Франсоа Волтер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Франсоа Мари Аруе
Волтер
Atelier de Nicolas de Largillière, portrait de Voltaire, détail (musée Carnavalet) -002.jpg
Волтер на 24 години
Псевдоним Волтер
Занимање Писател, филозоф
Националност Француско

Франсoа Мари Аруе (француски изговор: [fʁɑ̃.swa ma.ʁi aʁ.wɛ]; 21 ноември 1694 година – 30 мај 1778 година), подобро познат под псевдонимот Волтер (pronounced: [vɔl.tɛːʁ]) бил француски просветителски писател, историчар и филозоф, познат по неговата духовитост и по неговото застапување за граѓанска слобода, вклучувајќи ги и верската слобода и слободната трговија. Волтер е плоден автор, кој создал дела во речиси секоја литературна форма, вклучувајќи драми, поезија, романи, есеи и историски и научни дела. Има напишано повеќе од 20 000 писма и повеќе од 2 000 книги и памфлети. Гласен поддржувач на општествените реформи, и покрај строгите цензорски закони и тешки казни за оние кои ги кршат. Како сатиричен полемичар, тој често ги користи неговите дела за да ја критикува нетолеранцијата, религиската догма и француските институции од негово време.

Волтер е еден од неколкуте просветителски фигури (заедно со Монтескје, Џон Лок, Жан Жак Русо и Емили ди Шателе) чии дела и идеи извршија влијание врз важни мислители од времето на Американската и Француската револуција.

Биографија[уреди | уреди извор]

Детството и младоста[уреди | уреди извор]

Франсоа Мари Аруе е роден во Париз, како најмало од петте деца, [1] (од кои само три преживеале) на Франсоа Аруе (1650 година – 1 јануари 1722 година), нотар и ситен државен службеник, и неговата жена Мари Маргерит д‘Омар (1660 година – 13 јули 1701 година), од благородничка фамилија од провинцијата Пуато. Волтер се стекнал со образование во езуитската гимназија Луј лe Гранд (1704-1711), каде што ги изучувал латинскиот и грчкиот јазик. Подоцна, тој зборувал течно и италијански, шпански и англиски.[2]

Во времето кога го напуштил училиштето, Волтер веќе имал одлучено дека сака да биде писател, наспроти желбите на неговиот татко, кој сакал тој да стане нотар. Така Волтер, преправајќи се дека работи во Париз како асистент на некој нотар, поминувал голем дел од времето пишувајќи поезија. Кога дознал, неговиот татко го пратил да студира право, овојпат во Кан (Нормандија). И покрај тоа, Волтер продолжил да пишува, главно есеи и историски студии. Неговата духовитост го направила популарен меѓу некои од аристократските семејства во чии кругови се движел. Неговиот татко тогаш му нашол работа како секретар на францускиот амбасадор во Холандија, каде што Волтер се вљубил во една француска протестантка – бегалка, по име Катрин Олимп Даноје. Нивното скандалозно бегство било спречено од страна на таткото на Волтер и тој бил принуден да се врати во Франција.

Поголемиот дел од младоста Волтер го поминал околу Париз. Уште во младоста имал проблеми со власта, дури и за благи критики кон неа и кон Католичката црква. Овие дејствија резултирале со голем број затворања и протерувања. Кога имал 23 години, еден сатиричен стих во врска со Регантот, за кој што се сметало дека го напишал Волтер довело до негово затворање во Бастилја, во период од единаесет месеци,.[3] додека не бил откриен вистинскиот автор. Додека ја отслужувал казната, Волтер ја напишал својата прва драма, „Едип“ чиј успех ја утврдил неговата репутација.

Името Волтер[уреди | уреди извор]

Името Волтер, кое авторот го зел во 1718 година, е анаграм од AROVET LI, латизираниот правопис на неговото име Arouet, и почетните букви на le jeune (помладиот). Името, исто така, ги содржи, во обратен редослед, слоговите од името на еден семеен замок во регионот Пуато: Airvault. Земањето на името „Волтер“, кое следело по неговото затворање во Бастилја, според многумина го одбележува формалното одвојување на Волтер од неговото семејство и неговото минато.

Ричард Холмс го поддржува ова изведување на неговото име, но додава дека писател како Волтер ќе тежнеел истотака тоа да ги пренесе и неговите конотации на брзина и смелост, кои доаѓаат од асоцијации со зборови како „voltage“ (акробации на трапез или на коњ), „volte-face“ (се враќа за да се соочи со непријателот), и „volatile“ (првобитно, секое летечко суштество). „Arouet“ не било благородничко име соодветно за неговата растечка репутација, особено ако се земе предвид дека тоа име е резонанса со à rouer („за вршење (жито)“) и roué (a débauché).

