Црква „Св. Петар и Павле“ - Папрадиште

Координати: 41°38′26″N 21°26′17″E / 41.64056° СГШ; 21.43806° ИГД / 41.64056; 21.43806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Петар и Павле

Поглед на црквата „Св. Петар и Павле“ во селото Папрадиште

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Богомилска
Местоположба

Карта

Координати 41°38′26″N 21°26′17″E / 41.64056° СГШ; 21.43806° ИГД / 41.64056; 21.43806
Место Папрадиште (Велешко)
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Петар и Павле
Изградба 1875
Зограф Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Свети Петар и Павле — главна селска црква во велешкото село Папрадиште, Општина Чашка.[1][2]

Црквата се наоѓа во самото село, а истата е прогласен за заштитен споменик на културата. Околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта.

Градба[уреди | уреди извор]

Црквата е трикорабна градба, со полукружна апсида. Корабите се поделени со по четири столбови. Над средишниот кораб има три поголеми калоти, а над страничните по шест поплитки калоти. Во западниот дел е сместена галерија на спрат, т.н. „женска црква“.

Црквата е изградена од камен во долниот дел и е целосно малтерисана.

Историја[уреди | уреди извор]

За подигнувањето на црквата не постојат точни податоци. Иако е наведено дека била изградена од познатиот градител Андреј Дамјанов во 1875 година, а била зографисана од Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски,[3] сепак првите податоци се од 1901 година кога се споменува дека била извршена поправка/обнова на црквата. Најверојатно, постоела постара црква од каде се пренесени и дваесетината икони. Исто така, градител на црквата според усните преданија е Ѓорѓија Џонгар од самото село, кој водел своја тајфа.

Живопис[уреди | уреди извор]

Од старио живопис зачувани се бистата на Исус Христос во средишната калота и фреската со ликовите на патроните на црквата, Свети Петар и Павле, во нишата над јужниот влез, кои биле насликани од Димитар Андонов - Папрадишки во 1934 година. Останатиот дел од црквата е насликан во 1969 година од самоук сликар, Доне од селото Гари.

Иконостас[уреди | уреди извор]

Многу повреден е самиот иконостас на црквата, изработен во 1934 година од последните македонски зографи по потекло од Тресонче, Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски. Папрадишки изработил 25 икони, кои се поставени во иконостасот, како и 8 престолни икони на Зографски.

Икони[уреди | уреди извор]

Иконите во црквата се направени од страна на двајца зографи, Димитар Андонов - Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, кои долги години не биле одржувани и биле оставени во т.н. „женска црква“ во горниот дел на црквата, а дел од нив и на самиот таван, со што биле надвор од очите на јавноста и губеле на квалитет. Во 2011 година се започнал проект за реставрација на девет највредни икони од страна на Националниот конзерваторски центар во Скопје.[4]

Состојбата на иконите надвор од иконостасот е во исклучително лоша состојба и било решено да се заштитат иконите посветени на Благовештение, Исус Христoс, Св. Петар и Павле, Св. Јован Крстител и Богородица со Исус. Во најголем дел овие икони се дело на Димитар Андонов - Папрадиште, а мал дел се од непознат автор, но сите се вредни.[4]

Сепак, и иконите во иконостасот се соочуваат со проблеми, бидејќи самиот иконостас е нагризан од црвоточина. Во иконостасот се наоѓаат икони на Зографски, кои се во лоша состојба, нападнати од инсекти со голема веројатност да се уништат.[4]

Во текот на 2013 година, биле конзервирани уште седум вредни икони со средства од Министерството за култура на Македонија.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. „Богомилска парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 19 август 2018.
  3. „Храмови низ Богомилската парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 3 јуни 2016.
  4. 4,0 4,1 4,2 Печков, Петар (20 декември 2011). „Започна санацијата на иконите од црквата Св. Петар и Павле во Папрадиште“. Ти реков ми рече. Посетено на 3 јуни 2016.
  5. „Заврши конзервацијата и реставрацијата во црквата „Св. Петар и Павле" во Папрадиште“. Денешен весник. Скопје. 4 октомври 2013. Посетено на 3 јуни 2016.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]