Црн нарцис (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Црн нарцис (англиски: Black Narcissus) - британски филм од 1947 година во режија на Мајкл Пауел (Michael Powell) и Емерик Пресбургер (Emeric Pressburger). Главните улоги ги играат: Дебора Кер (Deborah Kerr), Кетлин Бајрон (Kathleen Byron), Сабу и Дејвид Фарар (David Farrar). Во 1948 година, филмот освоил две награди „Оскар“ и еден „Златен глобус“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Сестрата Клода (ја игра Кер) е млада калуѓерка во Калкута, која е назначена за управничка на новиот манастир кој треба да биде основан во едно далечно село во Хималаите. Заедно со четири други калуѓерки, таа пристигнува на имотот што го поклонил еден индиски генерал. Таму ги пречекува господинот Дин (го игра Фарар), кој од самиот почеток е нељубезен и скептичен кон идејата за основање манастир на тоа место. Сепак, тој е единствениот маж кој може да им помогне на калуѓерките во разни физички работи. Истовремено, тој доведува една убава девојка во манастирот, која се одликува со немирен дух и слободно однесување. Набргу, во манастирот доаѓа и синот на генералот (го игра Сабу), кој сака да стекне образование, но се вљубува во убавата девојка. Калуѓерките организираат училиште во рамките на манастирот и го подучуваат жените од селото, но набргу се појавуваат сериозни несогласувања меѓу нив: една калуѓерка сака да го напушти калуѓерскиот живот, додека сестрата Рут (ја игра Бајрон) е непослушна и постојано работи против сестрата Клода. Сестрата Клода, пак, е млада и неискусна, па тешко се снаоѓа во водењето на манастирот, а истовремено, кај неа се будат спомените на нејзиниот живот пред да стане калуѓерка, кога имала момче со кое требало да се омажи, но во последен миг тој ја напуштил. Една ноќ, сестрата Рут полудува, ја соблекува свештеничката облека и го напушта манастирот. Таа оди во куќата на Дин и му ја изјавува својата љубов, но тој ја убедува да се врати назад. По враќањето во манастирот, сестрата Рут се обидува да ја убие сестрата Клода, но притоа погинува таа. По тој настан, калуѓерките го напуштаат манастирот и нивната мисија завршува неуспешно.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]