Во едно писмо до Жан Баптист Русо од март 1719 година, Волтер вели дека ако сака да му прати повратно писмо, да го направи тоа адресирајќи го на господин де Волтер. Во пост скриптум објаснува: „J'ai été si malheureux sous le nom d'Arouet que j'en ai pris un autre surtout pour n'être plus confondu avec le poète Roi“, во превод , „Бев толку несреќен со името д’ Аруе што земав друго, првично за да престанат да ме мешаат со поетот Руа“. Ова најверојатно се однесува на Аден ле Руа (Adenes le Roi), а дифтонгот „oi“ тогаш се изговарал онака како што денес во францускиот се изговара „ai“, па сличноста со Аруе е очигледна, и според тоа, многу е веројатно и ова да било дел од неговото размислување.

Поради строгата цензура што владеела за време на Луј XV, Волтер бил принуден да ги објавува своите дела користејќи лажни имиња: Така, познати се над 200 псевдоними што ги користел тој.[4]

Прогонството во Англија[уреди | уреди извор]

Способноста за брзи, остроумни, саркастични и духовити критички досетки го направиле Волтер многу непопуларен кај некои од неговите современици, вклучувајќи и одредени членови на француската аристократија. По излегувањето од затворот, Волтер повторно дошол во судир со власта, поради што морал да пребегне во Англија. Имено, откако Волтер остро вратил на навредата упатена кон него од стана на младиот француски благородник Шевалие де Роан (Chevalier de Rohan) кон крајот на 1725 година, аристократкото семејство Роан се здобило со кралско lettre de cachet, неотповиклив и честопати арбитрарен казнен декрет потпишан од францускиот крал Луј XV. Плашејќи се од неодредена казна затвор, Волтер самиот предложил да биде прогонет во Англија како алтернативна казна, идеја која француските власти ја прифатиле. Овој инцидент го одбележал почетокот на обидите на Волтер да го поправи францускиот судски систем.

Прогонството на Волтер во Англија траело речиси три години, и неговите тамошни искуства значително влијаеле врз многу од неговите идеи. Во Лондон се нашол во друштвото со истакнати писатели, филозофи и научници, што го поттикнало сериозно да започне да ги изучува филозофијата и науката.[5] исто така, тој бил заинтригиран од британската уставна монархија, како контраст на француската апсолутистичка монархија, како и од релативната поддршка на слободата на говорот и религиската слобода во земјата. Понатаму, врз него влијаеле и неколку писатели од тоа време, а тој развил и интерес за раната англиска литература, особено за делата на Шекспир, за кој во тоа време, во континентална Европа малку се знаело. И покрај истакнувањето на неговите отстапувања од неокласичните стандарди, Волтер го гледал Шекспир како пример на кој би можеле да се угледаат француските писатели, од причина што на драмата во Франција, и покрај тоа што била попрефинета, ѝ недостасувала акција на сцената. Сепак подоцна, бидејќи влијанието на Шекспир започнало да се чувствува во Франција сé повеќе и повеќе, Волтер се трудел со своите претстави да постави спротивен пример, застанувајќи против она што тој го сметал за „варварства на Шекспир“.

По речиси три години во прогонство, Волтер се вратил во Париз и во 1734 година ги објавил неговите гледишта во врска со британските ставови кон владата, литературата, и религијата во збирка есеи во форма на писма, со наслов Lettres philosophiques sur les Anglais („Филозофски писма за Англичаните“), најпрвин на англиски, а потоа и на француски јазик. Во ова дело, Волтер дал толку остра критика на францускиот феудален, апсолутистички режим, што францускиот издавач веднаш бил затворен во Бастилја, а книгата била јавно запалена пред францускиот парламент, како дело кое „стои во спротивност со религијата, добрите карактери и почитта кон власта“. Волтер го избегнал апсењето така што побегнал од Париз и нашол заштита кај неговата пријателка, мадам ди Шатле, каде што останал цели десет години.[6]

Престојот во замокот де Сиреј[уреди | уреди извор]

Волтеровата следна дестинација била Замокот де Сиреј (Château de Cirey), сместен на границите на Шампањ и Лорен. Замокот бил реновиран со неговите пари, и тука тој ја започнал врската со маркизата ду Шателе (Marquise du Châtelet), Габриел Емили ле Тонелиер де Бретој (Gabrielle Émilie le Tonnelier de Breteuil) (позната и како Емили ду Шателе). Замокот му припаѓал на сопругот на маркизата, маркизот Флоран Клод ду Шателе (Marquis Florent-Claude du Chatelet), кој понекогаш ги посетувал неговата жена и нејзиниот љубовник во замокот. Врската која траела петнаесет години, имала значаен интелектуален елемент. Волтер и маркизата собрале повеќе од 21.000 книги, што претставувало огромен број за тоа време. Заедно, тие ги проучувале овие книги и изведувале експерименти од полето на „природните науки“ во неговата лабораторија. Експериментите на Волтер вклучувале и обид да се одредат елементите на огнот.

