Хелен Келер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Helen KellerA.jpg

Хелен Адамс Келер (27 јуни 1880 - 1 јуни 1968) беше американска активистка и писателка, која беше глува и слепа и која и покрај тоа постигна многу во својот живот.

Детство и образование[уреди]

Хелен Келер беше родена во Таскумбија, Алабама. Кога имаше 19 месеци како резултат на треска ја изгуби способноста да гледа и слуша. Во 1887 со неа почна да работи Ен Саливен со цел да ја научи да комуницира. Тоа беше почеток на 49-годишниот период на соработка помеѓу нив. Во 1888 Хелен го посетува Перкинсовиот институт за слепи. Во 1894 Хелен и Ен се преселуваат во Њујорк за да го посетуваат Рајт-Хумансовото училиште за глуви. Во 1898 се вратија во Масачусетс и Хелен се запишува на Кембриџкото училиште за млади дами пред да добие дозвола, во 1900, да го посетува Ретклифскиот колеџ. Во 1904 таа таму дипломира, станувајќи првото глуво и слепо лице кое дипломирало.

Јавна активност[уреди]

Веќе позната по својата голема волја, Хелен Келер стана светски познат говорник и автор. Борбата против сетилните хендикепи стана нејзина животна мисија. Во 1915 ја основа “Хелен Келер Интернационалата”, непрофитна организација за спречување на слепилото. Заедно со Ен Саливан посети 39 земји ширум светот.

Келер не беше позната само поради борбата против хендикепите. Таа беше член на Социјалистичката партија на Америка и активно учествуваше во кампањите и пишуваше во прилог на работничката класа од 1909 до 1921. Го поддржуваше кандидатот за претседател на САД на Социјалистичката партија, Јуџин Дебс, при сите негови претседателски кампањи од тој период. Исто така, во 1912 стана член на “Интернационалните работници на светот”, радикален американски синдикат.

Во 1920 беше една од основачите на Американската унија за граѓански слободи.

Подоцнежен живот[уреди]

Голем дел од својот подоцнежен живот Келер го посвети на собирањето парични средства за Американската фондација за слепи.

Во 1960 беше објавена нејзината книга “Светлина во мојата темнина”, во која таа го брани учењето на Емануел Сведенберг. Таа исто така напиша и обемна автобиографија. Вкупно има напишано 11 книги и бројни статии.

На 14 септември 1964 претседателот Линдон Џонсон ја награди со Претседателскиот медал на слободата, највисоко граѓанско признание во САД.

Умре на 1 јуни 1968 на 87-годишна возраст.