Фрлач

Фрлач (англиски: Pitcher) — во бејзболот, тоа е играчот што ја фрла топката од фрлачката висорамнина кон домот, каде што ја фаќа фаќачот и ја удира удирачот. Во Националната лига и Јапонската централна лига, фрлачот исто така ја удира топката кога неговата екипа е во напад. Од 1973 г., во Американската лига е дозволено наместо фрлачот, да се постави друг играч за удирање, наречен назначен удирач, кој не игра во одбраната.
Спротивставувањето меѓу фрлачот и удирачот е основата на бејзболот — од фрлачот во голема мера зависи динамиката на играта, а често неговите успеси или грешки го одредуваат победникот на натпреварот. Во поголемиот број случаи, задачата на фрлачот е да ја исфрли топката кон „домот“ на таков начин што удирачот нема да може правилно да ја удри топката. Фрлачите ги проучуваат силните и слабите страни на удирачите, обидувајќи се да изведат такви фрлања што ќе бидат тешки за конкретниот удирач. Освен тоа, фрлачот мора постојано да ги контролира противничките играчи на базите, за да не им дозволи да преминат на следната база за време на исфрлувањето.
Фрлачот е најодговорната улога во екипата, за чија успешна игра играчот треба да има добри физички способности и вештина да ја чита играта. Фрлањата му одземаат многу енергија на фрлачот, а целосен натпревар обично се состои од 120 до 170 фрлања на секоја екипа. Поради тоа, фрлачот што ја започнува играта обично не ја завршува. Исто така, во првенствата каде што натпреварите се играат речиси секој ден, се користи ротација на фрлачи, за да можат да се одморат неколку дена по нивниот настап. Фрлачите се делат на две главни категории: стартни, кои ја започнуваат играта, и реливери, кои влегуваат како замена во текот на играта.
Постојат три основни вида фрлања во бејзболот:
- Фастбол (англ. Fastball) — непосредно фрлање, каде што вниманието е на брзината на летот на топката. Ова е најчесто користеното фрлање.
- Криво фрлање (Breaking ball) — фрлање при кое топката се движи по крива патека, со што го збунува удирачот.
- Чејнџап (Changeup) или слоубол — посредно фрлање, но со побавна брзина, што му отежнува на удирачот да го одреди вистинскиот миг за удар.
Постојат разновидности на овие фрлања, како на пример фастбол со вртење. Исто така, фрлачите во одредени ситуации прибегнуваат кон невообичаени фрлања, кои не се многу практични, но можат да бидат корисни поради елементот на изненадување. Еден таков пример е фрлање на топката кон базата по многу висока крива насока.
Литература
[уреди | уреди извор]- Эрран, Х. Э. Бейсбол. — М.: Физкультура и спорт, 1988. С. 176. ISBN 5-278-00070-8 (руски)