Бидејќи ја научил лекцијата од претходните пречкања со власта, Волтер започнал со она што во иднина му преминло во пракса - да се држи настрана од она што би можело лично да му наштети и да одрекува каква било непријатна одговорност. Тој продолжил да пишува многу драми, како што е „Мероп“ (Mérope или La Mérope française) и ги започнал неговите долгогодишни истражувања во полето на науката и [[историја]та. Повторно, главен извор на инспирација за Волтер биле годините поминати во прогонство во Британија, кога силно му влијаеле делата на Исак Њутн. Волтер силно верувал во теориите на Њутн, особено оние што се однесувале на оптиката (откритието на Њутн дека белата светлина ги содржи сите бои во спектарот, инспирирало многу експерименти во Сиреј), и гравитацијата (Волтер е изворот на познатата приказна за Њутн и јаболкото што паднало од дрвото, која ја имал чуено од внуката на Њутн во Лондон, а првпат е спомната во неговите Essai sur la poésie épique, или „Есеи за епиката“). Иако и Волтер и маркизата биле заинтересирани за филозофијата на Готфрид Лајбниц (Gottfried Leibniz), во основа, тие останале „њутонци“, и покрај тоа што маркизата усвоила одредени аспекти од аргументите на Лајбниц против Њутн. Таа ја превела Њутновата „Принципија“ (Principia) од латински јазик, исправувајќи неколку грешки попат, и нејзиниот превод останал официјален француски превод дури и во ХХ век. Книгата на Волтер Eléments de la philosophie de Newton („Елементи на филозофијата на Њутн“), која најверојатно била напишана во соработка со маркизата, го направила учењето на Њутн прифатливо за многу поширока јавност.

Волтер и маркизата ја проучувале и историјата, особено оние личности кои придонеле за развој на цивилизацијата. Вториот есеј на Волтер на англиски јазик е Essay upon the Civil Wars in France (Есеј за Граѓанските војни во Франција). По него следат La Henriade (Анријада), епска песна за францускиот крал Анри IV, во која го величи неговиот обид да им стави крај на католичко-протестантските масакри со Едиктот од Нант, и историски роман за шведскиот крал Карл XII (Charles XII of Sweden). Овие дела, заедно со неговите Писма за Англија (Letters on England) го одбележуваат почетокот на Волтеровата отворена критика на нетолерантноста и востановените религии. Волтер и маркизата работат и во областа на филозофијата, особено на метафизиката, филозофска гранка која се занимава со суштествувањето, и со она што е надвор од границите на материјалното, како на пример дали постои Господ, душа, итн. Волтер и маркизата ја анализирале и Библијата, обидувајќи се ја откријат нејзината важност во нивно време. Волтеровите критички погледи на религијата се одразуваат во неговото верување во одвојување на црквата од државата и религиска слобода, идеи кои ги оформува по неговиот престој во Англија.

Иако бил длабоко поврзан со маркизата, некаде околу 1744 година, животот во замокот му изгледал премногу затворен и при една посета на Париз истата година, Волтер нашол нова љубов, неговата внука. На почетокот привлечноста што ја чувствувал кон Мари Луиз Мињо (Marie Louise Mignot) била само сексуална привлечност, за што сведочат неговите писма до неа (откриени дури во 1937 година). Многу подоцна, тие живееле заедно, можеби само платонски, и останале заедно до смртта на Волтер. Во меѓувреме, маркизата исто така си нашла љубовник, Маркизот де Сен Ламбер.

Престојот во Потсдам[уреди | уреди извор]

По смртта на мадам ди Шатле, во септември 1749 година, Волтер за кратко се вратил во Париз. Во овој период, тој не бил на удар на власта, па дури и бил примен како член на Француската академија, откако претходно во два наврати бил одбиен (во 1734 и во 1743 година). Сепак, откако се пошегувал со миленичката на кралот мадам Помпадур, тој повторно морал да ја напушти Франција и, по покана на прускиот крал Фридрих II, во 1750 година се преселил во Потстдам,[7] каде кралот му доделил плата од 20.000 франци годишно. Таму, во 1752 година Волтер ја напишал книгата Micromégas („Микромега“), можеби прво дело од научната фантастика. Во него се зборува за амбасадори од друга планета кои се сведоци на будалештините на човештвото. Неговите односи со Фридрих II започнале да се влошуваат и тој се соочил со низа непријатности. Една расправија со Мопертуј (Maupertuis), претседателот на Берлинската академија на науки, ја испровоцирала Волтеровата Diatribe du docteur Akakia („Филипика на доктор Акакија“), во која дал сатира на некои од теориите на Мопертуј и на злоупотребата на моќта во гонењето на еден нивен заеднички познаник, Самуел Кениг (Samuel Koënig). Ова многу го разлутило царот Фридрих, кој наредил сите копии од текстот да се изгорат и го уапсил Волтер во една гостилница, во која престојувал на патот кон дома.

