Црква „Св. вмч. Георгиј“ - Кочани

Координати: 41°55′2″N 22°24′32″E / 41.91722° СГШ; 22.40889° ИГД / 41.91722; 22.40889
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети великомаченик Ѓорѓи

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Брегалничка
Архијерејско намесништво Кочанско
Парохија Прва кочанска
Местоположба

Карта

Координати 41°55′2″N 22°24′32″E / 41.91722° СГШ; 22.40889° ИГД / 41.91722; 22.40889
Место Кочани
Општина Кочани
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба XIX век
Завршено 1917
Архитектонски опис
Архит. тип псевдобазилика

Св. вмч. Георгиј (позната и како Свети Ѓорѓи) — православен христијански храм кој е седиште на Кочанското архијерејско намесништво за Кочанската и Виничката Котлина, со дваесетина парохии, а под директна надлежност на Брегалничката епархија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата е сместена во централното подрачје на Кочани, на јужната падина на ридот Локубија, на десната страна од Кочанска Река. До неа се приоѓа од три страни, од исток, југоисток и од запад, каде што се наоѓаат и влезовите во црковниот двор.

Градба[уреди | уреди извор]

Не постои точен датум или година на почетокот на изградбата, но врз основа на најстарите расположливи докази од белешки и записи, може да се констатира дека сегашниот храм е изграден на темелите на црква која постоела на почетокот на XIX век. Месното население побарало и добило дозвола од турските власти за изградба на православна црква и според сочуваната црковна архива, писмената согласност била издадена од султанот Мехмед хан V, син на Абдулмеџид II, познат и како Решад („секогаш победник“).

Во образложението на дозволата стои дека во маалото Стришани во Кочани, во близина на разрушена црква, се дава одредена површина државно земјиште за да се изгради нова црква. Со документот е определено објектот да биде од камен, со должина 29 метри и ширина 20 метри. Висината на чатијата да изнесува 14 метри, а над чатијата уште 5 метри, односно вкупната висина да биде максимум 24 метри. Исто така, била дадена дозвола да се изгради и една камбанарија со висина од 24 и ширина од 4 метри. Сумата од 1000 лири за градењето требало да ја обезбедат богатите граѓани од месното население, а рајата да не плаќа ниту едно акче.

Изглед[уреди | уреди извор]

Црквата е псевдобазилика, карактеристична за периодот меѓу XVIII и XIX век, изградена од делкан камен, покриена со двосливен покрив, со три куполи, од кои средната е повисока. На јужната и северната страна има по два реда од по четири прозорци. На западната страна околу главниот портал, што е во форма на лак, има уште четири прозорци. Фасадата е во бела боја.

Од северната страна има камбанарија што е градена во истиот период со црквата, а на северозапад, во периодот од 1994 до 1998 година, е изградена крстилница посветена на Покров на Пресвета Богородица. На јужната страна се наоѓа административна зграда во која дел од просториите порано се користеле како крстилница.

Монографија[уреди | уреди извор]

По повод 100-годишнината од осветувањето на храмот, на 18 ноември 2017 година се одржала вечерна богослужба и промоција на книгата “100 – години од постоењето на црквата Св. вмч. Георгиј“ во Кочани.[1][2]. Во книгата, чии авторки се Илинка Атанасова и м-р Љубинка Ајтовска, на стотина страници, преку написи, фотографии и писмени докази е опишана историјата на црквата Св. вмч. Георгиј, местоположбата, изгледот на иконостасот, живописот и други детали. Издавач на монографијата е Општина Кочани.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Вечерна и промоција на книгата "100 – години од постоењето на црквата Св. вмч. Георгиј" во Кочани“. Брегалничка епархија. 18 ноември 2017. Архивирано од изворникот на 2017-12-10. Посетено на 2017-11-26.
  2. „„Промовирана книгата „Црквата Св. Вмч. Георгиј – еден век постоење". Канал 8 ТВ. 20 ноември 2017. Архивирано од изворникот на 2017-11-21. Посетено на 2017-11-26.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]