Прејди на содржината

Часови без часовник (сонетен венец)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Часови без часовник (сонетен венец)
АвторВладимир Мартиновски
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрпоезија
Издавач„Арс Ламина“, Скопје
Издадена
2025
Медиумпечатено издание
Страници40
ISBN978-608-280-094-3

„Часови без часовник“ — сонетен венец со 15 сонети, дело од македонскиот поет Владимир Мартиновски. Ликовно-графичкото уредување е на Анета Илиевска. Книгата е издадена во 2025 година во Скопје, од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во предговорот на книгата „Часови без часовник“[1], Анастасија Ѓурчинова истакнува дека Мартиновски, почитувајќи го Прешерн, се води според структурата на венецот, додавајќи го и петнаесеттиот сонет – магистрал, составен од првите стихови на сите претходни песни. Врзувачко ткиво на овој венец е повторувањето на последниот стих од секој сонет, вклучен како прв во следниот, што дополнително ја усложнува постапката, но ѝ обезбедува и тематско-структурен континуитет на оваа мала лирска поема. „Чукна часот, време е“, упорно потсетува поетот, упатувајќи кон индикативниот наслов на оваа книга, според кој часовите се автентично проживеани и не се мерат со часовници, каде единствениот присутен часовник е оној без стрелки. Накусо, поетското писмо на Мартиновски е тематски актуелно и стилски одмерено, навидум непретенциозно, но длабоко промислено и внимателно избрусено – секогаш љубопитно и подготвено за игри со зборови, за свеж творечки лудизам, за нови и нови потраги по чудесните врски помеѓу обликот, бојата, звукот и значењето.

Според авторот Владимир Мартиновски – секој од сонетите има наслов, што е атипично за сонетен венец. Секоја песна е некој „час“: час по молчење, час по слушање, птичји час… Тоа се часови кои можеби асоцираат на мојата педагошка работа на Филолошкиот факултет, но не се тие класични часови од 45 минути. Тука станува збор за часови кои немаат точно определено време, часови кои не може да се измерат со часовник. Насловот „Часови без часовник“ укажува токму на тоа излегување од стегите на времето. Сите ја чувствуваме таа потреба да излеземе од рамките на времето. А тоа ни го овозможува уметноста во сите нејзини облици – да не го мериме времето... Во овој сонетен венец се преплетуваат работи кои го прават среќен, но и нешта што го загрижуваат – едното без другото не оди. Тоа преплетување – со љубовна, но и ангажирана нишка – се случило сосема спонтано. Овој сонетен венец не настанал класично – авторот го напишал најпрвин петнаесеттиот сонет, за потоа да се враќа наназад.

Технички одлики

[уреди | уреди извор]

Книгата „Часови без часовник“[2], со обем од 40 страници и со димензии од 21 сантиметар, каталогизирана е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK[3] и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-280-094-3. Издавањето на книгата е финансиски помогнато од Министерството за култура. Ликовно-графичкото уредување е на Анета Илиевска.

  1. ↑ „Владимир Мартиновски: Во сонетниот венец „Часови без часовник" се преплетуваат љубовта и нештата што ме загрижуваат“. literatura.mk. Посетено на 2025-09-02.
  2. ↑ „Часови без часовник : сонетен венец“. literatura.mk. Посетено на 2025-09-02.
  3. ↑ Мартиновски, Владимир (2025). Часови без часовник: (сонетен венец). Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис. ISBN 978-608-280-094-3.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]