Престојот во Женева и во Фернеј[уреди | уреди извор]

Волтер тргнал кон Париз, но Луј XV му забранил влез во градот, па наместо во Париз тој свртел кон Женева, во чија близина купил голем имот (Les Délices). Иако на почетокот бил срдечно примен, законот во Женева, кој забранувал театарски изведби, и објавувањето на „Орлеанската девица“ против неговата волја, го натерале да се пресели надвор од Женева (на крајот на 1758 година), на границата меѓу Франција и Швајцарија, во замокот Фернеј (Ferney), каде што купил уште поголем имот. Таму, во 1759 година, Волтер го напишал романот „Кандид“ (Candide, ou l'Optimisme). Во Фернеј, Волтер уживал во улогата на некрунисан книжевен „монарх“ на новата философска религија која планирал да ја основа.[8] Тој останал во Фернеј поголемиот дел од преостанатите дваесет години од неговиот живот, често забавувајќи уважени гости како Џејмс Босвел (James Boswell), Џакомо Казанова (Giacomo Casanova), и Едвард Гибон (Edward Gibbon). Во 1764 година, Волтер го објавил неговото најважно филозофско дело, Dictionnaire Philosophique („Филозофски речник“), серија на статии главно за христијанската историја и христијанските догми, од кои неколку биле првично напишани во Берлин.

Од 1762 година, Волтер започнал да се залага за неправедно прогонуваните луѓе. Најпознат е случајот на Жан Кала (Jean Calas), трговец-хугенот (протестант) кој бил измачуван до смрт во 1763 година, наводно затоа што го убил неговиот син кој сакал да премине во католоцизам. Неговиот имот бил конфискуван, а преостанатите негови деца ѝ биле одземени на неговата вдовица и присилени да се замонашат. Гледајќи го ова како очевиден случај на верски прогон, Волтер успеал во 1765 година да ја измени пресудата.

Смртта и погребот[уреди | уреди извор]

Главата на Волтер, дело на Жан-Антоан Худон од 1778 година. Во колекцијата на Националната галерија на уметност

Во февруари 1778 година, за првпат по 20 години, Волтер се вратил во Париз, меѓу другото и за да ја види премиерата на неговата најнова трагедија „Ирена“ (Irene). Петдневното патување било премногу заморно за осумдесет и три годишниот Волтер, кој верувајќи дека ќе умре, на 28. февруари, напишал „Умирам обожувајќи го Бога, сакајќи ги моите пријатели, не мразејќи ги моите непријатели и презирајќи го празноверието“. Сепак, тој се опоравил, и во март ја погледнал изведбата на „Ирена“, а публиката се однесувала кон него како кон херој. Наскоро, тој се разболел повторно и умрел на 30. март 1778 година, а неговите последни зборови биле: „Во име на Бога, оставете ме да умрам во мир“.

Поради неговиот добро познат критицизам кон црквата, од кој одбил да се откаже пред неговата смрт, Волтер не можел да добие христијански погреб, но неговите пријатели успеале да го закопаат неговото тело тајно во опатијата Селиер (Scellières) во Шампањ (Champagne) пред да биде објавена забранета. Неговото срце и мозок биле одделно балсамирани. На 11. јули 1791 година, Националното собрание, кое го сметало за предвесник на Француската револуција, ги вратило неговите посмртни останки во Париз за да го овековечи во Пантеонот. Се проценува дека милион луѓе присуствувале на процесијата, која се протегала низ Париз, проследена со свечена церемонија заедно со оркестар, а музичкиот дел вклучувал и дело кое Андре Гретри (André Grétry) го компонирал специјално за овој настан, а вклучувало и дел за tuba curva, инструмент кој потекнува од римско време под името cornu. Широко распространетата приказна дека посмртните останки на Волтер биле украдени од страна на религиски фанатици во 1814 или во 1821 година за време на реставрацијата на Пантеонот, и дека биле фрлени во ѓубре, е лажна. Ваквите гласини предизвикале отворање на ковчегот во 1897 година, со што било потврдено дека неговите останки се таму.

