Церово (Гостиварско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Церово

Воздушен поглед на селото Церово

Церово во рамките на Македонија
Церово
Местоположба на Церово во Македонија
Церово на карта

Карта

Координати 41°43′21″N 20°50′44″E / 41.72250° СГШ; 20.84556° ИГД / 41.72250; 20.84556Координати: 41°43′21″N 20°50′44″E / 41.72250° СГШ; 20.84556° ИГД / 41.72250; 20.84556
Регион  Полошки
Општина  Маврово и Ростуше
Област Горен Полог
Население 14 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1230
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07086
Надм. вис. 860 м
Слава Свети Никола Летен
Церово на општинската карта

Атарот на Церово во рамките на општината
Церово на Ризницата

Церово (дијалектно Цероо) — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Воздушен поглед

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, во јужниот дел на Горни Полог, сместено веднаш од левата страна на магистралниот автомобилски пат А2 помеѓу Гостивар и Кичево.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од околу 860 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 13 километри.[2] Североисточно селото допира до падините на Бистра, а југоисточно се издига Буковиќ.

До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од магистралниот автомобилски пат А2, благодарение на кој има значајна местоположба.

Селото се наоѓа на падините на планината Влаиница, на височина од околу 900 метри. Куќите се наоѓаат на левата падина во долината на Церовска Река. Во минатото, водата за пиење се добивала од изворите Каљкоец, Попоец, Влништа, Сејменска Чешма, Бачилишта, Лук, Селиште, Јасика, Цареец, Стојанов Извор, Бозоец, Студенче, Бресје, Бочвец, Ѓуров Студенец, Присој и Бистринец.[3] Денес, селото има водовод кој е изграден со самопридонес.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Стара Кула, Рамниште, Селиште, Равенско Бачило, Бежании, Дејански Нивје, Миој Млаки, Леска, Ајласица, Николин Гроб, Ремењ, Корија, Караџои Ливаѓе, Митрео Лозје, Бежовци, Забел, Раскрсница, Страна, Падина, Јаски Куќи, Кошара, Дол, Шара Нива, Николеа Црква, Ѓуров Рид, Крс, Долни и Горни Лаки, Брајкоа Рупа, Колеѓоо, Дрскорница, Црница, Липа, Срејна Бука, Плочи, Јачменишта, Влништа, Цареец, Јасика, Петкоо Гумно, Орница, Габер, Осој, Корија, Присој, Папрадишта, Фејзоа Ливада, Краста, Крастички, Вир и Дупни Гумна.[3]

Церово се дели на маала, кои се одвоени со потокот. Маалата се наречени Печаноско, Пуљеско и Горно Маало.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Сретселото

Порано Церово било големо македонско село. Потоа, од некои причини целосно изумрело и од старото население останале само три семејства: Печаноски, Пуљески и Ќулавџиски. Од нив потекнуваат староседелските родови.[3]

Големината на старото село на Церово може да се види и по остатоците на старини. На оддалеченост од околу 15 минути се наоѓа месноста Селиште. Таму се наоѓа главниот дел од некогашното село. Во близина на Селиште се наоѓа и месноста Гробишта. Има остатоци и од цркви: една црква се наоѓала веднаш до Селиште, додека друга југозападно од денешното село во насока кон соседното Сретково. Оваа црква била посветена на Свети Никола и мештаните престанале да ја посетуваат поради нејзината оддалеченост и несигурноста. Околу црквиштето Свети Никола се наоѓаат остатоци на гробови. По ослободувањето на Турците, на нејзиното место е подигната капела. Околу половина километар северно од Церово се наоѓа месноста Крс, каде се наоѓала Николеа Црква, која денес е под ниви.[3]

Пропаѓањето на старото големо село може да се поврзе со австро-отоманската војна кон крајот на XVII век и почетокот на XVIII век. Кај мештаните од Церово се пренесува и историјата на селото со чумата. За време на нејзиното избивање, само во родот Богдановци изумреле 12 невести и од тој род останале живи само некој Бежо и Јаков.[3]

Во минатото, во Церово имало обид на населување на муслимански Албанци. Ова се случило на почетокот 1800-тите години, кога како слуга дошол Фејзо од Албанија. Фејзо набрзо ојачал и насилно се оженил со православна Македонка од изумрениот род Пецовци. Со неговото населување, кај мештаните започнала да се шири несигурност, бидејќи често повикувал пљачкаши од Албанија, кои ги напаѓале македонските селани. Исто така, Фејзо чувал опасни кучиња, кои не им дозволувале на мештаните да ја посетуваат селската црква, бидејќи неговата куќа била во близина на црквата. Ова насилство не можел да го трпи селскиот првак Богдан, кој бил храбар човек и вешт стрелец. Богдан почнал да смислува начини за ослободување од Фејзо. Еднаш, кога пљачкаши од Албанија го нападнале Церово, Фејзо со Богдан тргнале во потера, при што Богдан го убил Фејзо, а во селото се појавил муабет дека бил убиен од качаците. Местото каде било извршено убиството денес се нарекува Фејзоа Ливада.[3]

Во XIX век, во Церово и во целиот Полог, биле зачестени нападите од Албанија, поради што Турците над Церово на планината Влаиница направиле кула, во која престојувала војска. Местото каде се наоѓала кулата се нарекува Стара Кула.[3]

