Црква „Св. Петка“ - Мургаш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Петка

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Кумановско-осоговска
Архијерејско намесништво Кумановско-кратовско
Парохија Клечовска
Местоположба

Карта

Координати 42°02′32″N 21°55′58″E / 42.04222° СГШ; 21.93278° ИГД / 42.04222; 21.93278Координати: 42°02′32″N 21°55′58″E / 42.04222° СГШ; 21.93278° ИГД / 42.04222; 21.93278
Место Мургаш
Општина Куманово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Света Петка
Изградба XVI - XVII век
Архитектонски опис
Стил византиски

Света Петка (понекогаш Света Параскева) — главна селска црква во кумановското село Мургаш, Македонија.[1][2]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Ова е гробишен храм во маалото Банковци, во подножјето на ридот Кула.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Изграден е во XVI-XVII век.[4]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Храмот има слична архитектура на црквата „Св. Спас“ во Довезенце.

Однадвор наликува на профана градба со асиметричен покрив на две води, доколку го изземеме малиот крст создаден во квадратна камена плоча прицврстена на самиот врв на западниот забат. Фундирана е на изразито кос терен и со источната страна повеќе од половина од својата височина е вкопана во земја, додека западната страна ѝ е целосно отворена. Косината на теренот видно се забележува на подните површини. Масивните ѕидови се градени од локален камен со вулканско потекло.[5]

Претходно тоа била мала еднокорабна градба. Денешниот изглед го добила во подоцнежно време. Имено, за потребите на црквата е отстранет западниот ѕид од наосот и доградена е правоаголна припрата со иста големина како наосот, а долж целата јужна страна придодаден е тесен издолжен простор - затворен трем кој преку два аркадни премина комуницира со припратата, односно со наосот. Наосот и западната припрата се наоѓаат под еден полукружен свод прицврстен со еден потпорен лак. Јужниот простор или затворениот трем е засводен со четвртина свод. На северниот и западниот ѕид од припратата со помош на потпрен лак е оформена по една ниша. На спојот меѓу сводот и јужниот ѕид на тремот се наоѓа издолжен правоаголен отвор што ја внесува светлината во наосот преку друг мал отвор на јужниот ѕид.[5]

Интервенциите кои денес се забележуваат на покривниот покривач се од поново време, кога покривката од камени плочи е заменета со керамиди.[5]

Камбанарија[уреди | уреди извор]

Како придружен објект била подигната и камбанарија чиј изглед е целосно изменет во поново време, кога се направени груби интервенции над влезната врата и на подот.[5]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Живопис има само во олтарот, кој датира од крајот на XVI до почетокот на XVII век. На него се истакнува допојасната претстава на Свети Ахил Лариски.[6]

Новото малтерисување на внатрешните ѕидови во наосот е резултат од оштетувањата на живописот, како и оштетувањата на стариот малтер од празните површини на останатите ѕидови (под претпоставка тие воопшто да не биле живописани), а на фасадите, веројатно поради „подновување“ на градбата. Првобитната црква немала малтерисани фасади.[5]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Во втората половина на XIX век црквата повторно станува објект на санациони интервенции, внатрешно уредување и опремување. Во рамките на обновата бил изработен висок иконостас во наосот и мал иконостас во источниот дел од јужниот трем со кој е формиран параклис или „женска црква“, како што го нарекува населението овој простор. Иконите од иконостасите се дело на Хаџи Косте зограф и фотограф од Велес од 1872 година. Тогаш во наосот биле поставени страничните столови и архијерејскиот трон.[5]

Во црквата се наоѓаат икони на Коста Крстев од 1842 година.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 57. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Машниќ, Мирјана М (2015). „Белешки за малку познатата црква Св. Петка во с. Мургаш“ (PDF). Патримониум.мк. 8 (13): 249.
  3. „с. Пезово - црква Св. Параскева“. Галерија на икони од Кумановскиот крај во црквата Св. Никола, Куманово. Архивирано од изворникот на 2015-09-23. Посетено на 14 април 2014.
  4. Крстиќ, Славица. „Двојна црква во Сув Орах, Кумановско (Св. Ѓорѓи и Св. Никола)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-07. Посетено на 14 април 2014.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Машниќ, Мирјана (2015). „Белешки за малку познатата црква „Св. Петка" во с. Мургаш“ (PDF). Каламус. Посетено на 1 јануари 2024.
  6. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1311. ISBN 978-608-203-024-1.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]