Црква „Св. Богородица Пречиста Ќелија“ - Велмеј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Богородица Пречиста Ќелија
Church of St Bogorodica Kelia-Velmej.jpg

Поглед на црквата Богородица Ќелија

Македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Охридско
Парохија Велмејска
Местоположба
Координати 41°17′45″ СГШ 20°54′00″ ИГД / 
Населено место Велмеј
Општина Дебарца
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Пресвета Богородица
Изградба XIV век
Живопис XVI век
Ктитор непознат
Зограф непознат
Архитектонски опис
Архитектонски тип еднокорабна
Портал „МПЦ“

Света Богородица Пречиста - Ќелија — мала еднокорабна црква сместена надвор од селото Велмеј, во областа Дебарца.[1]

Црквата е посветена на Воведувањето на Св. Богородица во храмот и веројатно потекнува од 14 век, додека фрескописот датира од последната четвртина на XVI век. Името „Ќелија“ упатува на тоа дека црквичката можеби служела како ќелијно училиште кон крајот на XVIII и во текот на XIX век, но поверојатно е дека таа била управувана од некој манастир и во неа немало секојдневна богослужба, туку се служело само за големите христијански празници.[2]

Од 1998 година, црквата е под заштита на државата како дел од македонското културно наследство.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата е со едноставна градба, без украсни елементи, со влез од запад и има тристрано издадена апсида и покрив на две води со плочи од шкрилец. Прозорци има на источниот забат, на средина од апсидата и на јужната фасада. Над влезот има полукружна ниша за претстава на патронот на црквата. Техниката на градење видливо се разликува на долниот дел од градбата, со правилно редење камен, тула и малтер, а таквиот начин на градба е присутен делумно и на западната и јужната фасада, и тоа на висина од само еден метар. Надградбата на црквата била извршена со истиот материјал, но во погрува изведба. Долж страничните ѕидови се гледаат дрвени греди. Врз основа на градбата од долниот дел се претпоставува дека црквата датира од XIV век, а дека била обновена подоцна, за време на османлискиот период. Внатрешната структура на просторот е поставена како еднокорабен наос, со полуобличест свод и олтарски простор, со полукружна апсида и проскомидска ниша. Вдолж источниот ѕид се протега ѕидан испуст во висина од 70 см. Во протезисот има две длабоки ниши.[2]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Основната карактеристика на ѕидното сликарство во црквата е приспособеноста кон архитектурата и кон сакралната функција на внатрешниот простор, со распоредување на темите во согласност со хиерархиските начела на „светата вертикала и хоризонтала“, вообичаено присутни во православните цркви од византиската културна традиција. Распоредувањето е прегледно во хоризонтални зони, а композициите се раздвоени со црвени бордури. Заднината е претежно комбинација од две до четири хоризонтали, обоени со темносино, зелено, окер и „испрскана“ боја. Ореолите се окер, со двојна кружница, потенка кафена и подебела бела боја од надворешната страна. Зоната со медалјони се протега само на страничните ѕидови и се состои од 14 кругови, исполнети со црвена и белузлавосина боја, споени со преплет во кој понекаде е насликан цвет. Цоклето на црквата е прекриено со имитација на завеса - подеа, бела со окер, украсена со црвени и црни геометриски мотиви. Во внатрешноста на црквата има малку самостојни орнаменти - во длабочината на прозорците е во вид на дијагонално поделено поле исполнето со брановидни црвени и црни линии; врз јужниот прозорец е во вид на куса лента од ромбоиди со стилизиран цвет; во внатрешноста на фасадната ниша има цели палмети, а полупалмета е дискретно насликана како орнамент на текстилот во композициите. Сликарската техника е фреско (нанесување пигмент врз влажна подлога), а натписите-легенди најверојатно се напишани врз сува подлога и сите се на црковногрчки јазик.[2]

Притоа, во црквата се прикажани следниве композиции и ликови: четирите видови во кои се јавува Исус Христос, четирите евангелисти (Матеј, Марко, Лука и Јован), старозаветните пророци, Вознесението Христово, Богородица со Христос градите, мртвиот Христос, архангелите Михаил и Гаврил, големите светители - св. Василиј Велики, св. Јован Златоуст, св. Григориј Богослов, св. Атанасиј и св. Никола, десет сцени (зачувани се само седум) од најважните настани во животот на Христос (Благовештението, Христовото раѓање, Сретението, Крштевањето, Воскресението на Лазар, Христовото Вознесение и Успението на Богородица), ликови на бројни светци и маченици итн.[2] Притоа, судејќи според стилот, се претпоставува дека фрескописот е дело на само еден мајстор (со соработник), веројатно од редот на зографите кои потекнувале од околината на Охрид и Костур.[2]

Дел од живописот
Поединечни фрески

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гоце Ангелчин - Жура, Црквата “ Св. Богородица пречиста – Келија” с. Велмеј – охридско, Културно наследство, 19-2о-21/1992-93-94/, Скопје 1996.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Викторија Поповска - Коробар, Митре Велјаноски и Милан Ракочевиќ, Св. Богородица Пречиста - Ќелија, Скенпоинт, Скопје, 2009.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]