Хорсбол
| Хорсбол | |
|---|---|
Натпревар по хорсбол | |
| Највисоко управно тело | Меѓународна федерација за хорсбол (1999) |
| Првпат одиграно | 1930 (неформално); 1970 (формално во Франција) |
| Одлики | |
| Контакт | нема |
| Број на играчи | 4 од секоја страна (+ 2 резерви) |
| Мешан пол | да |
| Вид спорт | екипен спорт, игра со топка |
| Опрема | топка со рачки, коњ |
| Присуство | |
| Земја или регион | ширум светот |
Хорсбол (англиски: Horseball) — спорт што се игра на коњи, каде што топката се контролира со раце, а поени се добиваат со нејзино фрлање низ обрач со пречник од еден метар. Овој спорт, кој е комбинација од поло, рагби, нетбол и кошарка, е една од десетте дисциплини официјално признаени од Меѓународната коњичка федерација (FEI). Меѓународната федерација за хорсбол (FIHB), основана во 1999 г., денес ги раководи меѓународните организации за овој спорт.[1]
Потекло
[уреди | уреди извор]Хорсболот бил измислен од капетанот Клаве од француската војска, светски шампион во прескокнување пречки. Дизајнот на топката и голот бил вдахнат од пато, национален спорт на Аргентина, но сличноста завршува тука. Играта била осмислена со цел да се подобри хармонијата меѓу јавачите и коњите, направена да биде забавна и да може да се игра на стандарден коњички терен. Правилата на спортот биле развиени од француска група предводена од Жан Пол Депонс, коњички наставник од Бордо и рагбист.
Кон крајот на 1970-тите, Француската коњичка федерација (FFE) го прифатила хорсболот како дисциплина и играта набрзо станала популарна во Франција. На почетокот на 1990-тите се проширила на меѓународно ниво. Во 1992 г. била основана Меѓународната комисија за хорсбол со учество на Франција, Белгија, Германија, Обединетото Кралство, Италија и Португалија. Првиот Европски куп се одржал во декември 1992 г. во Париз.[2]
Правила на игра
[уреди | уреди извор]Хорсболот е коњички спорт што наликува на мешавина од рагби и кошарка. Целта на оваа брза екипна игра е да се постигне гол во противничкиот кош. Секоја екипа има по четворица играчи и двајца резервисти. Пред да се постигне гол, топката мора да биде додадена меѓу најмалку тројца различни играчи. Замените на играчи можат да се вршат кога играта е во прекин.
Топката што се користи е фудбалска топка во посебна мрежа со шест рачки за држење. Играчите можат да ја држат топката најмногу 10 секунди и мораат да додаваат за време на нападот. Ако топката падне на земја, играчите може да ја подигнат само без да ја намалат брзината или да се симнат од коњот; ова движење се нарекува ramassage.
Головите се постигнуваат со фрлање на топката низ вертикални обрачи со пречник од 1 метар, поставени на височина од 3,5 метри на двата краја од теренот. Играта обично се игра на правоаголен терен со димензии 65 x 25 метри. Натпреварот трае 20 минути, поделен на две полувремиња од по 10 минути, со пауза од 3 минути меѓу нив. Победува екипата со најмногу голови.[2]
Меѓународна федерација за хорсбол
[уреди | уреди извор]Меѓународната федерација за хорсбол е основана во 1999 г.
Федерацијата е признаена од Меѓународната коњичка федерација (FEI) од 2015 г. Друг извор на вдахновение за хорсболот е бузкаши, стар авганистански коњички спорт.
Членови
[уреди | уреди извор]Од март 2025 г., членови се 18 земји:
- Азија (2): Јапонија, Киргистан (поранешни членови: Пакистан, Кина)
- Океанија (1): Австралија
- Америка (7): Аргентина, Бразил, Канада, САД, Мексико, Уругвај, Чиле
- Европа (8): Белгија, Австрија, Франција, Обединето Кралство, Италија, Холандија, Португалија, Шпанија
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „International Horseball and University Sports Federations sign MOUs with FEI“. FEI. 25 ноември 2015. Архивирано од изворникот 7 декември 2024. Посетено на 20 август 2025.
- 1 2 „Fédération Internationale de Horseball - FIHB“. fihb.net. Архивирано од изворникот 27 март 2025. Посетено на 20 август 2025.