Храбар нов свет

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Храбар Нов Свет)
Корицата на првото издание

Храбар нов свет (англиски: Brave New World) е роман на Олдос Хаксли, напишан во 1931 година, а објавен во 1932 година. Дејството на романот се одвива во Лондон во 2540 година, каде што власта ги комбинира репродуктивната технологија и учењето во соништата за да го промени општеството, кое е олицетворение на идеалите, кои ја формираат основата на футурологијата. Како одговор на оваа книга, подоцна Хаксли ги напишал есејот Brave New World Revisited (1958) и неговото последно дело Остров (1962).

Во 1999 година, издавачката куќа Modern Library го рангирала романот Храбар нов свет на петто место на списокот на 100 најдобри романи на англиски јазик во XX век.[1]

Наслов[уреди | уреди извор]

Насловот на романот доаѓа од репликата на Миранда во драмата Бура на Шекспир (дејство 5, сцена 1):

„О, чудо! Колку
прекрасни сушстетсва! Ах, колку прекрасни
биле луѓето! И колку си среќен
со нив, во Новиот Свет!“

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 18 глави:

  • Глава 1 - 3: Во 632 година во Фордовата ера, директорот на Лондонскиот центар за инкубаторско производство и систематска обработка, Д. Ц. (Томас, т.е. Томи), на група студенти им го објаснува процесот на масовно вештачко оплодување на јајце-клетките. Во центарот се создаваат близнаци, поделени на различни касти (алфа, бета, гама итн.) кои се одгледуваат за да извршуваат различни општествени функции: рудари, војници, управувачи. На студентите им пристапува Мустафа Монд, еден од десетте Управувачи на Светската држава кој им раскажува за животот во предмодерното време, кога луѓето имале родители и емоции, а сексуалноста била табу. Наспроти тоа, во Фородвата ера не постојат дом, родители и брак; секој му припаѓа секому и луѓето имаат слободни сексуални односи; уште од бебиња, сите се подложени на индоктринација; постојаната потрошувачка е врховна цел на општеството; не постои демократија и уништени се историските споменици; луѓето немаат емоции и измислена е дрогата „сома“ со чија помош се отстрануваат сите грижи.[2]
  • Глава 4 - 5: Бернард Макс работи во Центарот за инкубаторско производство. Иако е припадник на алфа-кастата, тој не е физички развиен како другите нејзини припадници и поради тоа е осамен. Истовремено, и неговите сфаќања се разликуваат од вообичаените правила на однесување. Тој е вљубен во колешката Ленина Краун, а единствен пријател му е Хелмхолц Вотсон, многу згоден и способен човек чија духовна надмоќност го прави поинаков од останатите припадници на алфа-кастата. Секој втор четврток, тој учествува во Мисата на солидарноста, но никогаш не може да го доживее ветеното просветлување и да ги слушне чекорите на Највисокото суштество.[3]
  • Глава 6 - 9: Бернард и Ленина стапуваат во врска која таа ја сфаќа само како привремена забава, без никакви емоции и затоа Бернард ја запрепастува со неговите желби за страст, лична слобода и индивидуалност - нештата кои во Фордовата ера се сметаат за ерес. Тие заминуваат на одмор во резерватот за дивјаци во Ново Мексико каде во индијанското село присуствуваат на нивниот ритуал при што ги запознаваат белците Џон и мајка му Линда кои живеат со Индијанците. Своевремено, Линда му била девојка на директорот Томи и при нивната посета на резерватот, таа се повредила, а бидејќи спасувачките екипи не можеле да ја најдат, Томи се вратил во Лондон, а таа останала таму и набргу го родила Џон. Откако Џон му раскажува за своето тешко минато во резерватот, Бернард предлага да ги однесе него и Линда во Лондон, сакајќи да го искористи тоа што неговиот татко е директорот на центарот за инкубација. Џон е воодушевен од предлогот, зашто од првиот миг е вљубен во Ленина. Бернард му се јавува на Мустафа Монд и така добива специјална дозвола да ги пренесе Линда и Џон од резерватот во Лондон. За тоа време, Џон влегува во туристичката куќарка и вљубено ја набљудува Ленина додека спие.[4]
  • Глава 10 - 13: По враќањето на Бернард во Лондон, директорот на Центарот за репродукција му дав аотказ во присуство на сите вработени. Тогаш, Бернард ги претставува Линда и Џон и сите дознаваат дека директорот е таткото на Џон. Така, Бернард го понижува директорот пред вработените и тој набрзо дава отказ од работата. Линда и Џон продолжуваат да живеат во Лондон. Бидејќи луѓето ја сметаат за грда и одбивна, таа веднаш почнува да се дрогира, се затвора во својот стан и ја губи врската со реалноста. Од друга страна, сите видни луѓе сакаат да го видат Џон (кого го нарекуваат Дивјакот). Џон приредува забави на кои присуствуваат сите позначајни луѓе од Лондон, а неговиот углед во општеството наеднаш се зголемува. Исто така, и Ленина станува позната благодарение на нејзиното искуство со дивјаците во резерватот. Нејзе ѝ се допаѓа Џон, но тој се плаши да ѝ пријде. Истовремено, откако се запознава со цивилизацијата, кај него се јавува незадоволство од животот во неа. Поради тоа, во една прилика, кога Бернард ги кани членовите на високото општество, Џон одбива да се појави на забавата и така, Бернард е јавно понижен. Во меѓувреме, Џон се спријателува со Хелмхолц, кому му ги чита делата на Шекспир, а поради тоа, Бернард почнува да ги мрази. Ленина копнее да има сексуален однос со Џон, но тој е невино вљубен во неа. Најпосле, таа го посетува во станот и му се нуди, но тој побеснува и грубо ја одбива. Тогаш, нему му јавуваат дека мајка му се наоѓа во центарот за умирање.[5]
  • Глава 14 - 15: Џон веднаш ја посетува мајка си, која ја наоѓа на умирање. Поради интензивната употреба на сома, Линда ја изгубила врската со реалноста и во последните мигови од животот мисли на својто љубовник од резерватот, Пепе. Нејзината смрт ја гледа група мали деца кои го посетуваат умиралиштето, како дел од нивното воспитување. Набрзо, Линда умира и Џон паѓа во очај. Напуштајќи го умиралиштето, тој ги здогледува работниците додека чекаат да им се подели дрогата. Гневен поради нивното однесување, тој им држи говор за слободата и ја расфрла дрогата, но на тој начин само ја разбеснува толпата, која го напаѓа. Во тој миг пристигнуваат Хелмхолц и Бернард при што Хелмхолц храбро застанува во негова одбрана. За кратко време доаѓа полицијата која ја смирува толпата и ги приведува Џон, Хелмхолц и Бернард.[6]
  • Глава 16 - 18: Тројцата се соочуваат со управувачот Мустафа Монд, кој на Џон му ги изложува своите ставови за вистината и убавината кои треба да се жртвуваат за луѓето да бидат среќни и за да се обезбеди стабилноста во општеството. Исто така, Џон и Монд водат долга дискусија за потребата од религијата. Џон сфаќа дека современата цивилизација не може да се подобри и затоа бара од Монд да му дозволи лична слобода, дури и по цена да биде несреќен. Бидејќи Бернард и Хелмхолц претставуваат потенцијална опасност за општеството, Монд им соопштува дека ќе бидат протерани на некој остров. И Џон бара да им се придружи на двајцата пријатели, но не добива дозвола. Затоа, тој се повлекува во еден пуст крај и живее како испосник во напуштен светилник, бавејќи се со лов и со земјоделство. Еднаш, го посетуваат новинари кои тој грубо ги брка, но со тоа го привлекува вниманието на научникот Дарвин Бонапарте, кој снима филм за него. Откако филмот постигнува голем успех, Џон се соочува со навала од посетители кои го третираат како туристичка атракција. Тој паѓа во очај и извршува самоубиство.[7]

