Хрониките на Нарнија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Хрониките на Нарнија (англиски: The Chronicles of Narnia) е серија од седум научнофантастични новели напишани од британскиот писател К.С. Луис. Новелите од Хрониките на Нарнија биле публикувани во периодот од 1950 до 1956 година, а подоцна се адаптирани за радио, телевизија, театар, филм и видео игри. Дејството се одвива во измислената земја Нарнија, свет преполн со магија, митолошки суштества и животни што зборуваат. Ги опишува авантурите на многу деца кои имаат главна улога во креирањето на збиднувањата во Нарнија. Освен во „Коњот и неговото момче “, сите протагонисти се деца кои од реалниот свет магично се пренесени во Нарнија, каде што понекогаш лавот Аслан ги повикува да ја заштитат Нарнија од злото што ја демне. Книгите ја опфаќаат целата историја на Нарнија, од нејзиното создавање во Внукот на магепсникот до нејзиното уништување во Последната битка.

„Хрониките на Нарнија“ се сметаат за класика на детската литература и со продадени преку 100 милиони примероци на 47 јазици е најпродавано дело на Луис.

Идеја и концепт[уреди | уреди извор]

Луис идејата за пишување на „Хрониките на Нарнија“ ја добил во 1939 година, [1] но пишувањето на првата книга Лавот. вештерката и орманот ја завршил во 1949 година. Внукот на маѓепсникот, претпоследната објавена книга, но последна што ја напишал, била завршена во 1954 година. Луис не ги пишувал книгите по редоследот по кој биле објавувани, ниту пак биле објавени според хронолошкиот редослед на приказната.[2] За Последната битка, Луис во 1956 година добил Карнеги медал. Серијалот за првпат бил наречен Хрониките на Нарнија од страна писателот за деца Роџер Ленселин Грин во март 1951 година. Тој ја прочитал неодамна завршената четврта книга Сребрениот стол и го убедил Луис да го промени името на серијалот првично насловен како Ноќ под Нарнија.[1]

Името Нарнија потекнува од градот Нарни во Италија, чие латинско име било Нарнија.

Публикување[уреди | уреди извор]

Седумте книги на „Хрониките на Нарнија“ се постојано објавувани од 1956 година, продадени се во над 100 милиони примероци на 47 јазици, а има и изданија со Брајово писмо.[3] [4] [5]

Првите пет книги прво биле објавени во Обединетото Кралство. Првото издание на Лавот, вештерката и орманот било објавено во Лондон на 16 октомври 1950 година. Иако тогаш веќе биле завршени уште три книги, Принцот Каспијан, Патешествието на Мугра и Коњот и неговото момче, тие не биле веднаш објавени туку по една секоја година (1951–1954). Последните две книги (Внукот на магионичарот и Последната битка) биле објавени во Обединетото Кралство во 1955 и 1956 година. [6] [2]

Книги[уреди | уреди извор]

Седумте книги кои ги сочинуваат Хрониките на Нарнија се претставени редоследно по датумот на објавување:

Лавот, вештерката и орманот (1950)[уреди | уреди извор]

Лавот, вештерката и орманот била завршена во март 1949 година, [1] а ја објавил Џефри Блес во Обединетото Кралство на 16 октомври 1950 година. Новелата ја раскажува приказната за четири деца од Лондон: Питер, Сузан, Едмунд и Луси Певенси, кои кои по избувнувањето на Втората светска војна биле евакуирани во англиско село. Во куќата на професорот Дигори Кирке во која живеат откриваат орман кој води до магичната земја Нарнија. Децата му помагаат на Аслан, лавот што зборува, да ја спаси Нарнија од злобната Бела Вештерка, која владеела со земјата еден век со вечна зима без Божиќ. Децата стануваат кралеви и кралици на новооткриената земја и започнуваат Златното доба на Нарнија.

Принцот Каспијан: Враќање во Нарнија (1951)[уреди | уреди извор]

Книгата била завршена на самиот крај од декември 1949 година [1] и објавена на 15 октомври 1951 година. Принцот Каспијан: Враќање во Нарнија раскажува за второто патување на децата Певенси во Нарнија, една година (на Земјата) по нивното прво патување. Нив ги повикал принцот Каспијан така што дувнал во рогот на Сузан. Тоа тој требало да го направи во случај на итна потреба за помош. Нарнија каква што ја оставиле веќе ја немало, бидејќи таму поминале 1.300 години, нивниот замок е во руини, а сите Нарнијци длабоко се повлекле во себе и само магијата на Аслан може да ги разбуди. Каспијан побегнал во шумата за да избега од својот вујко, Мираз, кој насила го презел престолот. Децата уште еднаш требало да ја спасат Нарнија.

