Црква „Св. Петка“ - Црешнево

Координати: 41°37′50″N 21°29′21″E / 41.63056° СГШ; 21.48917° ИГД / 41.63056; 21.48917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Петка

Поглед на црквата „Св. Петка“ во селото Црешнево

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Богомилска
Местоположба

Карта

Координати 41°37′50″N 21°29′21″E / 41.63056° СГШ; 21.48917° ИГД / 41.63056; 21.48917
Место Црешнево
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Света Петка
Изградба XVII век
Живопис 1601
1862
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Света Петка — главна селска црква во велешкото село Црешнево, Општина Чашка.

Црквата е сместена на влезот на селото, покрај главниот пат кој води до селото. Околу црквата се наоѓаат и самите селски гробишта.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата е подигната во текот на XVII век.[1]

Во 2019 година била цел диви копачи, кои го оштетиле подот на црквата.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Храмот во основа е еднокорабна правоаголна градба со полукружна мала апсида на исток и претставува типична градба од поствизантискиот период. Црквата е засведена со покрив на две води, денес со ќерамида, но оригинално со камени плочки за што сведочи сè уште автентично препокриената апсида. Ѕидана е солидно со вар и делкан камен. Во подоцнежно време е дограден затворен трем, кој на јужната страна по целата должина го следи наклонот на покривот, додека кон западната страна продолжува како независна градба зафаќајќи дел од западниот ѕид на храмот. Од ѕидните отвори, еден е правоаголен на северната страна, додека на западната има камен отвор во форма на детелина.[1]

Влезовите во тремот се од две страни, од запад и југ, додека во самата црква има еден портал на јужната страна изработен од делкан камен и во горниот дел полукружно засведен. Во него се влегува преку две полукружни, масивни камени скалила. Од обете страни на влезот, поради малата висина на јужниот ѕид на црквата, поставени се две лунети. Нишата која вообичаено е поставена над самиот влез е поместена кон запад, а во неа е насликана допојасна претстава на патронката на храмот „Св. Петка“, дело на зографот кој сликал во наосот во XIX век. Источно пак од влезот, во другата ниша е насликан великомаченикот „Св. Ѓорѓи“. Во композицијата е претставен св. Ѓорѓи во воена облека, на препнат коњ со долго копје во рацете во моментот кога го прободува змејот и ја спасува принцезата во присуство на нејзината царска фамилија. Значаен податок за изработката на живописот од поствизантискиот период е забележан во подножјето на сцената. Имено, во еден краток приложнички запис во кој се споменуваат извесниот Велко и Стано запишана е и година 1601. Овој податок е референтен во датирањето и на преостанатиот живопис од поствизантискиот период сочуван единствено во олтарниот простор на храмот. Наосот на храмот е пресликан во 1862 година од страна на рудиментарен локален зограф со скромни ликовни познавања. Во документацијата на Националниот конзерваторски центар има податок дека на сводот бил насликан Исус Христос Вседржител. Денес, сводот на црквата е затворен во рамна пластична таваница од страна на црковниот одбор, со што е оневозможено да се проследи оригиналниот облик и содржината на сводната површина, која вообичаено е полукружно засведена кај спомениците од поствизантискиот период.[1]

Олтарот е издвоен од наосот со иконостасна преграда на два ката. Во олтарниот простор, освен централната апсида, има и две мали, но длабоки ниши во проскомидијата и ѓаконикот. Во олтарот е сочувуван оригинален живопис најверојатно од 1601 година, современ со подигањето на храмот.[1]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Ѕидната декорација е сликана во два наврата во 1601 и 1862 година.[1]

Во конхата на апсидата е насликана допојасна претстава на „Богородица Платитера“ со малиот Христос во медалјон на градите. Богородица е од типот Знамение (Оранта) со обете раце кренати додека Младенецот Христос благословува со десната рака. Кружниот мадалјон, во кој е прикажан Христос Емануел со светлосни зраци што извираат од него, е подвиткан во долниот дел што може да алудира на срцевидна форма како знак за живоносниот извор на Богородица раѓајќи го Младенецот, сцена која е карактеристична за поствизантиската уметност, но со постара иконографска подлога.[1]

