Црвена Виена

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карл-Маркс-Хоф, изграден помеѓу 1927 и 1930 година
Виктор-Адлер-Хоф
Фелајсхоф

Црвена Виена (германски: Rotes Wien) — прекар на главниот град на Австрија помеѓу 1918 и 1934 година, кога социјалдемократите имале мнозинство и за првпат се владеело демократски во градот.

Социјалната ситуација после Првата светска војна[уреди | уреди извор]

Првата светска војна завршила со пропаѓање и расчленување на хабсбуршката двојна монархија Австроунгарија и Дојчостеррајх (Германска Австрија) била прогласена за република на 12 ноември 1918 година. Во градското собрание на изборите на 4 мај 1919 година, за првпат право на глас имале сите полнолетни граѓани од двата пола. Социјалдемократската партија се здобила со апсолутно мнозинство; Јакоб Ројман бил првиот избран социјалдемократски градоначалник, кој бил наследен од Карл Зајц.

Градот претрпел многу промени во тоа време. За време на војната, бегалци од Австриска Галиција (сегашна Западна Украина), која делумно била под окупација на Руската армија, се стационирале во главниот град. По завршувањето на војната, голем број од војниците кои служеле во царската армија дошле да останат во Виена, барем привремено, додека мнозинството поранешни царски државни владини службеници, се вратиле во своите родни краеви. Средната класа пак, од која голем дел купиле воени обврзници, кои во тој момент немале никаква вредност, се соочиле со сиромаштијата од хиперинфлацијата. Новите граници помеѓу Австрија и блиските области од кои Виена се снабдувала со прехранбени производи, сега предизвикале тешкотии. Зградите биле пренаселени и болести како туберколоза, шпански грип и сифилис пустошеле. Во новостворената Австрија, се сметало дека Виена е преголем главен град за толку мала држава и често била нарекувана Васеркопф од луѓето кои живееле во другите делови на земјата.

Од друга страна, оптимистите увиделе отворање на широки полиња за социјална и политичка акција. Прагматичките интелектуалци како Ханс Келсен и Карл Билер, кои го изготвиле републичкиот устав, овој период го доживееле како период на будење, оптимизам и отворање нови граници.[1]

Интелектуалните ресурси на Црвена Виена биле извонредни: Илона Дучинска и Карл Полани, како и неколку други социјалистички интелектуалци биле прогонетни или преместени во Виена. Исто така Зигмунд Фројд, Алфред Адлер, Карл Краус, Артур Шницлер, Карл Клаус, Лудвиг Витгенштајн, Адолф Лос, Арнолд Шенберг и други бројни научници, уметници, издавачи и архитекти, иако сите не биле социјалисти, не учествувале во главната опозиција, клерикалните конзервативци, туку биле симпатизери на развојот и модернизацијата на Виена.

Карл Полани напишал: „Виена го има постигнато еден од најспектакуларните културни триумфи во историјата на Западот... морално и интелектуално издигнување без преседан, во состојба на високо развиена индустриска работничка класа која, под заштита на виенскиот систем, ги издржа деградирачките ефекти на тешката економска дислокација и постигна дотогаш недостигнато ниво на народните маси, во однос на кое било индустриско општетство“ "[2]

Џон Гунтер ја опишал целокупната поставеност на Виена помеѓу двете војни: „Нерамнотежата помеѓу марксистичката Виена и клерикалната рурална средина била доминантен мотив на австриската политика до подемот на Хитлер. Виена била социјалистичка, антицрковна, и како општина, доста богата. Провинцијата била сиромашна, назадна, конзервативна, римокатоличка и љубоморна на виенските високи стандарди на живеење. "[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Алан Јаник, Стивен Толумин: Wittgenstein's Vienna. Simon & Schuster Schuster, Њујорк 1973
  2. Polanyi, Karl (2001) [1944]. The Great Transformation. Boston: Beacon Press. стр. 298.
  3. Gunther, John (1933). Inside Europe (7, 1940. изд.). New York: Harper & Brothers. стр. 379.