Францускиот тестамент

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Францускиот тестамент
АвторАндреј Макин
Наслов на
оригиналот
Le Testament français
ПреведувачБлагоја Велковски-Краш
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Жанравтобиографски роман
Издадена
1995
Медиумпечатено издание
Страници272
ISBN978-608-230-453-3
ПретходнаДодека тече Амур“ 
СледнаЗлосторството на Олга Арбељина“ 

Францускиот тестамент (француски: Le Testament français) – роман на францускиот писател Андреј Макин со автобиографска инспирација, издаден на 6 септември 1995 година во „Меркир де Франс“. Истата година, романот ги освоил Гонкуровата награда, Гонкуровата награда за гимназијалци и наградата „Медисис“ (која ја поделил со „Мајчин јазик“ на Василис Алексакис).

На македонски јазик, романот бил издаден во 2016 година од издавачката куќа „Три“ во превод на Благоја Велковски-Краш.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од четири дела:

  • Прв дел (1-6 глава): Старицата Шарлот Лемоние живее во малото место Саранза, на почетокот на руската степа. За време на летниот распуст неа ја посетуваат внуците, раскажувачот Аљоша и неговата сестра. По мајчината страна, Шарлот има француско потекло и со носталгија им раскажува на внуците за дамнешните настани што се случиле во Франција - посетата на царот Николај II и царицата Александра на Париз, големата поплава во Париз итн. Овие приказни оставаат голем впечаток кај внукот, кој во себе живо си ги претставува сликите од посетата на царот и царицата. По смртта на сопругот, мајка ѝ на Шарлот, Албертина, западнала во сиромаштија и очај и еден ден, Албертина и Шарлот се вратиле во Париз. Во 1914 година, од непознати причини, Албертина се вратила во Русија, а во 1921 година, Шарлот се пријавила за болничарка во мисијата на Црвениот крст во Русија. Набргу, таа ја напуштила мисијата и низ виорот на граѓанската војна се вратила во родното место, Бојарск во Сибир, каде ја пречекала Албертина. Во тој период, тие живееле во тешка сиромаштија; две години подоцна умрела Албертина; следната година, Шарлот се омажила за народниот судија Фјодор; и потоа, тие се преселиле во Бухара.[2]
  • Втор дел (1-4 глава): Следното лето, внуците повторно ја посетуваат Шарлот во Саранза. Повторно, таа им раскажува за разните случки во Париз, а на Аљоша особен впечаток му остава ненадејната смрт на претседателот на Франција, Феликс Фор, кој умрел во прегратката на неговата љубовница. Низ тие приказни, тој добива претстава за посебната убавина на Франција и интензивно чита книги за историјата на Франција, како и дела од француската книжевност. Низ разговорите на возрасните, внукот ја дознава семејната историја на Шарлот: Во доцните 1930-ти, нејзиниот сопруг Фјодор бил уапсен, но сепак не бил затворен, туку бил протеран во близината на границата со Полска; кога почнала Втората светска војна, тој бил мобилизиран, а Шарлот во последне миг успеала со децата да го напушти градот што го бомбардирале германските авиони; во текот на војната, таа работела како болничарка, а двпати добила писмо за смртта на Фјодор; по војната, таа се преселила во Саранза, а еден ден, ненадејно се вратил Фјодор, кој сепак набргу умрел како последица на многубројните рани. Едно лето, сега веќе пораснат, Аљоша ја посетува Шарлот сам, без сестра му, а нејзините приказни веќе не му делуваат волшебно како некогаш.[3]
  • Трет дел (1-3 глава): Еден есенски ден, ненадејно умира мајката на Аљоша, а набргу и татко му, а тој продолжува да живее со тетка му. Дури тогаш, тој станува свесен за стварноста која се разликува од замислениот живот предизвикан од приказните на Шарлот. Истоврмено, Аљоша дознава за трагичното минато на Русија од времето на Сталиновиот режим и дека, по враќањето во Русија во 1920-тите, Шарлот била сурово силувана од група мажи. Веќе како тинејџер, неговиот живот целосно се менува: тој се вљубува во една девојка која ја здогледува на предвојничката обука, оди на игранките што се организираат на крајот од градот, станува дел од друштвото во училиштето и се оттргнува од соништата за Франција од дамнешното минато. Една ноќ, случајно го доживува своето прво сексуално искуство и утредента заминува за Саранза, решен да раскрсти со своите француски корени. Меѓутоа, таму се соочува со смирената Шарлот и во разговориет со неа дознава за нејзината прва љубов во Франција, 1921 година, како и за случката со силувањето, кога таа забременила по што го родила својот прв син. Тоа е последното лето кое Аљоша го поминува задно со Шарлот. Тие повторно се среќаваат дури 10 години подоцна, непосредно пред неговото заминување во странство, решен повеќе да не се враќа во Русија.[4]
  • Четврти дел (1-4 глава): Дваесет години подоцна, Аљоша доаѓа во Париз, без дом, така што спие во една гробница. Повторно му се јавуваат спомените од минатото и почнува да ги запишува биографските белешки за Шарлот. Три години подоцна, тој е веќе писател чија книга штотуку се појавила во книжарниците. Тогаш, тој почнува да прави планови како да ја доведе Шарлот во Париз: најпрвин, дознава дека таа е жива, а потоа подава молба за пасош и изнајмува соба за неа. По неколкумесечно исчекување, неговата молба е одбиена, а истовремено тој добива мал пакет од Шарлот за која дознава дека умрела речиси пред една година. Во пакетот се наоѓа и долго писмо од Шарлот, која му раскажува за некоја жена која за време на Сталиновиот режим била затворена во логор каде родила машко дете. Таа жена била неговата вистинска мајка, а во пакетот ја наоѓа и нејзината фотографија.[5]