Литературен опус[уреди | уреди извор]

Првите книжевни дела, Волтер ги напишал за време на затворот во Бастилја.[9] Во делата на Волтер јасно се гледаат повеќе книжевни и философски влијанија, како што се: Рабле, Сирано де Бержерак, Фенелон, Сервантес, Шекспир, Џонатан Свифт и Бен Џонсон.[10]

Историја[уреди | уреди извор]

Волтер извршил огромно влијание врз развојот на историографијата преку неговото демонстрирање на нови начини на гледање на минатото. Негови најпознати истории се „Времето на Луј XIV“ (1752), и „Есеј за обичаите и духот на нациите“ (1756). Тој скршнува од традицијата на раскажување на дипломатски и воени настани, а ги нагласува обичаите, општествената историја и достигнувањата во науките и уметностите. Есејот за обичаите го следи развојот на светската цивилизација во универзален контекст, со што ги отфрла и национализмот и традиционалната христијанска рамка. Под влијание на „Расправа за универзалната историја“ (1682), на Босуе (Bossuet), тој е првиот научник кој прави сериозен обид да ја напише светската историја, притоа елиминирајќи ги теолошките рамки, а нагласувајќи ги економските науки, културата и политичката историја. Тој ја разгледува Европа повеќе како една целина, отколку како еден збир на нации. Тој е првиот кој го нагласува долгот на средновековната култура кон арапската цивилизација, инаку слаб на Средниот век. Иако постојано предупредува на политичката пристрасност на историчарот, не пропушта можност да ја исмее католичката црква. Волтер ги советувал научниците дека не треба да му се верува на ништо што му противречи на нормалниот тек на природата. Иако во историските записи наоѓал зло, искрено верувал дека разумот и образованието на неписмените маси ќе доведат до напредок.

Волтер го објаснува неговиот поглед на историографијата во неговата статија за „Историја“ во Енциклопедијата на Дидро: „Од модерен историчар се бараат повеќе детаљи, подобро потврдени факти, прецизни датуми, поголемо внимание врз обичаите, законите, нормите, трговијата, финансиите, земјоделството, населението“.

Историите на Волтер ги наметнаа вредностите на „Енциклопедијата“ за минатото, но ја ослободија историографијата од антикварианизам, евроцентризам и концентрирање врз големите луѓе, дипломатијата и војувањето.

Поезија[уреди | уреди извор]

Уште од рана возраст, Волтер располагал со талент за пишување стихови. Неговата прва објавена книга е поезија. Тој има напишано и две долги епски поеми, првата „Анријада“ (Henriade), напишана на француски јазик, и „Орлеанската девица“, но и многу други помали дела. „Анријада“ е напишана како имитација на Вергилиј, користејќи го куплето на Александрин (Alexandrine), реформирано и дадено можеби монотоно за модерните читатели, но постигнува голем успех во XVIII и раниот XIX век, со шеесет и пет изданија и преводи на неколку јазици. Епската поема го преобразува францускиот крал Анри IV во национален херој заради неговите обиди за воспоставување на толеранција со неговиот Едикт од Нант. La Pucelle, од друга страна пак, е бурлеска за натчовечките моќи припишани на девственоста во легендата за Јованка Орлеанка. Помалите песни на Волтер главно се сметаат за подобри од кое било од овие две дела.

Проза[уреди | уреди извор]

Многу од Волтеровите прозни дела и романси, обично составени како памфлети биле напишани како полемики. Кандид ја напаѓа пасивноста инспирирана од филозофијата на Лајбниц за оптимизмот (L'Homme aux quarante ecus), одредени општествени и политички гледишта од тоа време (Zadig), примените форми на моралната и метафизичка ортодоксија, а некои од нив биле напишани за да ја иронизираат Библијата. Во овие дела, очигледен е Волтеровиот ироничен стил, ослободен од претерувања, особено воздржаноста и едноставноста во третманот на зборовите. Токму Кандид е најдобриот пример за неговиот стил. Волтер ја има и честа, заедно со Џонатан Свифт, да го расчисти патот за филозофската иронија на научната фантастика, особено со Micromégas.

Речиси на сите негови посуштински дела, без разлика дали во стих или во проза, им претходат предговори од еден или друг вид, кои претставуваат модели за неговиот зајадлив а сепак разговорен тон. Во широк спектар неопределени памфлети и написи тој ги покажува неговите вештини во новинарството. Кога станува збор за чист книжевна ктитика негово најважно дело е Commentaire sur Corneille („Коментар за Корнеј“) иако има пишувано и многу други слични дела, понекогаш одделно (како во „Живот и белешки за Молиер“), а понекогаш како дел од Siècles („Векови“).

Делата на Волтер особено неговите приватни писма, често го содржат зборот „l'infâme“ и изразот „écrasez l'infâme“, или „скрши ги неславните“. Фразата се однесува на злоупотребите од страна на благородниците и свештенството што Волтер ги гледал околу себе, и суеверието и нетолерантноста што свештеството го сеело меѓу народот. Тој ги има почуствувано овие ефекти на своја кожа преку прогонствата, конфискациите на неговите книги, и ужасните страдања на Кала (Calas) и Ла Бар (La Barre). Еден од неговите најпознати цитати е и: „Суеверието го фрла целиот свет во пламен, филозофијата го гаси“.

