Цветанка Трпкова
Цветанка Трпкова (Прилеп, 21 март 1939 - 13 јануари 1989) — македонска писателка.
Животопис
[уреди | уреди извор]Цветанка Трпкова (родена Секулоска) е родена во Прилеп, ќерка на Александар Секулоски (Цане Боксерот) и Блага Пирганоска. Основното и средното училиште ги завршила во родниот град, а во 1963 година дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на насоката Југословенска книжевност. Кон крајот на 1950-тите се вработила во во Радио Скопје, каде рецитирала поезија и говорела во радио-драми, монодрами и хумористични серии. Таа била позната по рецитирањето на поезијата на повеќе македонски поети, особено на Блаже Конески во чија чест го напишала рециталот „Соѕвездието на Конески“, како заеднички проект со композиторот Љубомир Бранѓолица, а кој го изведувала низ целата Југославија. За својата работа, во едно интервју, таа изјавила: „Па јас сум само еден обичен радио-асртист. Да бидеш радио-артист значи сè да дофатиш со гласот: и изразот, и говорот, и гестот... со инструментот на гласот да се извлече музиката на јазикот. Има поезија (како) напишана за мене. Во неа сум во сопствената кожа... Додека ја говорам, верувам дека сега јас ја измислувам...“ Трпкова загинала во сообраќајна несреќа на патот Охрид - Кичево, на 13 јануари 1989 година. Во спомен на неа е посветена стихозбирката „Златоврв“ на Блаже Конески.[1]
Творештво
[уреди | уреди извор]Својата прва песна, „Сон“, Трпкова ја објавила на 14-годишна возраст, во првиот број на списанието „Стремеж“ во 1953 година. Во 1979 година ја објавила збирката раскази „Бележани со некој пален знак“, а во 1984 година објавила уште една збирка раскази, „Големото чистење“. Во 1979 година, таа ја напишала и ја режирала драмата „Светол миг во коридорот“ во која, исто така, и глумела. Оваа драма била изведувана во неколку европски земји. Најпосле, во 1985 година се појавила и нејзината радио-драма „Големото чистење“. Во 1989 година, таа ја обработила драмата „Два камена за едни гради“ на Рада Панговска, посветена на бегалците од Егејска Македонија. Исто така, во текот на 1980-тите, Трпкова била активна како режисерка и актерка во радио-монодрамите „Пиреј“ (според истоименито роман на Петре М. Андреевски) и „Илинка“ на Јован Поповски. Покрај тоа, таа била авторка и режисерка на неколку радио-драми за деца, како: „Ти реков, ми рече, зборот не е мече“ (1971), „Сè се случува во незгоден час“ (1974), „Мала збрка за четирите страни на светот“ (1975) и „Елелум - Белелум“ (1980). Трпкова е авторка на две биографски радио-драми: „Поетот на електротехниката“ (1977), посветена на Никола Тесла, и „Ноќ од век поскапа“ (1979), посветена на Петар Петровиќ Његош (во соработка со Иван Карадак). За својата работа на радиото, Трпкова била повеќепати наградувана на Средбите на Југословенското радио. Во 2023 година, издавачката куќа Темплум ја објавила збирката со одбрани раскази на Трпкова, „Раздавање на душата“.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Кирил и Синоличка Трпкови, „Везилката на македонскиот поетски збор“, во: Цветанка Трпкова, Раздавање на душата. Скопје: Темплум, 2023, стр. 111-115.
- ↑ Кирил и Синоличка Трпкови, „Везилката на македонскиот поетски збор“, во: Цветанка Трпкова, Раздавање на душата. Скопје: Темплум, 2023, стр. 113-114.