За време на Втората светска војна, Церово било запалено во 1941 година. Во текот на окупацијата, животот во селото станал тежок за Македонците поради нападите од Албанците од селото Симница, а имало и упади од муслимани од Албанија. Поради ова, неколку семејства се иселиле од селото и отишле во разни градови, па во 1945 година се вратиле назад.[3] Вкупно 11 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 6,1 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 515 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 72 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948225—    
1953255+13.3%
1961186−27.1%
1971107−42.5%
198143−59.8%
ГодинаНас.±%
199113−69.8%
199417+30.8%
200219+11.8%
202114−26.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година, селото имало 240 жители, сите Македонци христијани.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Церово имало 240 Македонци, од кои 136 биле под врховенството на Егзархијата, а 104 биле под врховенството Патријаршијата. Во него работеле бугарско и српско училиште.[6]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година, Церово било седиште на истоимената општина во Горнополошкиот срез и имало 34 куќи со 230 жители, сите Македонци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]

Во Церово живее македонско население, коешто во 1961 година броело 186 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 17 жители.[2]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 19 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 14 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 240 240 225 255 186 107 43 13 17 19 14
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Церово е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото биле:

  • Печаноско Маало: Тримовци (1 к.), староседелци. Старото име им е Печеновци; Новевци (2 к.), староседелци. И на нив старото име им е Печеновци. Со Тримовци порано чинеле еден род. Имаат иселеници во Бугарија (едно семејство); Божиновци (1 к.), доселени се од селото Горна Ѓоновица, нивниот предок дошол како домазет во изумрениот род Пецовци; Софевци (2 к.), староседелци, тие се гранка на родот Богдановци, кој живее во Пуљеско Маало, а во ова маало дошол нивниот предок како домазет; Спировци (1 к.), стари доселеници, доселени се од некое место во Албанија, а добиле бесплатно земја од мештаните и Десовци (1 к.), доселени се од селото Горно Јеловце, се доселил предокот како домазет во изумрениот род Николовци. Во Горно Јеловце биле староседелци.
  • Пуљеско Маало: Богдановци (5 к.), староседелци, потекнуваат од предокот Пуље, кој го основал маалото. Од родот Богдановци потекнувал познатиот Богдан, за кој се збори дека бил голем јунак и од ништо не се плашел, исто така бил и прв во стрелаштво, тој исто така бил современик и на познатиот Пепо од Ново Село. Во Богдановци го знаат следното родословие: Спиро (жив на 67 г. во 1946 година) Богдан-Маџо, за понатамошните предци не знаат. Имаат иселеници во Вруток и Сретково; Трпевци (6 к.), староседелци. И тие потекнуваат од Пуље, основачот на маалото. Имаат иселеници во Сретково и во Сомбор (едно семејство); Влкановци (7 к.), староседелци, потекнуваат од Пуље. Имаат иселеници во Ваљево (едно семејство) и во Истанбул (едно семејство); Столевци (2 к.), староседелци, и тие потекнуваат од основачот на маалото. Имаат иселеници во Тајмиште и Бибовци (3 к.), староседелци, и тие имаат потекло од Пуље. Од нив најпрво се иселиле во Тетово, па од таму во Алексинац (едно семејство).
  • Горно Маало: Симјановци (3 к.), староседелци, старото презиме им е Ќулавџии, по предокот кој го основал маалото. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство), Скопје (едно семејство) и во Белград (две семејства); Ивановци (3 к.), староседелци. Имаат иселеници од Церово во Долна Баница, па од таму во Војводина (едно семејство) и Иљовци (1 к.), староседелци, и тие се поврзуваат со предокот кој го основал маалото. Имаат иселеници во Смедерево (едно семејство).

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Покрај за иселените поединечни семејства од родовите, се знае и за следниве родови: Пецовци биле староседелци и имале куќи во Печаноско Маало, но изумреле; Николовци биле староседелци и имале куќи во Печаноско Маало, но изумреле; Брајковци имале куќи во Горно Маало, биле староседелци, но изумреле; Стојановци, биле доселени од некаде, имале куќи во Пуљеско Маало, а се преселиле во Долни Милоновац.[3]

Во поново време, повеќето жители се иселени во Гостивар, дел во Скопје и во Србија.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поранешното основно училиште
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Церово било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на Општина Бањица, во која покрај Церово се наоѓале и Беловиште, Горна Бањица, Горна Ѓоновица, Долна Бањица, Долна Ѓоновица, Лакавица, Митрој Крсти, Симница, Сретково и Сушица. Самата Општина Бањица била дел од Гостиварската околија. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во Општина Симница, во која покрај Церово се наоѓале: Горна Ѓоновица, Долна Ѓоновица, Митрој Крсти, Симница и Сретково.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0495 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште во селото Сретково.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17]
  • Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, изградена во 2009 година на старите темели од 1864 година;[18] и
  • Црква „Св. Петка“ — мала селска црква, осветена на 25 октомври 2015 година. Ктитори се Димчо и Даниела Трпески.[19]
Спомен-чешми
  • Спомен-чешма за загинатите соселани во НОБ

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави
  • Свети Никола Летен — главна селска слава.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 311.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 216–219.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 213.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 26.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2023.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 17 април 2023.
  15. https://ep.sec.mk/election/results/electionType/local/electionYear/2021/electionRound/21/municipality/544/pollingStation/21484. Посетено на 17 април 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 117. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. „Осветена возбоновенета црква „Св. Никола" во гостиварско Церово“. МИА. 16 мај 2009. Посетено на 2010-04-30.
  19. светување на новиот храм „Св. Петка" с. Церово-Гостиварско. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-10-28.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]