Во првата зона е Литургиската служба на архијереите на Христос жртва. Христос Агнец е поставен на чесна трпеза со окерна прекривка. Голото тело на Агнецот е покриено до градите со црвено платно (аер) и ѕвездичка. На Христос Жртва први му се поклонуваат допојасните фигури, „Св. Јован Златоуст“ од северната страна, а од јужната „Св. Василиј Велики“. Архијереите се облечени во полиставриони со сини крстови, омофори со црвени крупни крстови и епитрахили украсени со бисери. Со десната благословуваат, а во левата носат отворени свитоци. Сигнатурите се на црковнословенски, додека текстовите на свитоците на црковно-грчки јазик. На јужниот дел од источниот ѕид е насликана фронтална претстава на „Св. Роман“ во бел стихар, наметнат со окерна наметка префрлена преку левото рамо. Тој со десната благословува, а во покриената лева рака држи дарохранилница. Следува нишата од ѓаконикот едноставно украсена со брановидни црвено-црни линии, а потоа продолжува литургиската поворка со претставата на архијереи во цел раст во тричетвртински став со отворени свитоци во рацете без текст. На источниот ѕид во олтарот е осамен „Св. Никола“, а на јужниот ѕид продолжува поворката со уште двајца архијереи, „Св. Атанасиј“ и „Св. Јован Богослов“. Поворката на архијереите е надополнета со фриз од три медалјони со допојасја во просторот помеѓу двете зони на јужниот ѕид „Св. Наум Охридски“, „Св. Климент“ и „Св. Мелетиј“ (?) Типолошките одлики на Климент и Наум не соодвејствуваат со воспоставенот образец во охридскиот културен круг.[1]

На северниот дел од источниот ѕид, пред проскомидијалната ниша, во голема мера е оштетен приложнички текст од кој во оваа состојба не е можно да се извлечат корисни информации. Следува проскомидијалната ниша во која е насликана допојасна претстава на младиот лик на архиѓаконот „Св. Стефан“ во бел стихар, орар на кој е испишан трисагинот и црвена наметка префрлена преку левото рамо. Во левата покриена рака држи дарохранилница, а во левата кадилница на долг синџир. Следува „Св. Симеон Столпник“ насликан допојасно и поставен на столб. Тој носи монашка црна наметка и црвена ќулафка со бел крст на неа. Во десната рака држи крст, а леватa е подигната и свртена нанадвор. На северниот ѕид е насликана фронтална фигура на „Св. Василиј Велики“ пресликана во XIX век.[1]

Во горните две зони на олтарниот простор се сочувани три композиции од Великите празници: „Благовештението“, „Раѓањето на Христос“ и „Вознесението“. Композицијата Благовештение е насликана во втората зона од обете страни на апсидната конха. На северната страна е насликан крилатиот архангелот Гаврил во црвен развигорен химатион и син хитон. Тој е поставен врз црвено перниче, насликан воисчекор кон Богородица со десната рака во гест на благослов, додека во левата држи долга прачка со расцветан крин на врвот. Заднината е решена со архитектонска градба. Архангелот Гаврил го придружува пророкот Давид насликан фронтално во цел раст. Во левата рака држи отворен свиток со нечиток текст на него, а со десната е во гест на благослов. Пророкот носи царска одежда, црвена отворена круна на главата и сина наметка порабена со бисери. На јужната страна од конхата е насликана Богородица облечена во темноцрвен мафорион и син фустан. Таа во левата рака држи вретено, а десната рака нишка од преѓа, тесно припиена во одеждата, е со отворена дланка кон белиот гулаб (Св. Дух) кој се спушта кон неа со светлосен зрак. Таа стои на црвен подножник пред богато орнаментирано седиште без наслон. Престолот е порабен со бисери, а во среднината е украсен со вретенасти столпчиња. На него има поставено две долгнавести перничиња во сина и црвена боја. Заднината е исполнета со декор од архитектурни контури. Зад Богородица, исто така во фронтален став, е поставена претставата на пророкот Соломон. Toj е облечен со затворена црвена круна и наметка украсена со бисери. Неговата десната рака е подигната со вперен прст кон небесата, а во левата држи отворен свиток со текст.[1]

