Хетерополисахариди

Од Википедија — слободната енциклопедија

Полисахаридите од оваа група се изградени од различни моносахариди или од нивни оксидирани производи, какви што се уронските киселини. Широко се распространети во растителниот свет и голем број од нив наоѓаат примена во: медицината, фармацијата, прехранбената и во другите индустрии.

Пектонски материи[уреди | уреди извор]

Пектините се структурни елементи на примарниот клеточен ѕид. Хемиски претставуваат разгранети полисахаридни молекули, составени од основен синџир на галактуронска киселина. Страничните синџири се изградени од различни од различни шеќери: ксилоза, арабиноза, галактоза, гликоза и др. Карбоксилните групи на галактуронската киселина можат да бидат естерифициранисо метанол или можат да бидат неутрализирани со некои јони, при што се образуваат неутрални или кисели соли, па оттаму се создаваат и различни типови пектини: пектини, пектати, пектинска киселина, пектинати и сл. За добивање пектини се користи остатокот од плодовите на агруми (лимон, портокали др.), јаболко, слива и други, што останува како отпаден материјал по пресување и цедење на соковите. Во зависност од појдовниот материјал, пектините се прашоци со бела или со светлокафеава боја. Растворливи се во вода и во врел глицерол, а не се растворливи во алкохол, во ацетон и во органски растворувачи. Најзначајното својство на пектинските материи е способноста при определени услови да образуваат гел. Во тарапевтски цели пектинските материи се користат како: средства за запирање на крварења, заместители на крвната плазма, антидоти при труење со тешки метали, за третман на гастроентерити, за лекување рани што тешко заздравуваат и др. Во фармацевтската практика се користат како емулгатори и како врзувачки средства во производството на голем број препарати.

Гуми и слузи[уреди | уреди извор]

Гуми и слузи се високомолекуларни полисахариди што во вода бабрат или со вода даваат вискозни колоидни раствори. Се смета дека слузите се нормални состојки на растенијата, додека гумите настануваат како патолошки производ, по повреда на стеблото кај некои растенија. Гумите и слузите претставуваат сложени, хетерогени полисахариди со разгранети ланци, со неутрален или со кисел карактер. Молекулите им се составени од: моносахариди и од уронски киселини. Поради присуството на уронските киселини, гумите и слузите можат да се дефинираат и како полиурониди. При тоа, галактуронската и глукурунската киселина се речиси задолжителни елементи во гумите, додека во слузите се застапени само во одредени случаи и такви слузи се означуваат како кисели слузи. Киселиот карактер го даваат слободните COOH- групи на уронските киселини. Имено, уронските киселини се создаваат од моносахаридите, со оксидација на примарната алкохолна група до карбоксилната група. Овие групи можат да градат соли со катјони или да се естерифицираат со определени алкохоли во естри.

Гуми[уреди | уреди извор]

Гумите се лачат во форма на густ бел секрет, кој постепено зацврснува во аморфна маса на воздухот. Процесот на настанување гума се означува како гумозис. Кај некои растенија создавањето на гумата е нормален процес, но, ако се засече стеблото, процесот се стимулира, а создадената гума на местото на повредата овозможува побрзо заздравување, поради што гумите имаат и заштитна улога. Во фармацевтската практика се користат гуми што се создаваат кај претставниците од фамилиите Febaceae и Rosaceae.

Слузи[уреди | уреди извор]

Слузите се нормалана појава во клетките од ткивата што имаат функција да задржуваат вода. Во растенијата можат да бидат застапени во различни количества, од 10% во лененото семе до 80% во карагенот. Распростаренети се во растителниот свет, а најмногу ги има во растенијата од фамилиите: Malvaceae, Linaceae и Orchidaceae. Кај нижите организми ги има во црвените и во кафените алги. Локализирани се во: листовите, цветовите, корените и ретко во други делови. Во фармацевтската практика се користат изолирани гуми и слузи или дроги што содржат слузи.

Улога и употреба на полисахаридите[уреди | уреди извор]

Употребата на различните полисахариди во терапевтски цели се заснова на својството во вода да бабрат или да создаваат вискозни колидни раствори и гелови. Во поголеми дози дејствуваат лаксативно, бидејќи впиваат вода и ја зголемуваат фекалната маса која по механички пат го надразнува дебелото црево и овозможува дефекација. Во помали дози даваат обратен ефект и дејствуваат како антидијароични средства. Полисахаридите од групата слузи образуваат заштитен филм врз воспалената слузница на стомачно-цревниот тракт, поради што се користат при воспаленија како што се гастрити. Дрогите што содржат слузи и гуми се користат како антитусични и емолиентни средства. Дејството се должи на смирувачкото и на заштитното дејство на слузите врз слузниците на горниот респираторен тракт, со што се оворможува смирување на кашлицата. Во фармацевтската технологија и во произвотството на козметичките препарати, полисахаридите се користат како емулгатори и како стабилизатори.