќе загине.

Благоста и сочувствителноста на Ал го урамнотежуваат темпераментот на неговиот постар брат, што често ги спасува од многу неволји. Иако Ал е исклучително вешт во алхемијата исто како и Едвард, сепак малку заостанува зад него во мајсторството на оваа вештина.

  1. 鋼の錬金術師 BOOKS (јапонски). Square Enix. Архивирано од изворникот на 22 август 2008. Посетено на 19 април 2008.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]