Прејди на содржината

Хип-хоп магазин

Од Википедија — слободната енциклопедија

Хип-хоп магазин — телевизиска емисија, која се емитувала на првиот канал од Македонската радио-телевизија,[1] посветена на македонскиот и светскиот хип-хоп и урбана култура. Емисијата била реализирана во рамките на емисијата „Биди така“ во периодот од 2007 до 2010 година. Автор на емисијата бил Александар Ковилоски.

Емитување на проектот

[уреди | уреди извор]

Можноста на визуелен начин да се долови културниот аспект на хип-хопот беше дотолку позначајна не само поради тоа што за првпат на еден јавен сервис беше пласирана емисија која обработува теми од областа на поткултурите, туку и поради слободниот начин на кој тие теми беа пласирани. „Хип-хоп магазин“ беше динамична емисија исполнета со многубројни содржини кои беа внимателно одбрани и професионално реализирани за да го задржат вниманието на почитувачите на андерграундот.[2] Она што ја одделуваше од останатите хип-хоп емисии беше тоа што во неа не се пласираа само музички спотови, туку во неа плански беа интегрирани повеќе рубрики кои беа реализирани самостојно и без влијание од страна на уредниците на програмата. Темите презентирани во неа имаа широк опсег, но секогаш беа поврзани со хип-хопот, давајќи и’ ја онаа тежина на критичка издржаност која секогаш е проблем да му се даде на хип-хопот кога се презентира подалеку од маалските кругови. Се обработуваа најразлични теми - од Црните Пантери и Малком Екс и нивната револуционерна борба, теми за гетото и уличните банди, теми за графити и скречување, за хип-хоп облека и рецензии на рап албуми. Во секоја емисија имаше рубрика за интервјуа со македонски рап артисти и се промовираа најновите мак-рап спотови, промовирајќи го македонскиот андерграунд рап, со целата своја смисла и пораки, во Република Македонија и на Балканот.

Опис на Хип-хоп магазин

[уреди | уреди извор]

Нејзиното времетраење беше половина час и се емитуваше еднаш месечно. Емисијата веднаш беше забележана, но поради ставовите кои се изнесуваа во неа, никогаш не ѝ беше дадена можност да напредува и да добие неделен термин, поради нејзината експлицитна содржина, поради што честопати се емитуваше после полноќ. Парадоксално, неколкупати беше прогласувана за емисија на месецот од домашно производство токму од одборот на уредници на ТВ каналот. „Хип-хоп магазин“ комплетно запре да се емитува кон крајот на 2010 година, поради притисокот да го смени својот концепт и да „омекне“ во пораките коишто ги испраќа.

  1. „Презентација на македонската хип-хоп култура пред публиката во Њујорк“. Радио МОФ (англиски). 2018-08-23. Посетено на 2018-09-27.
  2. „Први официјални македонски Хип Хоп награди“. Кајгана форум. Посетено на 2018-09-27.