Фуенте Овехуна

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фуенте Овехуна (шпански: Fuente Ovejuna) - драма во стихови на шпанскиот писател Лопе де Вега, напишана во 1614, а објавена во 1619 година.

Ликови[уреди | уреди извор]

Заповедникот од драмата „Фуентеовехуна“. Илустрација на Иван Билибин (1911)

Во драмата настапуваат следниве ликови:[1]

  • Фернандо - крал на Арагон
  • Избела -кралица на Кастиља
  • Дон Родриго Телес Хирон - голем мајстор на редот Калатрава
  • Дон Манрике
  • Судија
  • Прв пратеник од градот Сиудад-Реал
  • Втор пратеник од градот Сиудад-Реал
  • Фернан Гомес де Гусман - командор на редот Калатрава
  • Флорес - слуга на командорот
  • Ортуњо - слуга на комансорот
  • Естебан - кмет на Фуенте Овехуна
  • Кадрадо - кмет на Фуенте Овехуна
  • Алонзо - кмет на Фуенте Овехуна
  • Лавренција - селанка од Фуенте Овехуна
  • Хасинта - селанка од Фуенте Овехуна
  • Пасквала - селанка од Фуенте Овехуна
  • Хуан Црвениот - селанец од Фуенте Овехуна
  • Фрондозо - селанец од Фуенте Овехуна
  • Барилдо - селанец од Фуенте Овехуна
  • Менго - селанец од Фуенте Овехуна
  • Леонело - студент
  • Симбранос - војник
  • Селани
  • Селанки
  • Свирачи

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на драмата се одвива во 1476 година, во Шпанија.

Прв чин[уреди | уреди извор]

Во палатата на Големиот мајстор на редот Калатрава пристигнува командорот Дон Родриго Хирон, кој го известува Големиот мајстор дека кралот на Шпанија е мртов и дека португалскиот крал планира да го освои неговото кралство. Наговорен од командорот, Големиот мајстор собира голема војска за поход на градот Сиудад-Реал. Истовремено, во селото Фуенте Овехуна, девојките Лавриција и Пасквала разговараат за намерата на Командорот да ја освои Лавриција. Тогаш, во селото доаѓа командорот и започнува прослава по повод заземањето на Сиудад-Реал. Командорот се обидува да ги затвори Лавриција и Пасквала во тврдината, но тие успеваат да побегнат. По битката, двајца пратеници од Сиудад-Реал ги известуваат арагонскиот крал фернандо и кралицата Изабела за пропаста на градот. Затоа, кралот го испраќа дон Манрике во борба за ослободување на Сиудад-Реал. Лавренција се состанува со Фрондозо и му кажува дека не го сака. Тогаш, пристигнува командорот кој се обидува да ја обљуби Лавренција, но Фрондозо му го зема оружјето и ја спасува саканата девојка. Поради нанесениот срам, командорот се заканува дека ќе му се одмазди на Фрондозо.[2]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Командорот го навредува таткото на Лавренција, бесрамно кажувајќи му дека ја посакува. Тогаш пристигнува гласник, кој му кажува на командорот за нападот на кралската војска на Сиудад-Реал и командорот заминува со војниците да му помогне на Големиот мајстор да го одбрани градот. Додека се собира војската, селанецот Менго се обидува да ја одбрани девојката Хасинта и поради тоа војниците го камшикуваат, а командорот им ја препушта Хасинта на војниците. Во меѓувреме, Фрондозо кришум ја посетува Лавринција, со понуда за брак. Воодушевена од неговиот херојски чин, таа ја прифаќа понудата, а согласност дава и нејзиниот татко Естебан. Набргу започнува свадбата на Лавренција и Фрондозо, но тогаш доаѓа командорот (која ја загубил Битката за Сиудад-Реал) и ги заробува нив, а Естебан го разрешува од функцијата кмет на селото. Селаните се договараат да се соберат за да одлучат како да постапат.[3]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Селаните се незадоволни од тиранијата на командорот, но се плашат да се соочат со него и се надеваат на помошта од кралот. Тогаш, на собирот на селаните доаѓа Лавренција, целата распарталена и со траги од мачење и ги напаѓа селаните поради нивниот страв, ветувајќи дека ќе ги собере жените за борба против тиранот. Охрабрени од нејзините зборови, селаните со здружуваат и ја напаѓаат тврдината на командорот, а ним им се придружуваат и жените, предводени од Лавренција. Слушајќи дека доаѓаат бесните селани, командорот го ослободува Грондозо, а тој веднаш им се придружува на селаните. Разбеснетата толпа ја освојува тврдината и го масакрира командорот. Неговиот слуга Флорес успева да побегне и ги известува кралот Фернандо и кралицата Изабела за бунтот во Фуенте Овехуна. Во меѓувреме, селаните ја слават слободата, на тврдината го ставаат кралскиот грб и се договараат сложно да се бранат во истрагата што ја очекуваат. Навистина, кралот испраќа судија и тој почнува да ги мачи селаните, со намера да ги присили да го кажат убиецот на командорот. Меѓутоа, селаните херојски го издржуваат мачењето и сите сложно одговараат дека виновникот за бунтот е Фуенте Овехуна, така што судијата се откажува од натамошната истрага. Потоа, Големиот мајстор Хирон пристигнува во кралскиот двор, барајќи прошка за гревот и ветувајќи му покорност на кралот. Таму пристигнуваат и селаните од Фуенте Овехуна, кои му кажуваат на кралот за тиранската власт на командорот, а тој веикодушно им простува.[4]

Осврт кон драмата[уреди | уреди извор]

Карактеристично за оваа драма е тоа што главниот лик во неа е целото село, коешто крева бунт против тиранијата на еден феудалец. Драмата ја содржи и една од најубавите и најоригиналните сцени во светската драмска книжевност во која селаните, свесни дека кралската власт ќе им суди поради убиството на благородникот, тие се договараат за време на мачењето да одговараат дека убиецот е Фуенте Овехуна. Пред колективната вина на селаните, кралот и кралицата запаѓаат во дилемата: дали селото да биде казнето или да им простат на селаните, а Лопе де Вега го избира второто решение. На тој начин, тој застапува слободарски идеи, насочени кон самоволието на феудалците, иако застанува на страната на монархијата, пропагирајќи го својот идеал за силен, праведен владетел кој е способен да ги зацврсти редот и мирот во државата. Меѓутоа, тој гледал во селанството здрав елемент врз којшто треба да се потпре владетелот, а тоа било многу прогресивен став во тоа време.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Lope de Vega, Fuente Ovehuma. Beograd: Rad, 1964, стр. 3.
  2. Lope de Vega, Fuente Ovehuma. Beograd: Rad, 1964, стр. 5-41.
  3. Lope de Vega, Fuente Ovehuma. Beograd: Rad, 1964, стр. 42-81.
  4. Lope de Vega, Fuente Ovehuma. Beograd: Rad, 1964, стр. 82-123.
  5. Stanislav Bajić, „Lope de Vega“, во: Lope de Vega, Fuente Ovehuna. Beograd: Rad, 1964, стр. 126-127.