Црнила (драма)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Црниладрама на македонскиот драмски писател Коле Чашуле. Дејството во драмата се случува во 1921 година во Софија[1]. Коле Чашуле е прв автор кој на ваков начин напишал за македонските црнила, за антимакедонштината. Инспирација за да го напише делото му бил вистински , историски настан, убиството на Ѓорче Петров. Идејата е да се прикаже осуда на моралниот пад, "братоубиство" , забивање на нож во грбот-како честа појава во нашата мрачна историја. Темата е убиството, атентат врз Ѓорче Петров од негови соработници. Оваа драма е драма на идеја, драма со теза, драма на апсурдот на една личност, македонска современа драма. Во драмата ликовите се типични херои на едно време и една средина. Тоа се морални престапници кои работаат против својата земја и сопствениот народ. Во оваа драма е прикажан само мал сегмент од нашата историја, сегмент од македонското самоуништување, една македонска тажна страница.

Содржина[уреди | уреди извор]

Составена од четири чина. Драмскиот простор е домот на семејството Христови. Како мото се дадени стиховите на Анте Поповски:

„Долу по полено, по врбацине, до срцево
сè е така ноќ и нож в плеќи забиен
не ме уплашија векови со нож од туѓа рака
ме плаши час од рака своја в плеќи“

Прв чин (експозиција)[уреди | уреди извор]

Овој чин се одвива во домот на Христови. Уште на почетокот е дадена корелацијата помеѓу Иван и Неда (домаќинка во куќата каде е сместена организацијата). Неда всушност е жена на Христов. Но, љубовната врска е испланирана од страна на Луков, поради потребите на организацијата, атетанторската група. Уште веднаш, во првата сцена се запознаваме со целта на органиацијата: испланирано е убиството на Ѓорче Петров. Доколку не успее Луков во оваа последна шанса да се искупи пред организацијата, веднаш ќе го ликвидираат. Во домот на Христови останува само Неда, а Христов го испраќаат од дома. Таа знае што се спрема, но сепак не може да поверува. Дури ѝ е забрането да се дружи со својата долгогодишна пријателка, Милка, која потекнува од комунистичко семејство. Милка е единствената личност која не е на некој начин поврзана со групата. За неа сметаат дека секоја нејзина посета има некоја цел т.е. ја сметаат за смртен непријател и шпион. По заминувањето на Милка од домот на Неда, доаѓаат Христов и Луков, но веднаш се забележува доминацијата на Луков и стравот што сите го чувствуваат од него.

Неда ќе биде опомената од Луков за дружбата со Милка, но ѝ соопштува и нешто друго: ќе донесе во домот уште четворица нови членови, а со едниот од нив, кој досега никој не го познава, нема да смее ништо да го прашува и воопшто да разговара. Овој чин завршува со веста дека Младичот доаѓа, но доцни, останал да го чека следниот воз. За пречекувањето на Младичот се задолжени Иван и Методи, а во групата присутен е и Фезлиев кон кого Луков има посебна слабост.

Втор чин (заплет)[уреди | уреди извор]

И вториот чин се овива во просториите на домот на Христови. Во исчекување се Фезлиев, Иван и Луков да пристигне Методи заедно со Младичот. Низ нивниот разговор, додека го очекуваат Младичот си прават една слика за него: млад, полн со идеали, сериозно верува во својата историска мисија. Во очите на младичот себеси се гледа Фазлиев, кој бил ист како него во младоста, полн со идеали и верен на организацијата која подоцна го срушила неговиот сон. Бидејќи пропаднал во таква организација која работела против вистинската организација, и не можејќи да се оттргне од неа, постојано е пијан, нервозен, отуѓен, а со тоа бега од реалноста. Луков веднаш по пристигнувањето на Младичот му укажува на некои основни правила: да заборави на родното место, на татко и мајка, да си го заборави името, итн. Младичот уште веднаш се претставува, нема ни мајка ни татко, зашто биле убиени. За првпат е во Софија, и никого не познава. За него организацијата е сега негова мајка, тој во неа чувствува дека целосно припаѓа. Дури не го интересира кого треба да убие, зашто ако е за доброто на Македонија, тој тоа ќе го направи. Луков му објаснува дека оној кој ќе го убијат е многу опасен предавник на својот народ, лице од демонски формат, човек пеколно лукав, расипан ... Атентатот го приготвуваат за утредента. Луков му укажува на Методи дека Младичот никако не смее да го види човекот кого го убива и да е целосно просторно дезориентиран. Фазлиев потслушнувајќи го разговорот сфаќа дека се кова убиство и врз Младичот и отстапува од таа „игра“. Вечерта, на стража, не можејќи да ја издржи оваа ситуација, Фезлиев жедно пие и се опива, да заборави дека во младоста бил ист со Младичот.