Ликови[уреди | уреди извор]

По редослед на појавување[уреди | уреди извор]

  • Томас „Томи“ (директорот Д. Ц.)
  • Хенри Фостер
  • Ленина Краун
  • Мустафа Монд
  • Бернард Маркс
  • Фани Краун
  • Бенито Хувер
  • Хелмхолц Вотсон

На мисата на солидарноста[уреди | уреди извор]

  • Моргана Ротшилд, Херберт Бакунин, Фифи Бредло, Џим Бокановски, Клара Детердинг, Џоана Дизел, Сароџини Енгелс, и Том Кавагучи
  • Госпоѓица Кит
  • Примо Мелон
  • Дарвин Бонапарте

Во Малпаис[уреди | уреди извор]

  • Џон Дивјакот („Господин Дивјак“)
  • Линда
  • Попе

Позадински ликови[уреди | уреди извор]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Храбриот нов свет спаѓа во класичните дела на дистописката научна фантастика. Во него, Хаксли ги предвидува процесите на дехуманизација, стерилност, отсуството на индивидуалност, психолошката манипулација и сите видови на контролирано мислење и живеење. Во времето кога се појавил, овој роман претставувал остра сатира на тогашните случувања: масовното производство, социјалните и културните движења во кои се губи идентитетот на поединецот за Хаксли претставувале повик за узбуна. Посетата на САД и запознавањето со нејзината култура заснована врз комерцијалноста и сексуалниот промискуитет дополнително го разбудил неговиот страв од американизацијата на Европа и на целиот свет, мотивирајќи го да го напише овој роман.[8]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Една песна од албумот „Сиромашни и богати“ (2012) на македонската рок-група „Хахаха“ се вика „Храбар Нов Свет“ при што во текстот се споменува и Хаксли.[9]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. „100 Best Novels“. Random House. 1999. Посетено на 2007-06-23..
  2. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 5-48.
  3. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 49-72.
  4. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 73-121.
  5. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 122-167.
  6. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 168-184.
  7. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014, стр. 185-205.
  8. Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014.
  9. Хахаха, Сиромашни и богати, HMRL 027, Moonlee Records, 2012.