Хорарна астрологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Астрологија
Почетоци
Историја на астрологијата
Историја на астрономијата
Астрологија и астрономија
Традиции
Вавилонска астрологија
Арапска и персиска астрологија
Кинеска астрологија
Египетска астрологија
Хеленско-римска астрологија
Индиска астрологија
Исламска астрологија
Сидерална астрологија
Западна астрологија
Видови
Хороскоп
Натална астрологија
Годишен хороскоп
Хорарна астрологија
Мундана астрологија
Категории
Астролози
Портал:Астрологија


Хорарна астрологија е гранка на астрологијата, при што астрологот одговара на конкретно поставено прашање. Астролошкиот круг се црта за точното време кога астрологот го чул и го сфатил прашањето. Постои несогласување меѓу хорарните астролози во врска со локацијата која се употребува при цртање на хорарната карта, односно дали е правилно да се земе локацијата на прашувачот, или локацијата на астрологот. Во минати времиња, астрологот и прашувачот се наоѓале еден наспроти друг, но овој проблем се појавува во денешни времиња, бидејќи постои комуникација по телефон или преку интернет, па така се случува прашувачот да е во Австралија, а астрологот во Европа. Сепак повеќето традиционални астролози, како локација го земаат местото во кое тие се наоѓаат.

Одговорите кои се добиваат од хорарната карта варираат од едноставни одговори како „да“ или „не“, до сложени објаснувања во врска со проблемот, како на пример мотивите на оние кои се инволвирани во случајот, или алтернативните можности за прашувачот.

Историја[уреди | уреди извор]

Хорарната астрологија била практикувана со векови во Индија, а позната е како Прасна Шастра (санскрит: прасна = прашање), гранка на астрологијата која и денес се користи во Индија.

Англискиот астролог Вилијам Лили (1602-1681) се смета за последниот најголем хорарен астролог, и најверојатно еден од најдобрите познавачи и практикувачи на оваа гранка од астрологијата.

Во XX век, индискиот астролог Кришнамурти вовел во употреба нов систем наречен Кришнамурти систем, кој денес се користи во Индија. Разликата при употреба на овој систем е што прашувачот е замолен да одбере број од 1 до 249, а според бројот што ќе го одбере, ќе се пресмета асцедентот на хорарната карта.

Систем на работа[уреди | уреди извор]

Хорарната астрологија си има свој систем на работа. Најважна е позицијата на Месечината и аспектите кои таа ги прави со другите планети. Оној што поставува прашање, прашувачот, е претставен со планетата која владее со првата куќа од хорарната карта. Други важни елементи при анализа на хорарна карта се месечевите јазли, планетарните антисции, фиксните ѕвезди и некои од таканаречените арапски точки.

Вообичаено, во хорарната карта не се читаат сите планетарни позиции, ниту се разгледуваат сите куќи и планети, туку само оние кои се директно поврзани со прашањето. На пример, за прашање: „Каде е мачката?“, одговорот ќе го бараме во 6 куќа и нејзиниот владетел, затоа што 6 куќа традиционално се смета дека ги претставува малите животни (животни кои се помали од коза, или кои не може да се јаваат). Ако на врвот од 6 куќа се наоѓа знакот Вага, на пример, тогаш Венера како владетел на овој знак во хорарната карта ќе ја покаже изгубената мачка. Состојбата на Венера (нејзиното достоинство, аспектите итн.) ќе ни ја дадат состојбата на изгубеното животно.

Употреба на куќите[уреди | уреди извор]

Астролошките куќи ја играат најголемата улога во хорарната астрологија. Може да се употреби било кој систем на поделба на куќите, но вообичаено е да се користи системот наречен Региомонтанус.

Умешноста да се одреди во која куќа треба да се бара одговорот на поставеното прашање е најголемиот квалитет на астрологот. Доколку толкуваме погрешна куќа, и одговорот ќе биде погрешен. Куќите имаат по повеќе значења. Следува список на можни значења на куќите:[1]

