Христо Трајков
Христо Трајков | ||
Роден | 26 декември 1897 Кукуш, Егејска Македонија (ден. Грција) | |
---|---|---|
Починал | 24 јануари 1933 Софија, Бугарија |
Христо Трајков Христов (26 декември 1897 — 24 јануари 1933) — македонски револуционер и политички деец.[1]
Биографија
[уреди | уреди извор]Роден е во семејството на Трајко Христов, колар, и Елена Чулева. Завршил трети клас во католичко основно училиште во 1913 година. Истата година заради војната со брод преку Солун се преселуваат во Ѓумурџина, тогаш во Бугарија, каде живеел неговиот поголем брат Стојчо. Потоа се преселиле во Струмица, тогаш во Бугарија, каде во 1915 година умрел татко му. Во тоа време на глад и сиромаштија заминува повторно за Ѓумурџина да работи како поштенски службеник. Но поради читање на забранети книги и другарување со „неблагонадежни момчиња“ е опуштен. По анексијата на Западна Тракија од Грција во 1918 година се преселил Крџали, каде бил секретар-собирач на данок и на таа должност работил пет години.
Потоа доаѓа во Софија. Тука се поврзува со кукушаните - емигранти и станува член на ВМРО (Обединета). Работел во Кукушкото братство. Соработувал со Бугарската комунистичка партија и станал член на нејзиниот Градски комитет. Бил член на ЦК на ВМРО (Обединета) и на Општиот емигрантски комитет. Учествувал во издавањето на весниците „Македонски студентски лист“, потоа „Македонско знаме“ и други.
Бил народен пратеник од 1931 година до 1933 година. По поставување на прашањето за посебноста на македонската нација од ВМРО (Обединета) во 1932 година ја поткрепил оваа идеја.[2] Како народен пратеник од Бугарската комунистичка партија во 1932 г. поднесува приговор по повод киднапирањето на како што самиот вели, прогресивно настроените Македонци - браќата Михаил и Борис Сматракалеви. Тука тој истакнува:
– „Во Пиринска Македонија во името на ослободението и независноста на Македонија, се затнува устата на Македонците – за да молчат и да не расудуваат. Ние прашуваме: како тие коишто го прават сето тоа во името на правата и слободата на македонскиот народ, поробен под српска и грчка власт, имаат морално право да водат борба против српската и грчката тиранија во нашата поробена Македонија?!…
…Да не се заборави, македонското население во Петричката околија, вака или онака, претставува потиснато национално малцинство, зашто за нас Македонците, Македонија e разделена на три и е поробена во трите дела.[3][4]
[кон следбениците на „ванчомихајловистичката“ ВМРО] …Вие сте предавници. Вие го предадовте Македончето на Србите.
…Ако за лошата економска состојба на македонскиот народ во Србија е виновна српската диктатура, тогаш - за лошата економска состојба на населението во Пиринска Македонија се виновни оние коишто вршат такви грабежи, какви што немало ни во турско…
…Откако видовте дека во Неврокоп населението е спремно да гласа за секоја друга листа, но не и за таа што вие му ја натрапувате, зошто најпосле кај вас не проработе совеста, та еднаш засекогаш да престанете да го ослободувате македонскиот народ, чиишто маки причинети од вас се епски? Ако македонскиот народ е убиван, тоа сте вие, коишто го убивате.“[5]
Во Народното собрание на Бугарија се истакнал како непомирлив борец за права на Македонците во Бугарија и цврст противник на михајловистите, поради што му е изречена смртна пресуда. На конгресот на ВМРО во 1932 година во Софија успеал да влезе инкогнито и да се искаже обвинувајќи ги михајловистите дека соработуваат со дворецот и реакционерните влади. Истата година како пратеник полицијата го интернирала во село Врбица, Преславско. Подоцна е фрлен во затвор како одговорен уредник на весникот „Работническо дело“. Таму михајловистите се обиделе да го убијат, но неговите другари успеале да го разоткријат заговорот и да го спасат од убиството. Сепак, убиен е на 24 јануари 1933 година од тројца терористи на ВМРО.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Pero Korobar, Orde Ivanoski (1981). Istoriska vistina: progresivnata opštestvena javnost vo Bugarija i Pirinska Makedonija za makedonskoto nacionalno prašanje : dokumenti, studii, rezolucii, apeli i publicistički prilozi 1896-1956. Kultura.
- ↑ Потеклото на македонската нација - Стенограма од седница на Македонскиот научен институт во Софија во 1947 година.
- ↑ Христо Трајков: Бескомпромисен народен деец („Македонско сонце“, 2003)
- ↑ Прашање на Христо Трајков во Народното собрание односно киднапирањето на браќата Сматракалеви
- ↑ Прашање на Христо Трајков во Народното собрание односно киднапирањето на браќата Сматракалеви
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- БЕСКОМПРОМИСЕН НАРОДЕН ДЕЕЦ, „Македонско сонце“ Архивирано на 2 март 2010 г.
- Прашање на Христо Трајков во Народното собрание односно киднапирањето на браќата Сматракалеви Архивирано на 19 ноември 2004 г.
- Учество на Христо Трајков во собраниска седница Архивирано на 19 ноември 2004 г.