Прејди на содржината

Челичната дама (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Челичната дама“ (англиски: The Iron Lady) е филм од 2011 година, во режија на Филида Лојд, а според сценариото на Аби Морган. Главните улоги ги толкуваат: Мерил Стрип (Meryl Streep), Џим Бродбент (Jim Broadbent), Оливија Колман (Olivia Colman), Ричард Грант (Richard E. Grant) и Ентони Хед (Anthony Head). За улогата на Тачер, во 2012 година, Мерил Стрип ги добила наградите „Оскар“ и „Златен глобус“ за најдобра главна женска улога, а филмот добил уште еден „Оскар“ за најдобра шминка. Исто така, филмот добил уште 20 други награди и имал 37 номинации.[1] [2] [3] Сепак, децата на Маргарет Тачер, Марк и Керол, биле незадоволни од начинот на којшто нивната мајка е прикажана во филмот.[4]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Филмот е ретроспектива на кариерата на поранешната премиерка на Британија, Маргарет Тачер. Додека остарената Тачер (ја игра Стрип) ја пакува облеката на својот сопруг, кој умрел неодамна, таа започнува змаислен разговор со него, раскажувајќи за својата политичка кариера. Притоа, најпрвин е прикажана нејзината младост, кога таа работела во семејната продавница и со занос ги слушала политичките говори на својот татко; потоа, таа се запишува на Оксфордскиот универзитет, по што се мажи за Денис (го игра Бродбент). На почетокот, таа наидува на бројни пречки додека навлегува во политиката, а врвот на нејзината политичка кариера доаѓа кога е избрана за првата премиерка на Обединетото Кралство. Таа е конзервативна, непоколеблива дама со челична волја, која и во семејството и во јавниот живот се наметнува како авторитативна личност. Тачер покажува бескомпромисност и во критичните моменти, како што се големите штрајкови на рударските и бродските работници или за време на војната за Фолкландските острови.[5] [6]