Најчесто цитираната Волтерова мисла е апокрифна. Погрешно му се припишува мислата „Не се согласувам со она што го велиш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш тоа“. Ова не се негови зборови, туку на Евелин Беатрис Хол (Evelyn Beatrice Hall), напишани под псевдонимот С. Г. Талентајр (S. G. Tallentyre) во нејзината биографска книга од 1906 година „Пријателите на Волтер“. Хол сакала со свои зборови да го резимира ставот на Волтер кон Клод Адриан Хелветиус (Claude Adrien Helvétius) и неговата контроверзна книга De l'esprit („За духот“), но нејзиниот личен израз погрешно бил земен за цитат од Волтер. Вистина е дека таа во нејзиното толкување ја пренела суштината на Волтеровиот став кон Хелветиус, се вели дека мислата на Хал била инспирирана од цитат најден во писмо на Волтер до Игумен ле Роше, во кое наводно напишал „Го презирам она што го пишувате, но би го дал својот живот за да ви овозможам да продолжите да пишувате“. Сепак, познавачите сметаат дека и ова мора да е погрешно толкувано, затоа што писмото изгледа дека воопшто не содржи таков цитат.

Првото големо филозофско дело на Волтер во неговата битка против „l'infâme“ е „Трактат за толеранцијата“, во кое ја разоткрива аферата Кала, заедно со толеранцијата која се практикувала од страна на другите вероисповести, и во минатото (на пример од страна на Евреите, Римјаните, Грците и Кинезите). Потоа, во неговиот Dictionnaire philosophique („Филозофски речник“), кој содржи написи како „Абрахам“, „Генезис“, „Црковен Совет“, тој пишува за она што според него е потекло на човековите догми и верувања, како и за нечовечкото однесување на религиските и политичките институции во крвопролевањето низ кавгите помеѓу конкурентните секти. Меѓу другото, Волтер ја критикува и француската колонијална политика во Северна Америка, нарекувајќи ја огромната територија на Нова Франција „неколку хектари снег“ („quelques arpents de neige“).

Писма[уреди | уреди извор]

Волтер за време на неговиот живот има напишано и огромен број на приватни писма, сé на сé преку 20 000. Изданието од собрани писма на Теодор Бестерман, комплетирано дури во 1964 година, содржи 102 тома. Еден историчар ги нарекол писмата „празник не само на мудрост и елоквентност но и на топло пријателство, хумано чувство и прониклива мисла“.

Филозофија[уреди | уреди извор]

Волтер најпрвин бил под влијание на францускиот скептик Пјер Бејл, а подоцна и на англиските емпиристи (Џон Лок) и деисти (Толанд, Колинс и Вулстон). Поради тоа, воопшто не зачудува фактот дека Волтер уживал да пишува „философски романи“ и „философски раскази“ кои најмногу му одговарале во развојот на „сатирата на карактерите“ во која главните ликови во делата само ги персонифицираат одредени карактерни особини кои се ставаат пред судот на разумот.[11]

Волтер бил голем противник на метафизичката философија и сметал дека секој метафизички систем е само „метафизички роман“. Во тој поглед, тој им се потсмевал на метафизичките системи на Декарт, Спиноза и Лајбниц, а го фалел учењето на Галилеј и на другите истражувачи на природата. Сепак, наспроти таквите сфаќања, целиот живот го поминал пишувајќи за метафизички проблеми. Притоа, тој успеал да ги ги спои философијата и книжевноста, создавајќи книжевно-философска просветителска публицистика која се одликува и со книжевни и со философски квалитети. На тој начин, Волтер станал првиот и најзначајниот философ на просветителството од 18 век.[12]

Религија[уреди | уреди извор]

Волтер верувал дека на ниту еден единствен религиски текст или традиција на откровение не му е потребно да верува во Бога. Неговиот фокус повеќе е врз идејата за универзум базиран врз разум и почит кон природата, што подоцна се одразува врз современиот пантеизам. Како и другите главни мислители за време на европското просветителство, Волтер се смета себеси за деист, изразувајќи ја идејата: „Што е верба? Дали е тоа да се верува во она што е очигледно? Не. Совршено јасно му е на мојот ум дека постои неопходно, вечно, возвишено и интелигентно суштество. Тоа не е работа на вербата, туку на разумот“.

Кога станува збор за религиски текстови, мислењето на Волтер за Библијата е неодредено. Иако под влијание на делата на Социниан (Socinian), како на пример Bibliotheca Fratrum Polonorum, скептичниот став на Волтер кон Библијата го одвојува од теолозите унитаристи, како Фаусто Соѕини (Fausto Sozzini) или дури библиско-политичките писатели како Џон Лок.