Патешествието на Мугра (1952)[уреди | уреди извор]

Била напишана во јануари и февруари 1950 година,[1] а објавена на 15 септември 1952 година. Во „Патешествието на Мугра“ Едмунд и Луси Певенси, заедно со нивниот братучет Јустас Скраб, се враќаат во Нарнија, три години по последното патување. Откако ќе стигнат, заедно со Каспијан на бродот Мугра тргнуваат во потрага на седумте господари кои биле протерани кога Мираз го презел тронот. Додека пловат кон земјата на Аслан на работ на светот, лице в лице се среќаваат со многу чудесни нешта и опасности.

Сребрениот стол (1953)[уреди | уреди извор]

Завршена на почетокот на март 1951 година[1] и објавена на 7 септември 1953 година. Сребрениот стол е првата книга од Нарнија во која не се појавуваат децата од семејството Певенси, а главен лик е Јустас. Неколку месеци по Патешествието на Мугра, Аслан го повикува Јустас во Нарнија заедно со неговата школска другарка Џил Пол. Тие добиваат четири знаци кои треба да им помогнат во потрагата по синот на принц Каспијан, Рилијан, кој исчезнал пред десет години откако тргнал да ја одмазди смртта на неговата мајка. Во Нарнија од настаните од Патешествието на Мугра; Јустас е сè уште дете, но Каспијан, многу млад во претходната книга, сега е старец. Јустас и Џил, со помош на мочуришниот мрмот Пудлглум, тргнуваат во потрага по Рилијан при што се соочуваат со опасности и предавства.

Коњот и неговото момче (1954)[уреди | уреди извор]

Започната била во март и завршена кон крајот на јули 1950 година. [1] Коњот и неговото момче била објавена на 6 септември 1954 година. Приказната се одвива за време на владеењето на децата од семејството Певенси во Нарнија, доба кое започнува и завршува во последното поглавје од Лавот, вештерката и орманот. Протагонистите, младото момче по име Шаста и коњот што зборува по име Бри, се заробени во земјата Калормен. Тие „случајно“ се среќаваат и коваат план за враќање во Нарнија и за нивно ослободување. Попатно се среќаваат со Аравис и нејзиниот коњ што зборува Хвин, кои исто така бегаат во Нарнија.

Внукот на маѓепсникот (1955)[уреди | уреди извор]

Завршена била во февруари 1954 година [1] и објавена од Бодли Хед во Лондон на 2 мај 1955 година. Внукот на маѓепсникот служи како вовед и ја прикажува приказната за настанувањето на Нарнија: како Аслан го создал светот и како злото се населило таму. Дигори Кирк и неговата другарка Поли Пламер пробувајќи магични прстени што им ги дал вујкото на Дигори патуваат во различни светови. Во светот Чарн, кој е работ на изумирање, ја будат кралицата Џејдис. Друг свет испаѓа дека почетокот на светот на Нарнија (каде Џејдис подоцна станува Белата Вештерка). Приказната е сместена во 1900 година, кога Дигори бил 12-годишно момче. Тој, кога ги води децата од Певенси во „Лавот, вештерката и орманот“, 40 години подоцна, е средовечен професор .

Последната битка (1956)[уреди | уреди извор]

Завршена била во март 1953 година,[1] а објавена на 4 септември 1956 година. Последната битка го прикажува крајот на светот на Нарнија. Џил и Јустас се враќаат за да ја спасат Нарнија од мајмунот Шифт, кој го наговара магарето Пазал да го глуми лавот Аслан, по што започнуваа пресметка меѓу Калормените и кралот Тиријан. Ова ќе го предизвика крајот на светот Нарнија со кој читателот се запознал низ серијалот, но Аслан ги води ликовите до „вистинската“ Нарнија.

Редослед на читање[уреди | уреди извор]

Книга Објавено Внатрешна хронологија [7]
Земјата Нарнија
Лавот, вештерката и гардеробата 1950 година 1940 година 1000–1015 година
Принцот Каспијан 1951 година 1941 година 2303
Патувањето на газењето на зората 1952 година Лето 1942 година 2306–2307
Сребрениот стол 1953 година Есента 1942 година 2356
Коњот и неговото момче 1954 година [1940] 1014 година
Внукот на магионичарот 1955 година 1900 година 1
Последната битка 1956 година 1949 година 2555

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Green & Hooper 2002.
  2. 2,0 2,1 Ford 2005.
  3. Kelly, Clint (2006). „Dear Mr. Lewis“. Response. 29 (1). Посетено на 22 September 2008. The seven books of Narnia have sold more than 100 million copies in 30 languages, nearly 20 million in the last 10 years alone
  4. Edward, Guthmann (11 December 2005). 'Narnia' tries to cash in on dual audience“. San Francisco Chronicle. Архивирано од изворникот на 15 May 2012. Посетено на 22 September 2008.
  5. GoodKnight, Glen H. (3 August 2010). „Narnia Editions & Translations“. Архивирано од изворникот на 3 March 2011. Посетено на 6 September 2010.
  6. Schakel 1979.
  7. Hooper, Walter (1979). „Outline of Narnian history so far as it is known“. Past Watchful Dragons: The Narnian Chronicles of C. S. Lewis. New York: Macmillan Publishing Co. стр. 41–44. ISBN 0-02-051970-2.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]