Фјориле (филм од 1993)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фјориле (италијански: Fiorile) - италијански филм од 1993 година, во режија на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани, кои се автори и на сценариото. Филмот е заснован врз два расказа на Луиѓи Пирандело. Главните улоги ги толкуваат: Антонио Албанезе (Antonio Albanese), Сабрина Ферили (Sabrina Ferilli) и Тури Феро (Turi Ferro). И во овој филм, браќата Тавијани покажале извонредна смисла за оживување на светот на големиот писател Пирандело, за неговото чувство за т.е. обични луѓе и за трагичните димензии на секојдневниот живот. Иако приказните во филмот се разликуваат, нив ги поврзува истата нишка - прашањата на совеста и на латентната насилност.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Едно семејство патува од Франција во Тоскана. Патем, таткото им ја раскажува на децата приказната за нивните предци. Приказната започнува на почетокот на 19 век, кога армијата на Наполеон пристигнува во едно село во Тоскана. Девојката Елизабета Бенедети (ја игра Ранци) случајно го запознава убавиот француски војник Жан (го игра Вартан), кој е задолжен да го чува сандакот со златници. Додека тие водат љубов, нејзиниот брат Корадо (го игра Бигалји) го краде сандакот. Поради тоа, Жан е осуден и стрелан, а Елизабета (која раѓа дете од односот со Жан) фрла клетва на своето семејство. По заминувањето на француската војска, семејството Бенедети ги купува сите имоти во околината и почнува да живее на висока нога. Сто години подоцна, Елиса (ја игра Ранци) е вљубена во еден селанец, но нејзиниот брат Алесандро (го игра Бигалји), кој се подготвува да замине во Рим како политичар, се противи на таа врска и го принудува семејството на момчето да се исели во САД. Кога го дознава тоа, Елиса ги труе своите двајца браќа, а во меѓувреме раѓа дете од сексуалниот однос со селанецот. Најпосле, дејството на филмот ја прикажува приказната на Масимо (го игра Вартан), кого за време на Втората светска војна девојката го вовлекува во илегалното движење на отпорот. Меѓутоа, акцијата што треба тој да ја изврши пропаѓа, фашистите ги стрелаат неговите другари, но него го помилуваат поради познатото презиме. Неговат девојка погинува кон крајот на војната, но претходно раѓа син - таткото кој на децата им ја раскажува семејната приказна. Кога семејството пристигнува во Тосана, таму ги пречекува дедото (остарениот Масимо), кого го сметаат за луд, зашто сè уште има привиденија на францускиот војник Жан. Ненадејно, Масимо умира, а семејството се враќа назад во Франција.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]