Прејди на содржината

Харод-Домаров модел

Од Википедија — слободната енциклопедија

Харод-Домаровиот модел е кејнзијански теоретски модел на стопанскиот раст.

Претпоставки на моделот

[уреди | уреди извор]

Харод-Домаровиот модел го става нагласокот врз штедењето и инвестициите, односно поаѓа од претпоставката дека даденото ниво на ефикасност, вклучувајќи ја и технологијата, автоматски ја претвора акумулацијата на капиталот во стопански раст. На тој начин, овој модел претпоставува дека стопанскиот раст не бара постојано зголемување на ефикасноста. Според Харод-Домаровиот модел, стопанскиот раст зависи од три фактори: стапката на штедење, која зависи од начинот на кој домаќинствата вршат поделба на доходот на потрошувачка и заштеди; капиталниот коефициент, кој ја одразува побарувачката на фирмите за капитал; и стапката на амортизација, која делумно е последица на инвестициите во минатото. Притоа, порастот на стапката на штедење значи и повисока стапка на стопански раст, додека порастот на употребата на капиталот во однос на обемот на производството (повисокиот капитален коефициент) го намалува стопанскиот раст. Најпосле, повисоката стапка на амортизација на капиталот значи намалување на нето-инвестициите, а оттука, и намалување на стопанскиот раст. Харод-Домаровиот модел поаѓа од две претпоставки: прво, домаќинствата штедат фиксна пропорција од нивниот доход (S = s × Y); второ, фирмите сакаат да задржат фиксен обем на капитал во однос на производството. Исто така, во моделот се претпоставува дека штедењето е еднакво на инвестициите (S = I).[1]

Основното равенство на моделот

[уреди | уреди извор]

Основното равенство на Харод-Домаровиот модел може да се напише како:[2]
ΔY / Y = s / v
каде: левата страна го претставува процентуалниот раст на националниот доход (стопанскиот раст), s е стапката на штедење, а v е капиталниот коефициент. Според тоа, моделот предвидува дека стопанскиот раст е можен само ако општеството штеди и инвестира определен процент од доходот при што, колку повеќе се штеди и се инвестира, толку е повисок стопанскиот раст. На тој начин, моделот дава одговор и на прашањето: по колкава стапка може да расте стопанството при дадена стапка на штедење и инвестиции, а таа стапка зависи од инверзната вредност на капиталниот коефициент, која го претставува производниот коефициент или коефициентот на ефективност (колкаво производство се создава на единица капитал или инвестиции). Со други зборови, ако стапката на штедење се помножи со производниот коефициент (инверзната вредност на капиталниот коефициент), ќе се добие стапката на стопански раст.

Нестабилноста на стопанскиот раст

[уреди | уреди извор]

Харод-Домаровиот модел страда од проблемот на нестабилноста (т.н. проблем на „knife-edge“). Имено, во штедењето и капиталниот коефициент во моделот се фиксни, зашто се определени од институционалните фактори. Оттука, ако стварниот стопански раст е понизок од „гарантираната стапка на раст“, опредлена од основното равенство на моделот, тоа значи дека постои вишок на капацитет, т.е. производствениот капацитет го надминува растот на агрегатната побарувачка, а тоа предизвикува фирмите да инвестираат помалку, што предизвикува натамошно намалување на побарувачката и уште поголем вишок на производствен капацитет. Од друга страна, ако стварниот стопански раст е повисок од „загарантираната стапка“, тогаш растот на агрегатната побарувачка го надминува производствениот капацитет поради што фирмите ќе ги зголемат инвестициите, што ќе предизвика уште поголем раст на побарувачката. Оттука, според Харод-Домаровиот модел, ако агрегатната побарувачка не расте по иста стапка како и производството, тогаш стопанството ќе расте или ќе опаѓа бесконечно, што значи дека постои нестабилен пат до рамнотежното ниво. Единствениот стабилен стопански раст е оној кога стварната стапка на раст е еднаква на „гарантираната“ (s / v).[3]

  1. Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 194-196.
  2. Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 196-197.
  3. Димитар Ефтимоски, Економија на развојот. Скопје: Универзитет „Св. Кирил Методиј“, Економски институт, 2003, стр. 198-199.