На јужниот ѕид од олтарниот простор, во втората зона е насликано Раѓањето Христово, делумно оштетено посебно во горниите партии. Централно во сцената е поставена Богородица, среде карпест пејзаж. Во внатрешноста на пештерата Богородица е легната на бела постела со потсвиени нозе и благо завртена кон јаслите со новородениот Младенец до неа. Десно од Богородица е сочувано овчaрчето кое свири на кавал, а ангелот кој му приоѓа е сочуван само од половината надолу. Во долниот дел од сцената, во левиот агол од епизодата со капењето на Младенецот е сочуванa само дадилката облечена во син фустан. Во предниот план е насликан Јосиф во разговор со овчарот. Јосиф седи на карпа, а во раката држи стап. Овчарот е претставен како старец со бела коса и брада, наметнат со сина наметка, стои пред Јосиф потпрен на својот пасторски стап.[1]

Во наосот на храмот ѕидното сликарство е пресликано во 1862 година. На јужниот ѕид, од исток кон запад е насликан Страшниот суд. Потоа над влезот, во сцената со пророкот Јона го проголтува рибата, забележана е и годината на сликањето, 1862 г. До крајот на јужниот ѕид се насликани уште две стоечки фигури сочувани само во долната половина. Кај едната фигура е насликан ѓаволот под нозете на светителот. Западниот ѕид продолжува со фронталните претстави на светители во цел раст „Св. Марена“, „Св. Петка“ облечени како монахињи со крстови и бројаници во рацете, додека „Св. Атанасиј“ и „Св. Никола“ се во архијерејска одежда со затворени кодекси во рацете. На северната страна од запад кон исток се претставени Христос пред Пилат, Распетие Христово, Симнување од крстотот, Ангел на гробот, а пред олтарниот простор Воскреснувањето Христово (западна варијанта) и „Св. Василиј“. На таваницата, според документацијата во НКЦ бил претставен Исус Христос Вседржител.[1]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Олтарниот простор од наосот е издвоен со двокатна иконостасна преграда врз која денес лежи спуштената пластична таваница, која го покрила надиконостасниот крст. Иконите од иконостасот се сликани од најмалку двајца зографи од различен хронолошки период на XIX век и најверојатно биле наменети за два различни иконостаса. Денес, на иконостасот се наредени икони од обајцата зографи без посебен ред. Во првата зона од иконостасот, прва е иконата со претставата на „Св. Димитриј“ на коњ во моментот кога го убива војникот со долго копје. Таа е потпрена на северниот ѕид до иконостасот; на вратата од северниот премин е насликана фронталната претставата на крилатиот архангел Михаил во полна воена опрема со исукан меч во десната рака и сфера на која е испишан текст во левата рака. Првата престолна икона е Богородица со Христос. Потоа централно поставените царски двери целосно сликани со композицијата Благовештение и пророците Давид и Соломон над неа во медалјони во полукружниот сегмент од дверите со круни на главите и отворени свитоци со текст во рацете. На северното крило е насликан архангелот Гаврил, кој и принесува цвеќе во левата рака на Богородица. Богородица, на јужното крило, е насликана пред престол со богато орнаментиран наслон и отворен кодекс пред неа. Над архангелот Гаврил е насликан пророкот Давид оштетен во ликот. Над Богородица е насликан пророкот Соломон.[1]

Јужно од царските двери продолжува низот со престолни икони со иконата на Исус Христос. Потоа следува допојасна претстава на „Св. Петка“ насликана е во црна наметка со качулка на главата, во десната рака држи крст, а во левата бројаница; последна икона во првата зона која преоѓа на јужниот ѕид е допојасната претстава на „Св. Никола“ облечен во црвен фелон и зелен омофор, со десната рака благословува, а во левата држи затворен кодекс.[1]

Вториот ред икони е исполнет со икони од различни зографи без посебен ред: доподпојасна претстава на „Св. Петка“ облечена како монахиња со качулка на главата. Во десната рака држи крст, а во левата бројаница; допојасна претстава на „Богороди“ од Деисисот со апостоли; евангелистот Јован со перо во десната рака и затворен кодекс во левата; апостолот Петар со свиток во раката; апостолот Павел со затворен кодекс во левата рака; неидентификувана маченица „Св. Петка“ ? со долг крст во раката и оштетена икона со претстави на две маченици.[1]

Во црквата има и придружни икони.[1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Посетено на 11 август 2018.
  2. „Оштетен подот во црквата „Св. Петка" во село Црешнево“. А1он (англиски). 2019-02-28. Посетено на 2020-04-27.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]