Хиерархија на отпад



Хиерархија на управувањето со отпад, хиерархија на отпад или „хиерархија на опции за управување со отпад“, — алатка што се користи при евалуација на процесите што ја штитат животната средина, како и потрошувачката на ресурси и енергија, од најповолни до најмалку поволни дејства.[1] Хиерархијата ги утврдува преферираните програмски приоритети врз основа на одржливоста.[1] За да биде одржливо, управувањето со отпад не може да се реши само со технички решенија на крајот од процесот и неопходен е интегриран пристап.[2]
Хиерархијата означува редослед на дејствување со цел редуцирање на и управување со отпадот и обично е претставена дијаграмски во форма на пирамида.[3] Хиерархијата го опфаќа развојот на материјалот или производот низ последователни фази на управување со отпад и го претставува вториот дел од животниот циклус на секој производ.[3]
Целта на хиерархијата на отпад е да се извлечат максималните практични придобивки од производите и да се генерира минимална количина отпад. Правилната примена на хиерархијата на отпад може да има неколку придобивки. Може да помогне во спречувањето на емисиите на стакленички гасови, намалувањето на загадувачите, заштедата на енергија, зачувувањето на ресурсите, создавањето на работни места и стимулирањето на развојот на зелените технологии.[4]
Европска Унија
[уреди | уреди извор]Европската хиерархија на отпад се однесува на петте чекори вклучени во член 4 од Рамковната директива за отпад:
- Превенција
- -спречување и редуцирање на создавањето на отпад.
- Повторна употреба и подготовка за повторна употреба
- -давајќи им на производите втор живот пред да станат отпад. Ова може да вклучува повторна употреба на производот каков што е или повторна употреба со модификација, што вклучува пренамена, реновирање и повторно производство.
- Рециклирање
- -секоја операција на обновување со која отпадните материјали се преработуваат во производи, материјали или супстанци, без разлика дали за првичната или за други цели. Вклучува компостирање и не вклучува согорување.
- Закрепнување
- -вид согорување на отпад што ги надградува помалку неефикасните инсинератори.
- Отстранување
- -процеси за отстранување на отпад, без разлика дали станува збор за депонирање, спалување, пиролиза, гасификација или други финални решенија.
Според Рамковната директива за отпад, Европската хиерархија за отпад е правно обврзувачка, освен во случаи кога е потребно специфичните текови на отпадот да отстапат од хиерархијата. Ова треба да се оправда врз основа на размислувањето за животниот циклус на отпадот.
Историја
[уреди | уреди извор]Хиерархијата на отпад е концепт во литературата за животна средина и во законодавството за животна средина на некои земји-членки на ЕУ, но пред Рамковната директива за отпад од 2008 година не била дел од европското законодавство. Рамковната директива за отпад од 1975 година немала никаква референца за хиерархија на отпад.
Во 1975 година, Рамковната директива за отпад на Европската Унија (1975/442/ЕЕЗ) за прв пат ги вовела елементите на концептот на хиерархија на отпад во европската политика за отпад.[5] Го нагласила значењето на минимизирањето на отпадот и заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, како приоритет. Следејќи ја Директивата од 1975 година, политиката и законодавството на Европската Унија се прилагодиле на принципите на хиерархијата на отпадот.
Фундаментално за концептот на хиерархија на отпад е „Лансинковата скала“, именувана по пратеникот во холандскиот парламент, Ад Лансинк, кој во 1979 година предложил таа да биде вклучена во холандската политика до 1993 година.[6]
Во 1989 година, била формализирана во хиерархија на опции за управување во Стратегијата на Заедницата за управување со отпад на Европската комисија, а оваа стратегија за отпад била дополнително одобрена во прегледот на Комисијата во 1996 година.[7]
Во првите законски предлози од 2006 година, Европската комисија предложила хиерархија од 3 чекори составена од
1. - превенција и повторна употреба,
2, - рециклирање и преработка (со горење) и
3. - отстранување.
Ова било жестоко критикувано бидејќи го ставало рециклирањето на исто ниво со согорувањето, што било во согласност со традиционалната позиција за согорување подржувана од Европската комисија. Притисокот од невладините организации и земјите-членки успеал да ја претвори почетната необврзувачка хиерархија од 3 чекори во квази-обврзувачка хиерархија од 5 чекори.