За делото[уреди | уреди извор]

Во ноември 1995 година, романот, кој веќе бил лауреат на наградата „Медисис“, ја освоил и Гонкуровата награда, и тоа во првиот круг на гласање, со шест гласа „за“ (четири гласа билеза романот „Ла суј“ од Франц-Оливје Жизбер.[6] На тој начин, „Францускиот тестамент“ станал првото дело во историјата кое ги добило овие две престижни награди. Исто така, романот ја добил и Гонкуровата награда за гимназијалци.

Романот добил пофални оцени од критиката. На пример, во рецензијата објавена во Le provençal стои: „Стилска јаснотија, едноставност на приказната. Ништо мачно, ништо извештачено, а особено ни трага од средување на политичките сметки. Макин раскажува, а не суди. Француски завет е исклучителна книга.“ Слична оцена се среќава и во рецензијата во Le Nouvel Observateur: „Во Русија, Андреј Макин настојувал да се излечи од Франција. Во Париз, се обидува да ја зачува внатрешната врска со Русија. Резултатот? Прекрасен словенски роман напишан на француски.“[7]

Овој роман на еден франкофонски Русин не е само приказна за неговиот однос кон Франција, туку претставува широка трагична фреска за животот на населението низ огромните рамнини на Сибир во советската ера. Во него се преплетуваат гладот, насилството, екстремните услови за живот, првата љубов, радоста и надежта.

Наводи и забелешки[уреди | уреди извор]

  1. Францускиот тестамент на семрежното место на Три
  2. Andrej Makin, Francusko zaveštanje. Beograd: Paidea, 2009, стр. 9-66.
  3. Andrej Makin, Francusko zaveštanje. Beograd: Paidea, 2009, стр. 67-119.
  4. Andrej Makin, Francusko zaveštanje. Beograd: Paidea, 2009, стр. 121-179.
  5. Andrej Makin, Francusko zaveštanje. Beograd: Paidea, 2009, стр. 181-209.
  6. Du côté de chez Drouant : Le Goncourt de 1979 à 2002 émission de Pierre Assouline sur France Culture le 24 août 2013.
  7. Andrej Makin, Francusko zaveštanje. Beograd: Paidea, 2009.