Ова не го попречува во практицирањето на неговата религија, но му носи лоша репутација меѓу религиските фундаменталисти. Строгиот католик Волгфганг Амадеус Моцарт му напишал на својот татко во годината на смртта на Волтер „Архи-никаквецот Волтер конечно скина конци....“ Волтеровите гледишта за исламот и неговиот пророк Мухамед, може да се најдат во неговите дела. Во писмо во кое му ја препорачува својата претстава „Фанатизам, или Мухамед“ на Папата Бенедикт XIV, Волтер го опишува основачот на исламот како „основач на лажна и варварска секта“ и како „лажен пророк“. Неговото дело Essai sur les Moeurs et l'Esprit des Nations (2Есеј за обичаите и духот на нациите“), како и многу полемички дела во врска со религијата , содржат многу поопширни профили на Мухамед и основањето и ширењето на неговата религија.

Постои една апокрифна приказна која вели дека неговиот дом во Фернеј бил купен од страна на Женевското библиско здружение, и користен за печатење на Библии, но изгледа дека и тука станува збор за погрешно разбирање на годишниот извештај на американското библиско здружение од 1849 година. Замокот на Волтер денес е во сопственост и под раководство на француското Министерство за култура.

Во шкотското просветителство Шкотланѓаните започнале да развиваат уникатна практична гранка на хуманизамн до таа мера што Волтер ќе рече „Ние ѝ се угледуваме на Шкотска за сите наши замисли за цивилизација“.

Во писмото до Фридрих II, кралот на Прусија, од 5. јануари 1767 година Волтер напишал: Le christianisme est la plus ridicule, la religion la plus absurde et sanglante qui ait jamais infecté le monde. („Христијанството е најсмешната, најапсурдната и најкрвавата религија што некогаш го заразила светот“)

Религиска толеранција[уреди | уреди извор]

Во еден есеј од 1763 година, Волтер ја поддржал толеранцијата на други религии и етницитети со зборовите: „Не е потребна голема умешност, ниту исклучително извежбана елоквентност, за да се докаже дека христијаните треба да бидат толерантни меѓу себе. Јас, сепак, одам подалеку од тоа. Јас велам дека треба сите луѓе да ги гледаме како наши браќа. Што? Турчинот мој брат? Кинезот мој брат? Евреинот? Сијамот? Да, без никаков сомнеж, па нели сме сите деца на истиот татко и создаденија на истиот Бог?“

Раса и ропство[уреди | уреди извор]

Волтер ја одбива христијанската приказна за Адам и Ева и е полигенист, кој шпекулирал дека секоја раса има посебно потекло. Како и некои други филозофи, Буфон, Дидро и Рејнал (Raynal), Волтер го дели човештвото на видови или раси, расудува негативно за небелите раси, и се обидува да ги објасни разликите меѓу расите. Волтер го зазема овој став првенствено за да му пркоси на христијанството, и на библискиот моногенизам. Тој се прашувал дали црните луѓе ја делат интелигенцијата и заедничкиот удел во општеството со белите луѓе, поради тоа што учествуваат во трговијата со робови.

Неговата најпозната забелешка за ропството се наоѓа во „Кандид“, каде херојот е ужаснат со сознанието „по која цена јадеме шеќер во Европа“. На друго место пак, остро пишува за „белци и христијани кои продолжуваат да купуваат црнци на пазар за стоки, за да ги продадат скапо во Америка“.

Антисемитизам[уреди | уреди извор]

Според рабинот Јозеф Телушкин (Joseph Telushkin) најголемо непријателство кон јудаизмот за време на просветителството било забележано кај Волтер, иако луѓето што го тврдат спротивното велат дека Волтеровите забелешки се всушност анти-библиски а не антисемитски. Во триесет од 118. написи во неговиот Dictionnaire Philosophique се зборува за Евреите, постојано опишувани на негативни начини, иако оваа анализа го занемарува фактот дека тој веќе ги има брането Евреите како потолерантни од Христијаните во неговото дело „Трактат за толеранцијата“ претходната година, и дека ја има издадено Le Sermon du rabbin Akib, текст кој го напаѓа антисемитизмот, и кој е можеби единствен од тој вид во историјата на книжевноста.

Питер Геј, современ изучувач на просветителството, исто така укажува на забелешките на Волтер во „Трактат за толеранцијата“ и претпоставува дека „Волтер удира на Евреите за да удри по Христијанството“. Колку и да чувствувал антисемитизам, неговата мисла потекнувала од негативно лично искуство. Телеушкин пак тврди дека Волтер не се ограничувал во неговите напади на јудаизмот кој Христијанството го користи како основа, постојано потврдувајќи дека ги презира Евреите.

