Хинденбургов насип

Од Википедија — слободната енциклопедија
Хинденбурговиот насип на карта со областа. Насипите кои ги поврзуваат Оланд, Лангенес и Реме се исто така прикажани.
Воздушен поглед на Хинденбурговиот насип
Хинденбурговиот насип
Воз на Хинденбурговиот насип

Хинденбургов насип (германски: Hindenburgdamm) — насип во должина од 11 километри кој го поврзува севернофризискиот остров Зилт со копното на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн. Бил отворен на 1 јуни 1927 година и претставува само железнички коридор. Насипот се градел четири години од страна на претпријатијата „Филип Холцман АГ“ од Франкфурт, кое работело од копното, и „Петер Фикс Зене“ од Дујсбург, кое работело од Зилт. Патувањето со воз долж насипот трае околу 10 минути, а времето помеѓу автомобилските терминал во Нибил на копното и Вестерланд на Зилт е околу 30 минути. Хинденбурговиот насип е дел од железничката линија позната како „Мочуришна железница“ (Marschbahn), која е со два колосеци, иако на времето постоела само една. На насипот се наоѓа куќичка за сигналите.

Секој ден поминуваат повеќе од 100 воза на насипот, 50 од нив носат автомобили (не постои патна врска до Зилт). Секоја година, железничките фериботи носат повеќе од 450.000 возила преку насипот.

Насипот, кој го носи името на претседателот Паул фон Хинденбург на Вајмарската Република, ја прекинал плимата и осеката, која слободно се движела помеѓу Зилт и копното пред да се изгради насипот. Оваа промена во плимите, се верува, дека довела со губење на одредена количина на земја на јужниот крај на Зилт.

Насипот се наоѓа во првата заштитна зона на Националниот парк Ваденско Море. Прошетките на плимните рамнини не се дозволени тука, иако тие се прилично популарни насекаде.

Состојба пред насипот[уреди | уреди извор]

По Втората шлезвишка војна во 1864 година, кога Прусија го презела Шлезвиг од Данска, Зилт и Вестерланд припаѓала на новиот округ Тондерн. Приморскиот бањски град Вестерланд постепено добивал популарност. Низ западниот брег веќе поминувала железница од Алтона преку Хузум и Нибил до Тендер (тогаш исто така во Германија и наречен Тондерн). Оттука, пругата била проширена до пристаништето кај Хојершлојзе, од каде заминувале парни бродови до пристаништето Мункмарш на Зилт.

Врската зависела од плимите и во зима од мразот во Ваденското Море кој создавал непробијна преграда. Уште тогаш бил планиран железнички насип од копното до Несе на Зилт. Огромниот трошок на проектот го спречил неговото извршување некое време, додека Вестерланд не станал град во 1905 година. Растечката популарност на Вестерланд како приморско одморалиште довело во 1910 година до сериозно официјално планирање за железничкиот насип.

Првата светска војна го спречила целото планирање. По војната, Германија била обврзана да ги предаде Тендер и Хојершлојзе на Данска. Зилт останал дел од Германија, но поради новата граница, старата патека до Зилт била сега пресечена, освен ако патниците сакале најпрвин да добијат данска виза за краткото патување преку данската територија.

Изградба[уреди | уреди извор]

Куќичката за сигнали во средината на Хинденбурговиот насип

Поради оваа неприфатлива состојба, изградбата на долгопланираниот насип била официјално започната од Филип Холцман во 1925 година.[1] Во почетокот на изградбата, бура однела сè што дотогаш било изградено. По ова искуство било одлучено да се измени патеката на насипот малку на север. Биле ископани ковчези за да ја поддржат градбата. Биле вработени околу 1.000 до 1.500 работници. Во двете години на градба на насипот биле донесени повеќе од 3 милиони кубни метри земја и глина и биле искористени 120.000 тони камења. Бил отворен на 1 јуни 1927 година.

Железнички сообраќај[уреди | уреди извор]

Автомобилскиот железнички терминал во Нибил е поврзан со автопатната мрежа на Шлезвиг-Холштајн со автопатите Б5 и Б199.

На 3 септември 2009 година се случила страшна несреќа на Хинденбурговиот насип, кога меќава турнала камион натоварен на рамен вагон во еден од автомобилските возови. Возачот бил фрлен од камионот и загинал при несреќата.[2]

Имењак[уреди | уреди извор]

Паул фон Хинденбург

Во 1960-тите и 1970-тите години, името „Хинденбургов насип“ се нашло под критика, бидејќи имењакот — особено кон крајот на неговата политичка кариера — не бил целосно неконтроверзна личност. Се појавиле повеќе иницијативи за пронаоѓање на ново име на насипот, но сите пропаднале. Најавените иницијативи биле „Зилтски насип“, „Мировен насип“ и „Фризиски насип“, но ниедна не добила поголема поддршка.

Иднина[уреди | уреди извор]

Иако некои на Зилт сакаат да добијат друмски насип наместо железничка врска, сепак Германските железници нема лесно да се откажат од оваа профитабилна линија.

Во 2006 година се појавиле гласини дека едната лента од линијата (помеѓу Нибил и Кланксбил и помеѓу Морзум и Вестерланд) ќе бидат проширена со уште една пруга. Меѓутоа, овие гласини се покажале погрешни. Работата започнала во 2008 година кај Ленсхалиг само за замена на старата опрема.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Groß, p. 50
  2. Schleswig-Holsteinischer Zeitungsverlag Sylt: Lastwagen vom Autozug geweht Архивирано на 9 септември 2012 г., 3 септември 2009
  3. sylt-2000.de: Sylt und die Bahn, 17 април 2014

Надворешни врски[уреди | уреди извор]