Црква „Св. Илија“ - Митрашинци (стара)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Илија

Поглед на црквата со камбанаријата

македонска православна црква
Епархија Струмичка
Местоположба

Карта

Координати 41°46′31″N 22°44′21″E / 41.77528° СГШ; 22.73917° ИГД / 41.77528; 22.73917Координати: 41°46′31″N 22°44′21″E / 41.77528° СГШ; 22.73917° ИГД / 41.77528; 22.73917
Место Митрашинци
Општина Берово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Илија
Изградба XIX век
Завршено XIX век
Живопис 1894
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Свети Илија — главна селска црква во малешевското село Митрашинци.[1] Таа е најголемата селска црква во Општина Берово.[2] Сместена е во средишниот дел од селото и има доминантна позиција, особено со нејзината висока камбанарија. Се претпоставува дека потекнува од XIX век.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Нема точни податоци од кога потекнува самата градба на црквата, иако се претпоставува дека потекнува од XIX век.[3] Според запис во самата црква, таа е живописана во 1894 година. Таа е единствената црква во Малешевијата, чијашто внатрешност е целосно насликана.[2][4]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата претставува трикорабна градба.[2] На западната и дел од северната страна има припрата, којашто е покриена со кровот на целата градба придржуван на дрвени столбови. На северната страна има две влезни врати. Над едната има натписна табла на којашто е запишано името на Свети Илија кому црквата му е посветена, а над натписната табла има живопис. Над втората влезна врата исто така има живопис.

Дворот на црквата е ограден, а во него има пространа трпезарија, којашто се простира низ целиот северен и западен дел од дворот. Во дворот е сместена и камбанаријата. Таа има квадратна основа и се состои од три дела. Долниот дел е малтерисан, додека средниот и горниот дел се обоени во бела боја. Средниот дел е највисок и на неговите страни има по три вертикално поставени прозорци. На страните од горниот дел има по два хоризонтално поставени прозорци. Кровот од камбанаријата содржи мала купола во средишниот дел над којашто има крст.

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на црквата е целосно насликана, а зографисувањето било извршено кон крајот на XIX век. Црквата е фрескоживописана од страна на зограф од Мелник.[2]

Во средишниот дел на средниот брод е живописан ликот на Исус Христос.[2] На северниот и на јужниот ѕид се наоѓаат сцени од големите празници и од циклусот на Христовите страдања. На северниот ѕид се насликани сцените: Христос пред Пилат и миење на рацете, Христово Распетие и Христово погребение, а на јужниот ѕид: Обрезание Христово, Сретение и Предавството на Јуда. На празниот простор од прозорците во црквата се насликани ликовите на пророците. На северниот ѕид се насликани пророците: Давид, Еремија, Мојсеј, Исаија и Соломон, а на јужниот ѕид: Авакум, Пророк со уништена сигнатура и Захариј.[5]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Црквата поседува и иконостас. Иконите се изработени од страна на зограф од Крушево, а дел од нив од непознат зограф.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 67. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Илиевска-Арсова, Весна (2011). „Пијанец-Малеш, изобилство од сонце и насмевки!“ (PDF). Штип: Центар за развој на Источен плански регион. стр. 43. Посетено на 10 јануари 2017.[мртва врска]
  3. 3,0 3,1 Николовски, Дарко. „Иконите од црквата Св. Троица од селото Мождивњак, Крива Паланка“ (PDF). Патримониум. Скопје: Каламус. Посетено на 10 јануари 2017.
  4. „Цркви и манастири“. Посетете го Берово. Берово. Архивирано од изворникот на 2016-05-13. Посетено на 10 јануари 2017.
  5. „Вести и настани“. МПЦ - ОА. Посетено на 10 јануари 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]