Прва куќа
Прашувачот (оној што го поставува прашањето), неговото тело, но за медицинско прашање овде е само главата. Тоа е „бродот во кој пловам“, т.е. телото како „превозно средство на душата“. Името на прашувачот. Голема група на која прашувачот ѝ припаѓа. Тимот за кој навива. Локацијата на која се наоѓа прашувачот.
Втора куќа
Подвижниот имот на прашувачот: ако нешто е ваше, од нежива природа и може да се придвижи, припаѓа овде. Колата на прашувачот; парите во сите форми, сметките во банка. Вреднувањето на себеси. Вашите најблиски советници: во двобој - вашиот секундант, во судски спор - вашиот адвокат и сведоците кои сведочат во ваша полза.
Трета куќа
Браќата и сестрите на прашувачот, неговите братучеди. Патувањата кои се секојдневни, како патот до канцеларија на пример. Основно знаење: читање, пишување и сметање. Писмото кое го праќа прашувачот. Учениците и комшиите на прашувачот.
Четврта куќа
Таткото на прашувачот, родителите воопшто, потеклото; недвижниот имот, викендичката и овоштарникот, па макар да се во странство. Пресудата при прашање за судски спор. Рудници, закопано богатство и сè што е под земја.
Петта куќа
Задоволство и места на кои уживаме, театар, журки, спорт. Деца и бременост. Книгата што ја напишал прашувачот. Профит од изнајмување на куќата (кирија).
Шеста куќа
Ова е куќа на непријатностите со кои светот го опсипува прашувачот: болести и разни несреќи. Ги претставува болниците; работниците и слугите кои работат за прашувачот, мајсторите кои ја поправаат колата, на пример. Мали животни, помали од коза, или животни што не може да се јаваат. Овде се тетките и стриковците, т.е. браќата и сестрите на таткото.
Седма куќа
Партнерите на прашувачот, било да се емотивни или деловни. Сопружници, симпатии, љубовници, дури и кога не постои врска, туку е само желба. Овде се лекарите, астролозите на прашувачот; купувачот на колата/ куќата што ја продава прашувачот, но исто и продавачот доколку прашувачот купува. Отворени непријатели; другата страна од судскиот спор; тимот против кој игра мојот тим. Крадци.
Осма куќа
Куќа на смрт - без метафора. Но најчесто овде се парите на другите луѓе кои прашувачот сака да ги добие во свој џеб. Самопочитта на партнерот. Тестамент. Душевно патење на прашувачот.
Деветта куќа
Посебни патувања. Годишни одмори; странство. Ова е куќа на Бог, на религијата, патот кон божественото. Повисоко знаење: сè што е повеќе од основно знаење. Факултети; манастири; учители, свештеници, учени луѓе; пророци; соништа.
Десетта куќа
Крал, шеф, влада, премиер, петстедател, судија. Чест, успех, слава, работа и професија на прашувачот. Мајката на прашувачот.
Единаесетта куќа
Платата на прашувачот; дарови „од кралот“, како стипендии на пример; пари „од небо“, како добивка на лотарија на пример. Надежи и желби. Пријателите на прашувачот.
Дванаессетта куќа
Тајни непријатели на прашувачот, не поради тоа што не ги знае, туку според начинот на кој му наштетуваат: вештерство, зли гласини, шпионирање. Тајни работи, скриени нешта од прашувачот. Лични пороци, глупостите кои ги прави прашувачот, а кои му го отежнуваат животот. Гревови, стравови, фобии. Затвори. Животни поголеми од коза.

Вртење на хороскопот[уреди | уреди извор]

На некои прашања е важна употребата на вртење на хороскопот, односно радикалните куќи се претвораат во т.н. дериватни куќи. Пример, ако мојот брат е претставен со трета куќа, тогаш неговите пари се куќата која е втора од третата = четврта куќа. Моето дете е петта куќа, а детето на моето дете (мое внуче) е петта од петтата = деветта куќа. Топката на моето куче - втора од шеста = седма куќа.

Толкување[уреди | уреди извор]

Најдете ги сигнификаторите, најдете аспект меѓу нив, и ќе имате позитивен одговор на прашањето. Аспектот е важен, но не е пресуден. Аспектот дава можност нешто да се случи. Ако нема можност, нема настан, но не мора да го означува позитивниот исход на прашањето. На пример: имав можност да ја запросам, но таа ме одби. Можноста сама по себе не беше доволна да се оствари планираното.[2]

Затоа, она што е важно при анализирање на хорарната карта се достоинствата и рецепциите на планетите. Аспектот носи можност да се делува, рецепцијата - желба да се делува, а достоинството - моќ да се делува.

