Црн јаглен, тенок мраз

Од Википедија — слободната енциклопедија

Црн јаглен, тенок мраз (мандарински: Bai ri, yan huo) е кинески филм од 2014 година, во режија на Јинан Диао (Yi’nan Diao), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Лијао Фан (Liao Fan), Гвеј Лун Меј (Gwei Lun Mei), Ванг Џингчун (Wang Jingchun) и Ванг Сјуебинг (Wang Xuebing). Филмот бил снимен во продукција на Omnijoi Media, Boneyard Entertainment China и China Film Co., а продуцент е Вивијан Ку (Vivian Qu). Кинематографијата е дело на Донг Џинсонг (Dong Jinsong), а монтажата ја извршил Хонгју Јанг (Hongyu Yang).

Филмот трае 106 минути и снимен е во колор техника. Филмот бил премиерно прикажан на 12 февруари 2014 година на Берлинскиот филмски фестивал, каде ги добил наградите „Златна мечка“ и „Сребрена мечка“ за најдобар глумец. Вкупно, филмот освоил три награди и имал 14 номинации за разни награди.[1][2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се случува во Северна Кина, каде во едно мало гратче, во 1999 година се појавуваат исечени остатоци од неколку тела, расфрлани на различни локации. Полицијата спроведува истрага и погрешно заклучува дека една од жртвите е работник во локалната фабрика. Потрагата по неговите убијци завршува со крвава пресметка, во која се убиени двајца полициски инспектори. Преживеаниот полицаец, Жанг Зили (го игра Фан Лијао) е суспендиран од работата и тој се вработува како чувар во една фабрика при што се предава на алкохолот.

Пет години подоцна, повторно се случуваат мистериозни убиства. Жеден за одмазда за убиените колеги, Жанг е решен на своја рака да ги открие убијците и започнува сопствена истрага, а во тоа е помогнат од еден полициски инспектор, кој, исто така, неуморно трага по убијците. Жанг открива дека сите убиени некако се поврзани со младата жена Ву Жужен (ја игра Гвеј Лун Меј), која работи во мал дуќан за хемиско чистење. Преправајќи се дека е муштерија во дуќанот, Жанг започнува да ја следи Ву, која го открива, а постепено, Жанг се вљубува во неа.

Испитувајќи ја Ву, Жанг открива дека таинствениот убиец е нејзиниот маж, кој жртвите ги убива со помош на лизгалки за мраз, а потоа, за да ги скрие трагите, ги сече нивните тела на парчиња и ги фрла во товарните возови што пренесуваат јаглен во различни фабрики ширум Кина. Ву се согласува да го предаде мажот, така што полицијата го открива и го убива. Штотуку сите помислуваат дека убиствата се решени, врз основа на една јакна што со годии стои заборавена во дуќанот за хемиско чистење, Жанг открива дека мажот на Ву не е единствениот убиец. Оттука, тој ја притиснува Ву со доказите и таа ја признава својата вмешаност.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMBb, Black Coal, Thin Ice (2014), Awards (пристапено на 30.11.2014)
  2. 2,0 2,1 МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 32.