Хелфест
| Хелфест | |
|---|---|
Плакатот на филмот | |
| Режисер | Грегори Плоткин |
| Продуцент |
|
| Сценарист |
|
| Приказна |
|
| Главни улоги |
|
| Музика | Беар Мекрири |
| Кинематографија | Хосе Давид Монтеро |
| Монтажа |
|
| Студио |
|
| Дистрибутер | Lionsgate |
| Премиера | 28 септември 2018 г. |
| Времетраење | 89 минути |
| Земја | |
| Јазик |
|
| Буџет | 5,5 милиони долари |
| Бруто-заработка | 18,2 милиони долари |
Хелфест (англиски: Hell Fest, буквален превод: Пеколен фестивал) — американски филм на ужасите во жанрот слешер, во режија на Грегори Плоткин. Главните улоги ги толкуваат Еми Форсајт, Рејн Едвардс, Бекс Тејлор-Клаус, Кристијан Џејмс и Тони Тод.[1]
Во центарот на дејството е група пријатели што посетуваат фестивал за Ноќта на вештерките, каде што стануваат удар на сериски убиец што демне таму.
Филмот бил пуштен во кинораспределба на 28 септември 2018 г. од страна на компанијата Lionsgate. Заработил 18,2 милиони долари во светски рамки со буџет од 5,5 милиони долари и добил мешани одзиви од кинокритиката.
Содржина
[уреди | уреди извор]Филмот започнува кога манијакот со маска, познат како „Другиот“, убива жена по име Џоди на патувачкиот фестивал „Хелфест“ и го обесува нејзиниот труп во лавиринт за да се вклопи со украсите.
Во меѓувреме, девојката Натали се упатува кон „Хелфест“ во пресрет на Ноќта на вештерките заедно со нејзината пријателка Брук, нејзиниот дечко Квин, цимерката на Брук — Тејлор, нејзиниот дечко Ашер и пријателот на Брук, Гевин, кој е вљубен во Натали. Пријателството на Натали и Брук е затегнато бидејќи долго време не се виделе во живо и поради неприфаќањето на Тејлор од страна на Натали. По пристигнувањето на фестивалот, девојките налетуваат на преплашена жена по име Бритни, која се обидува да побегне од „Другиот“, но Натали не ги сфаќа нејзините зборови сериозно и ѝ покажува место каде да се сокрие. Се појавува „Другиот“, кој ја прободува Бритни во градите и ја убива пред очите на Натали. Натали смета дека убиството изгледа премногу реалистично за фестивалот, но пријателите не ѝ веруваат. Малку подоцна, Брук е сведок како „Другиот“ ги краде фотографиите на Натали и Гевин од фотокабината.
По ова, Гевин накратко се одвојува од групата и станува следната жртва на „Другиот“, кој му го прекршува черепот со огромен чекан. Во меѓувреме, пријателите се возат на рингишпил, но наеднаш атракцијата запира. Натали, која се вози сама, гледа како кон нејзината кабина се приближува маж со маска и решава дека тоа е „Другиот“. Меѓутоа, се испоставува дека тоа е само вработен на фестивалот, а пријателите забележуваат дека тој ден сите вработени на „Хелфест“ носат маски.
Пријателите се разделуваат и „Другиот“ ја наоѓа Натали, но таа успева да му побегне. Тогаш манијакот го пресретнува Ашер, кој е одвоен од останатите, и му забива шприц во окото, убивајќи го на место. Групата повторно се собира, но „Другиот“ ја заглавува Натали во една тоалетна кабина. Девојката успева да побегне и да стигне до обезбедувањето, но чуварот не ѝ верува и смета дека само се соочиле со уште еден вработен или посетител на фестивалот. По ова, Натали, Брук и Квин гледаат дека Тејлор се пријавила да учествува во натпревар, во чие финале треба да биде „обезглавена“ со гилотина како дел од програмата. Натали забележува дека џелатот ги носи истите чизми како и „Другиот“ и се обидува да ја запре програмата, но обезбедувањето ја спречува. Завесата се спушта и Тејлор го моли „Другиот“ да ја ослободи, но тој уште посилно ја врзува за гилотината и почнува да ѝ го сече вратот. Тејлор се ослободува и се обидува да побегне, но „Другиот“ ја стигнува и ѝ го расекува лицето со нож пред очите на посетителите.
Квин ги слуша криците на Тејлор и брза на помош, но манијакот го напаѓа и го убива со два убоди со нож. Потоа, „Другиот“ ги брка Натали и Брук во лавиринтот и се подготвува да ја убие Брук, но Натали го прободува со нож. Одеднаш, полицијата упаѓа во лавиринтот и манијакот успева да побегне.
На крајот е прикажано како „Другиот“ се враќа во својата куќа надвор од градот и ги става својата маска и фотографијата на Натали и Гевин во плакар со неговите други маски и трофеи. Потоа се буди неговата мала ќерка, која го поздравува својот татко. Тој ѝ подарува плишано мече од фестивалот.
Улоги
[уреди | уреди извор]| Глумец | Улога |
|---|---|
| Еми Форсајт | Натали |
| Рејн Едвардс | Брук |
| Бекс Тејлор-Клаус | Тејлор |
| Кристијан Џејмс | Квин |
| Мет Меркурио | Ашер |
| Роби Атал | Гевин |
| Тони Тод | најавувачот |
| Стивен Конрој | „Другиот“ |
| Микаел Турек | чуварот |
| Кортни Диц | Бритни |
| Ел Греам | ќерката на „Другиот“ |
| Синтија Меркадо | Џоди |
| Сесил Елмор Помладиот. | полицаецот |
| Арон Гилеспи | сценскиот работник |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Walking Dead Producer's Horror Film Hell fest Locks Down Cast“. Screen Rant. 2018-02-14. Посетено на 2018-03-02.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Хелфест на
Семрежната филмска база на податоци (англиски)