Црква „Св. Ахил Лариски“ - Требиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Ахил Лариски
Црква „Св. Ахил Лариски“ - Требиште.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Дебарско
Парохија Дебарско-реканска
Местоположба
Координати 41°37′35.4″N 20°35′24.5″E / 41.626500° N; 20.590139° E / 41.626500; 20.590139Координати: 41°37′35.4″N 20°35′24.5″E / 41.626500° N; 20.590139° E / 41.626500; 20.590139
Населено место Требиште
Општина Маврово и Ростуше
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ахил Лариски
Завршено 1840
Живопис Дичо Зограф
Ктитор Јоаким Бигорски, Јован Вељаноски
Зограф Дичо Зограф, Антониј Јовановиќ
Архитектонски опис
Архитектонски тип крстокуполен храм
Портал „МПЦ“

Свети Ахил Лариски — главна и единствена селска црква во долнореканското село Требиште и метох на Бигорскиот манастир.[1] Таа е единствената црква во Македонија која е посветена на Свети Ахил Лариски.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Метохот во Требиште започнал да се создава околу 1820 година, кога манастирскиот игумен Арсениј Бигорски купил неколку ниви и други имоти во селото. Во 1835 година, на земјиштето во сопственост на манастирот биле изградени неколку објекти кои биле значајни за економијата на манастирот, а во 1840 година и самата црква. Заслуги за изградбата на храмот имаат поп Василиј и месното население. Во ктиторскиот натпис не се споменува името на игуменот Арсениј со оглед на тоа што тој починал во 1839 година, но затоа се споменува името на неговиот наследник Јоаким Бигорски.[3]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата претставува крстокуполен храм и се одликува со живописна фасада од делкан камен, впечатлива купола и висока камбанарија.[2] Градбата е еднокорабна со осумаголна купола над наосот и мала галерија во нејзиниот западен дел. Градена е од камен, без употреба на тули и без керамопластично украсување. Куполата е изградена од добро обработени камени блокови и профилиран венец под покривните камени плочи. Според своите димензии, изгледот и неговото внатрешното уредување, храмот е сличен со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Рајчица, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, црквата „Св. Никола“ во Тресонче и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гари.[3]

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Фрескоживописот и иконостасот се дело на видниот дебарски мајстор Дичо Зограф. Работата на фрескоживописот била завршена на 8 јуни 1850 година, што е наведено на ктиторскиот натпис на западниот ѕид од наосот, а тоа е време на епископот Мелетиј Дебарски и игуменот Јоаким Бигорски. Како ктитори на фреските се споменуваат имињата на Јован Вељаноски, кој обезбедил средства за живописување на куполата до евангелистите, а јеромонахот Теодосиј и свештенослужителот Аврам платиле за сликање на фреските, поткуполните делови и наниските делови на наосот.[3]

Во куполата е насликан Христос Седржителот, Небесната литургија, слики на старозаветни пророци во барабанот на куполата и четирите евангелисти во пандантифите. Во поткуполниот простор се прикажани неколку сцени од циклусот на Големите празници, како и поединечни слики на апостоли, маченици и светите лекари. Во најдолните делови од наосот, на јужниот ѕид се живописани патронот на црквата Свети Ахил, придружен од неколку свети отци, а на северниот ѕид се насликани светите воини. Во олтарниот дел единствено е насликана проскомидијата со композицијата на Христовото оплакување.[3]

Иконостас[уреди | уреди извор]

По живописувањето на црквата, Дичо Зограф започнал со изработка на иконите на иконостасот, кој бил завршен во 1861 година, кога Дичо го украсил и ја зографисал певницата. Иконостасот содржи икони кои биле изработени во периодот од 1849 до 1861 година, при што од периодот 1849-1851 се престолните и празнични икони, а од 1861 се натпрестолниот крст со Распетието Христово, Богородица и Јован Претеча.[3][4][5]

Иконите во делот на деисисот и апостолите се дело на зографот Антониј Јовановиќ и веројатно биле изработени околу 1840 година.[3] Со цел да бидат заштитени од зачестените кражби на икони, во 2013 година, вредните икони во црквата биле префрлени во Бигорскиот манастир,[2]

Вредни предмети[уреди | уреди извор]

Црквата располага и со богат фонд на книги, печатени во Киев, Москва, Белград и Цариград, како и литијно знаме кое било изработено во 1864 година со ликот на патронот Свети Ахил Лариски од едната страна и патронот на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител од другата. Знамето е правено по примерот на литијните знамиња на Михаил Анагност и Димитар Самарински, а најверојатно е дело на браќата Макриеви од Галичник.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 36. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 К., К.. „Иконите од црквата во Требишне пренесени во Бигорски“. Утрински весник. 19 август 2013.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Метох Свети Ахил Лариски“. Бигорски манастир.
  4. А., Е.. „Дичо Зограф - еден од најистакнатите македонски зографи“. Премин Портал. 18 октомври 2008.
  5. Иконописното творештво на Дичо Зограф во Скопје и Скопскиот регион“. Премин Портал. 10 октомври 2008.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]