Планетарно достоинство[уреди | уреди извор]

Постојат два вида достоинства на планетите: случајно и основно достоинство, и имаат различно значење. На пример при прашање за судски спор основното достоинство покажува кој е во право, а случајното достоинство - кој ќе го добие спорот.

За планетата ќе речеме дека има основно достоинство доколку се наоѓа во свој знак или во знак во кој е во егзалтација. Доколку се наоѓа во изгон или пад - планетата е дебилитирана, и тогаш во хорарната карта врши лошо влијание. Но, планета која не е во ниедно основно достоинство, ниту е во изгон или пад, е перегринирана. Таа е налик на скитник, препуштена на околностите, и обично се смета за лоша.

Наједноставно кажано, случајно достоинство има планета која се наоѓа во аголна куќа, иако списокот на случајни достоинства и дебилитации е долг. Ситуации на случајна дебилитација:[3]

  • Повратна или „ретроградна“ планета е најчесто афликција. Но при прашања за враќање („Дали ќе се смириме?“) - повратна планета е добар показател дека враќањето е можно.
  • Стационираност на планета секогаш покажува голема ранливост или слабост. Планета во прва станица (во моментот додека стои пред да смени правец) е како човек кој се спрема да легне болен во кревет.
  • Спалена планета е онаа која се наоѓа на далечина од осум и пол степени од Сонцето.
  • Планета која е сигнификатор меѓу две планети е во опсада. Ако планетите се лоши - сакаат да ѝ наштетат, но ако се добри, ѝ помагаат.

Казими или во срце на Сонцето, е планета која е на 17 и пол минути од Сонцето. Ова се смета за многу поволен аспект.

Месечината[уреди | уреди извор]

Колку светло има Месечината, толку е поспособна да делува. Посилна е кога расте (од млада кон полна), отколку кога паѓа (од полна кон млада). Најслаба е полната Месечина. Се вели дека Месечината е во празен од доколку до крајот на знакот во кој се наоѓа не прави никаков аспект со другите планети. При анализа на хорарна карта, Месечина во празен од е општ показател дека нема ништо да се случува. Ова е некогаш добро, но некогаш не е. На пример, ако прашањето гласи „Дали ќе ме избркаат од работа?“, а Месечината е во празен од, тогаш одговорот е: „Не, ништо нема да се случи.“[4]

Подрачјето во Зодијакот меѓу 15 степени Вага и 15 степени Скорпија се нарекува Виа Комбуста, или спален пат. Месечината не сака да е тука, се чувствува вознемирено, а ова е значајно при емотивни прашања.

Аспекти[уреди | уреди извор]

Во хорарната астрологија се користат само главните аспекти, и тоа чисти аспекти: врзување, тригон, секстил, квадрат и противположба. При анализа на хорарната карта состојбата на планетите и нивните меѓусебни ставови, достоинствата и рецепциите, покажуваат дали аспектот е среќен или не, а не природата на аспектот. Па така во хорарната карта квадрат со добри рецепции може да е помоќен од тригон со лоши рецепции.

Пренос на светлина и прохибиција[уреди | уреди извор]

Ова е ситуација во хорарната карта кога двата главни сигнификатори немаат аспект меѓу себе, но некоја трета планета ги поврзува: прави аспект со едната, а потоа со другата планета. Ова се нарекува пренос на светлина, и обично означува вклучена трета особа во ситуацијата за која се однесува прашањето. На пример, планетата А оди кон Б, а Б оди кон Ц. На овој начин се поврзани планетите А и Ц.

Прохибиција е спречен аспект. На пример, А оди кон Б, ама налетува прво на Ц. Ова значи дека Ц ќе ја расипе работата, што и да означува Ц во конкретната хорарна карта. Имам состанок со Џули, ама се јави Џејн да се смириме, па заминав со Џејн.[5]

Антисција[уреди | уреди извор]

Антисција е грчки збор за „сенка“. Секој степен во Зодијакот има свој степен на антисција. Во хорарната карта важни се антисциите на планетите, затоа што коњукција или опозиција со планета преку антисција делува исто како физичка коњукција или опозиција на двете планети. Посебноста на овој аспект е во тоа што кога постои антисција, постои и нешто таинствено во врска со ситуацијата.[6]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 20-28
  2. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 45
  3. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 54
  4. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 62-63
  5. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 86
  6. Џон Фроли, „Учебник по хорарна астрологија“, Акрукс Боок, Белград, 2005, стр. 92