Хаким Абдул Олајџувон (21 јануари1963 во Лагос) — пензиониран американско-нигериски професионален кошаркар кој настапувал за екипите на Хјустон Рокетс (1984–2001) и Торонто Репторс (2001–2002) во НБА. Олајџувон играл на позицијата центар и има освоено два последователни шампионски прстени во НБА со екипата на Хјустон во 1994 и 1995. Во 2008 бил примен во НБА куќата на славните, а во 2016 влегол и во ФИБА куќата на славните. Со своите 213 см висина, Олајџувон се смета за еден од најдобрите центри на сите времиња кои настапувале во НБА.[1] Неговиот прекар „The Dream“ го добил бидејќи забивал толку лесно што личело „како во сон“.[2]
Роден во Лагос, Нигерија, Олајџувон заминал во САД да настапува за универзитетот во Хјустон под водство на тренерот Гај Луис. Олајџувон бил одбран како прв пик на драфтот во 1984 од страна на Хјустон Рокетс, пред играчи како Мајкл Џордан, Чарлс Баркли, и Џон Стоктон, кои исто така учествувале на драфтот таа година. Дуото Олајџувон и неговиот соиграч Ралф Самсон (2,24 м) биле познати како „кулите близначки“ и ја однеле екипата на Хјустон во финалето од 1986, каде загубиле од Бостон Селтикс со 4–2. Откако Самсон заминал во Голден Стејт Вориорс, Олајџувон станал предводник на Рокетс и бил двапати најдобар скокач во НБА (1989 и 1990) и трипати со најмногу блокади (1990, 1991, и 1993).