Во 2008 година, Европската Унија вовела нова хиерархија на отпадот од пет чекори во своето законодавство за отпад преку Директивата 2008/98/ЕЗ, која земјите-членки мораат да ја воведат во националните закони за управување со отпад.[5] Член 4 од директивата утврдува петстепена хиерархија на опциите за управување со отпад што земјите-членки мора да ја применат по овој редослед на приоритети.[5] Спречувањето на создавањето отпад, како претпочитана опција, е проследено со реупотреба, рециклирање, обновување, вклучително и обновување на енергија, и како последна опција, безбедно отстранување. Меѓу инженерите, слична хиерархија на управување со отпад е позната како стратегија на ARRE: избегнувај, редуцирај, рециклирај, елиминирај.[8]
Предизвици за локалните и регионалните власти
[уреди | уреди извор]Задачата за спроведување на хиерархијата на отпадот во практиките за управување со отпад во една земја може да се делегира на различни нивоа на власт (национално, регионално, локално ниво) и на други можни дејствувачи, вклучувајќи ја индустријата, приватните компании и домаќинствата. Локалните и регионалните власти можат да бидат особено засегнати од следниве прашања при примена на пристапот на хиерархија на отпадот.[1]
- Воспоставување на кохерентна стратегија за управување со отпад
- Воспоставување одделни системи за собирање и сортирање за многу различни текови на отпад.
- Воспоставување соодветни капацитети за обработка и отстранување.
- Воспоставување ефикасна хоризонтална соработка меѓу локалните власти и општините и вертикална соработка меѓу различните нивоа на власт, од локално до регионално ниво, а кога е корисно и на национално ниво.
- Финансирање за воспоставување или надградба на скапа одржлива инфраструктура за управување со отпад за да се задоволат потребите за управување со отпад
- Недостатокот на достапни податоци за стратегиите за управување со отпад мора да се надмине и мора да се исполнат барањата за следење за да се спроведат програмите за отпад.
- Спроведувањето и контролата на деловните планови и практики треба да се воспостават и применат за да се максимизираат придобивките за животната средина и здравјето на луѓето.
- Недостаток на административен капацитет на регионално и локално ниво. Недостатокот на финансии, информации и техничка експертиза мора да се надмине за ефикасно спроведување и успех на политиките за управување со отпад.
Изворно редуцирање
[уреди | уреди извор]Изворното редуцирање вклучува напори за намалување на опасниот отпад и другите материјали преку модифицирање на индустриското производство. Методите за изворно редуцирање вклучуваат промени во технологијата на производство, влезните суровини и формулацијата на производот. Понекогаш, терминот „спречување на загадувањето“ може да се однесува на изворно редуцирање.
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 Hansen, Wenke; Christopher, Maria; Verbuecheln, Maic (December 2002). „EU Waste Policies and Challenges for Local and Regional Authorities“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 17 June 2016.
- ↑ Environmental Protection Agency (2013). „Non-Hazardous Waste Management Hierarchy“.
- 1 2 United Nations Environmental Program (2013). Guidelines for National Waste Management Strategies Moving from Challenges to Opportunities (PDF). ISBN 978-92-807-3333-4. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2025-06-05.
- ↑ Waste-to-Energy Research and Technology Council (2009). „Waste Hierarchy“.
- 1 2 3 European Commission (2014). „EU Waste Legislation“. Архивирано од изворникот на March 12, 2014.
- ↑ „Ladder van Lansink“. Ad Lansink's Website (холандски). 5 June 2014. Посетено на 2020-02-21.
- ↑ Department for Environment Food and Rural Affairs. „Guidance on Applying the Waste Hierarchy“. gov.uk. Посетено на 2016-05-19.
- ↑ J. Lienig; H. Bruemmer (2017). Fundamentals of Electronic Systems Design. Springer International Publishing. стр. 197. doi:10.1007/978-3-319-55840-0. ISBN 978-3-319-55839-4.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Оддел за отпад во Генералниот директорат за животна средина
- Директива 2008/98/ЕЗ за отпад (Рамковна директива за отпад)
- Генерален директорат за животна средина
- Letsrecycle, статија на Letsrecycle.com за европската дебата за хиерархијата на отпадот
- До нула отпад Архивирано на 15 јануари 2020 г.