Трет чин (кулминација)[уреди | уреди извор]

Во овој дел Младичот открива еден многу важен детаљ, а тоа е дека токму Ѓорче Петров е неговиот идеал. Пред Луков се отвора и ја раскажува својата животна приказна: „... Ми се чини дека уште синоќа расправав-сите мои беа заклани од Турците. Откако се заситија од колењето и грабежите, Турците го напуштија дворот. Токму во тој момент на нив удри четата. Турците се дадоа првин на јуриш, а потоа во бегање. Тогаш во дворот влезе човек со голема, веќе подбелена брада, опашан со колани и почна да им дава наредби на комитите на наш јазик. Дури кога ги чув неговите македонски зборови-се отцепи плачењето од мене. Тој ме чу, дојде и ме сметна. Ми ги затвори очите да не гледам и ме изнесе од дворот... Сиве овие години Ѓорче беше за мене сè: и мој животен идеал, и совест човечка и самата - Македонија. Сиве овие години јас неотклоно ја следев таа права линија: да бидам како него, да постапувам како што тој би постапил, да се борам за она за кое се бори тој-со еден збор, да го правам само она што би го направил единствено тој.“ Младичот верува во својот идеал, дури и сè уште му одѕвонуваат неговите зборови...„ Сега веќе синко си голем. Ќе те испратам да бидеш комита. И запамети: отсега имаш само една цел во животот: слободата на Македонија. Гледај синко, да живееш како човек и да умреш за неа ако треба. Та ти и за друго и немаш за што да живееш ...

Оттогаш то верува само во организацијата, и не се сомнева во нејзиното дејствување. Тој решава да направи сè за неа, како што тоа би го направил и самиот Ѓорче Петров. Луков занемува од податокот, не верува во она што слуша, т.е. не може да си поверува колку можат да бидат расипани од „горе“, од Централниот комитет, та му пратиле човек да си го убие сопствениот идеал. Единствено се надева дека во чинот на убиството Младичот нема да ја препознае жртвата зашто би го стрелал од зад грб. Уште и бара од него на никому да не кажува за оваа исповед. Сепак акцијата продолжува и Младичот, Методи и Иван тргнуваат во извршување на атентатот.

Четврт чин (расплет)[уреди | уреди извор]

Младичот задачата ја извршува сосема успешно, т.е. го убива Ѓорче Петров. Луков се пијани и напишал писмо до неговиот претпоставен, Иванов во кое ја опишува историјата за Младичот и бара да го ликвидираат. Доаѓа Методи кој потврдува за атентатот и дека немало никаков проблем во акцијата. Иванов чека да слезе Луков кај него в кола, но Луков се плаши да се види со него. Тука за првпат го гледаме Луков како се плаши, во кој владее збунетост и страв. Во меѓувреме доаѓаат Младичот и Иван во домот на Христови. Сѐ уште уплашениот и збунет Младичот дознава, од устата на Милка, дека денес е убиен Ѓорче Петров. На оваа вест тој се скаменува и се заканува дека сите ќе ги убие. Но, дознавајќи дека и неговото убиство се ближи бега од домот. Но сепак од себеси не може да избега и сака да се самоубие.Тоа и го прави, гневен, затоа што е свесен дека го убил оној кој му подарил живот. Писмото кое го пишува како проштално го наоѓа Методи, а во него го обвинува Луков дека е предавник. Сепак ова писмо не стигнува до рацете на некој кој може да изреагира. Сепак сето ова завршува на крај трагично и за Луков. Не можејќи Неда да ја истрпи неговата грубост, му го зема пиштолот и го убива. Методи, сметајќи дека сè уште да се спаси од изгубената македонштина тргнува да се пресмета лично со Иванов...

Ликови[уреди | уреди извор]

Луков[уреди | уреди извор]

Главен лик кој го движи драмското дејство. Тој има доминантно место во драмата. Супериорен е, и сите ги држи во своите раце со уцени, манипулации и предавства. Сепак се гнаси од постапките на Централниот комитет кога слуша кого му го пратиле за да го убие својот идеал. И на крај завршува трагично, плашејќи се од сите оние над него, тој умира од рацете на Неда.

Иван и Методиј[уреди | уреди извор]

Под манипулација на Луков, убиваат, известуваат, влегуваат во љубовни врски само да го задоволат. Иван сака да побегне, навистина ја сака Неда, а Методи е целосно предаден на организацијата.

Фезлиев[уреди | уреди извор]

Во младоста бил ист со Младичот: полн со идеали, и верен на организацијата која подоцна ќе го сруши неговиот сон. И тој влегол во неа со чисто срце, но сфатил дека тоа е една мамка, анти-организација. Најчесто е пијан зашто не може да се справи со нечесните игри.

Младичот[уреди | уреди извор]

Изигран, неговата трагична судбина е најтажна приказна. Невин млад човек кој станува виновен за убиството на својот идеал, татко, спасител. Иронијата е уште поголема кога се самоубива, а вистината од писмото кое ќе го напише паѓа во рацете на предавниците - со тоа повторно не завршил никаква работа. А предавниците се многу и ги има насекаде.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Драмата „Црнила“ - Коле Чашуле