Хазардер (филм од 1961)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Хазардер (англиски: The Hustler) — американски филм од 1961 година, во режија на Роберт Росен (Robert Rossen), заснован врз романот на Волтер С. Тевис (Walter S. Tevis). Главните улоги ги толкуваат: Пол Њумен (Paul Newman), Пајпер Лори (Piper Laurie), Џеки Глисон (Jackie Gleason), Џорџ Ц. Скот (George C. Scott), Мајрон Мек Кормик(Myron McCormick) и Мареј Хамилтон (Murray Hamilton). Ова е успешен психолошки филм што обработува ретка тема при што ликовите во него се профилирани прецизно, а за автентичноста на многубројните натпревари во билијар придонесол и консултантот Вили Москони (Willy Mosconi), повеќекратен првак на светот. Филмот бил награден со „Оскар“ во категориите за сценографија и за фотографија, а имал уште седум номинации, и тоа: за најдобар филм, за режија, за главна улога (Пол Њумен), за епизодна улога (Глисон и Скот). Во филмот, тогаш младиот Пол Њумен докажал дека е способен да глуми психолошки сложени ликови. Подоцна, филмот го преработил Мартин Скорсезе (Martina Scorsese), но со друг наслов - „Бојата на парите“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Еди Фелсон (го игра Њумен) е млад човек, кој е одличен играч на билијар. Заедно со неговиот соработник Чарли (го игра Мек Кормик), тој патува наоколу барајќи го легендарниот играч Минесота Фетс (го игра Глисон). Најпосле, тие пристигаат во матичниот клуб на Минесота Фетс и Еди го предизвикува да играат. На почетокот, Еди губи, но потоа почнува да игра подобро и остварува добивка од 11 000 долари. Тогаш, Чарли го убедува да престане со играта, но Еди не прифаќа. Притоа, играта ја следи професионалниот коцкар Берт Гордон (го игра Скот), кој го нарекува Еди „губитник“. По 25 часа, Еди има заработено дури 18 000 долари, но тој се опијанува и ги губи сите пари. Вечерта, Еди го остава Чарли во хотелската соба и си заминува. На автобуската станица, тој ја запознава девојката Сара Пакард (ја игра Лори) која е алкохоличарка и останува да живее во нејзиниот стан. Сепак, Чарли успева да го најде и се обидува да го убеди да продолжат заедно, но Еди го одбива. Подоцна, Еди пак го среќава Берт Гордон, кој му нуди пари за да го предизвика Минесота Фетс, барајќи му голем процент од заработката, но Еди ја одбива понудата. Наскоро, тој игра билијар во еден клуб, но играчите го претепуваат и му ги кршат палците. За тоа време, него го негува Сара, која му ја изјавува својата љубов. Откако ќе закрепне, Еди ја прифаќа понудата на Гордон. Тогаш, Гордон, Еди и Сара заминуваат во Кентаки каде Еди игра билијар против еден локален богат човек. Притоа, Сара го убедува да се откаже од играта, но Еди грубо ја одбива, а потоа победува и заработува многу пари. Во хотелот, Гордон ја принудува Сара на секс, а откако ја минува ноќта со него, таа извршува самоубиство. Тогаш пристигнува Еди и ја здогледува мртвата Сара. Еди повторно го предизвикува Минесота Фетс и го победува. По играта доаѓа до остра кавга меѓу Гордон и Еди, кој го обвинува Городн за смртта на Сара, а потоа го напушта клубот.

Наводи[уреди | уреди извор]