Масонство[уреди | уреди извор]

Волтер е поканет да им се придружил на Слободниет ѕидари еден месец пред неговата смрт. На 14. април 1778 година, тој го придружувал неговиот близок пријател Бенџамин Френклин во Loge des Neuf Soeurs во Париз и станал масон, можеби само за да му удоволи на Френклин.

Наследство[уреди | уреди извор]

Волтер ја сметал француската буржоазија за премала и неефективна, аристократијата за паразитска и корумпирана, народот за необразован и суеверен, а црквата за статична и угнетувачка сила корисна само понекогаш како противтежа на алчноста на кралевите, иако често и самата уште по алчна. Волтер не верувал во демократијата за која сметал дека го пропагира идиотизмот на масите. Тој долго мислел дека само просветен монарх може да донесе промена, земајќи ги предвид општествените структури во тоа време и екстремно високата стапка на неписменост, и дека во разумен интерес на Кралот било да го подобри образованието и благосостојбата на неговите поданици. Но неговото разочарување од Фридрих II, некако му ја менува филозофијата, и наскоро се раѓа едно од неговите најиздржани дела, неговата сатира, „Кандид, или оптимизам“, која завршува со нов заклучок: „На нас е да ја обработуваме нашата градина“. Неговите најполемични и најжестоки напади на нетолеранцијата и религиските прогони почнуваат да се појавуваат неколку години подоцна. „Кандид“ била подложена на цензура па Волтер на шега тврдел дека вистинскиот автор на делото е одреден „Демад“ (Demad) во едно свое писмо, каде повторно ги потврдил главните полемички ставови од текстот.

Волтер исто така е познат и по многу познати афоризми, како на пример: Si Dieu n'existait pas, il faudrait l'inventer („Ако Бог не постоеше, ќе требаше да го измислиме“), содржан во едно долго писмо во стихови од 1768 година, адресирано до анонимен автор на едно контроверзно дело „Тројцата измамници“. Но, настрана од тоа што претставува цинична забелешка, се смета и како реплика на атеистичката клика на д’Олбак (d'Holbach), Грим (Grimm), и други. Волтер се памети и почитува во Франција како смел полемичар кој неуморно се борел за граѓанските права, правото на фер судење и слобода на вероисповест, и кој го разобличил лицемерието и неправдите на ancien régime („стариот режим“). Аncien régime вклучувал еден неправеден баланс на моќ и даноци меѓу свештенството, благородниците, и народот заедно со средната класа, на чиј грб паѓале најголемиот дел од даноците.

Волтер имал противници помеѓу своите помлади колеги. Шкотскиот викторијански писател Томас Карлајл расправал дека, иако Волтер е ненадминат во книжевна форма, дури ни најразработените негови дела не се од голема вредност (за просветителството), и дека никогаш не изговорил ни една своја оригинална идеја. Од друга страна, Ниче го има наречено Карлајл побркан човек кој ги нема разбрано дури ни просветителските вредности, за кои си има умислено дека ги промовира.

Волтер често ги користел Кина, Сијам, и Јапонија како примери за брилијантни неевропски цивилизации и остро го критикувал ропството. Волтер исто така е познат и како поборник за кафето, затоа што наводно пиел кафе најмалку 30 пати дневно. Се претпоставува дека високите количества на кофеин дејствувале како ментален стимуланс за неговата креативност.

Градот Фернеј, каде што Волтер ги преживува последните 20 години од неговиот живот, сега е наречен Фернеј-Волтер во чест на неговиот најпознат жител. Неговиот замок денес е музеј. Неговата библиотека целосно е зачувана во Националната библиотека на Русија во Санкт Петербург.

Неговата правнука е мајката на Пјер Тејар Де Шарден (Pierre Teilhard de Chardin), познат писател и исусовски свештеник.

Во Цирих во 1916 година, театарската и изведувачка група која подоцна ќе прерасне во раното авангардно движење „Дада“ (Dada), го нарекува својот театар „Кабаре Волтер“. Кон крајот на XX век, една британска музичка група се нарекла себеси според името на театарот.

Еден лик базиран на Волтер игра важна улога во „Време на безумие“ (The Age of Unreason), серија од четири алтернативни историски романи, напишани од американскиот писател на научна фантастика Грегори Кејес (Gregory Keyes).

Сепак, за значењето на творештвото на Волтер постојат и критички мислења од кои се идзвојува она на Стендал, кој во едно писмо упатено до Балзак во 1840 година напишал дека „Волтер во 1978 година ќе биде само Вотер (француски писател кој бил многу популарен во 17 век, но денес е речиси заборавен).“[13] Според Дидро, Волтер „секогаш ќе остане само втор по ред во сите книжевни родови“.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Wright, p 505.
  2. Liukkonen, