Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Велес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Успение на Пресвета Богородица
Crkva-Sveta-Bogorodica-Veles-MK.jpg

Поглед кон црквата

Македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Врора велешка
Местоположба
Населено место Велес
Општина Велес
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Богородица
Изградба 1882
Завршено 1905
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Успение на Пресвета Богородица е православен храм, кој се наоѓа на источната страна на градот Велес во месноста Дервен, од левата страна на реката Вардар каде што порано живееле извесен број влашки семејства, така што и нивната улица почнале да ја викаат “Влашко маало“, а црквата меѓу народот го добила и името Влашка црква. Оваа црква меѓу населението е позната и како црква за венчавки.

Градба и историја[уреди | уреди извор]

Поглед на црквата со околните куќи

Надворешниот изглед на црквата не е впечатлива архитектура, повеќе личи на поголема зграда, отколку на црква, па според тоа и не припаѓа на некој посебен црковен стил[1]. Во внатрешноста градбата е налик на црквата Свети Пантелејмон од спротива, со три засводени колони, чиј изглед е целосно завршен во последното обновување во периодот од 2009 до 2011 година. Најболно прашање за Власите било тоа што тие немале своја црква. Бидејќи во 1874 година не успеале на присилен начин да ја присвојат црквата Св. Спас, во 1882 година започнале со градењето на своја црква- Св. Богородица[2]. Оваа година е втисната и на сребрениот крст за рачна употреба, а кој подолго време се наоѓа на светиот престол во олтарот на црквата, како дар од некој член на влашкото семејство Дочеви, кои имале аптека во Велес[3]. На завршните работи во 1905 година и овде работела тајфата на прочуениот мајстор Дамјан, синот на Андреја Дамјанов, мајстор градител од семејството Рензовци-Зографовци во Велес. Најпосле Власите се здобиваат со своја црква, Св.Богородица, која населението ја нарекло “Влашка црква”. Уште од самиот почеток богослужението во неа се вршело на грчки јазик со одобрение и благослов од владиката во Велес[4]. За прв парохијски свештеник бил поставен Димитриј Бога, член на семејството Бога, од кое потекнува и добротворот Чекрдак. На тоа место како протојереј, Димитриј останал сè до 1915 година. Инаку, грчката служба во црквата престанала уште во 1912 година по одењето на Турците од Македонија, бидејќи новопоставените свештеници не знаеле грчки. За успехот на црквата и нејзиниот углед најголема заслуга има нејзиниот голем добротвор Михајло Чекрдак. Потоа треба да се спомнат имињата на питропите, кои секогаш совесно ја вршеле својата работа и секогаш биле активни соработници на црковните лица. Тоа биле следните жители на градот, дел од нив Власи, а дел Македонци: Коста Влаот, Онче Тодоров, Никола Призренец, Јамандија Грбов, Ѓорѓи Софијанов, Ташула Софијанов, Ѓошо Делов, Димко Настев и некои други.

Црквата денес[уреди | уреди извор]

Денес во околината на оваа црква живеат големо мнозинство, речиси исклучиво, Македонци и во многу помал број Роми во куќарки на ридот над неа, но таа се уште кај постарите е позната како Влашка црква. Меѓу населението на Велес, оваа црква е позната како црква за венчавки, но наскоро оваа служба ќе биде преземена од црквата црквата Свети Кирил и Методиј во центарот на градот, со нејзиното скорешно завршување на изградбата и живописувањето. Црквата започнала целосно да се реновирана во 2009 година, а нејзиното преосветување било извршено на 20 февруари 2011 година.[5]. Во внатрешноста целосно е обновен фрескоживописот на ѕидовите, кој се одликува со одлична сликарска техника, а кој ги опфаќа фреските со сцени од животот на Исус Христос на таванот, сцени и светци од стариот и новиот завет, како и прикази на христијански крстови на северниот ѕид (левата страна), сите македонски светители на јужниот ѕид (десната страна) и фреската на Успението на Пресвета Богородица заедно со светците Св. Димитриј и Георгиј на западниот ѕид односно над влезот во црквата. Изработен е и нов дрвенорезбан иконостас со повеќе икони, а на подот во црквата постои мозаик со 16 зрачното македонско сонце од Кутлеш, кое како слика е поставено и на надворешниот ѕид на фасадата над самиот влез во црквата, а исто така е насликано повеќе пати на повеќе места на фрескоживописот на таванот и ѕидовите.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]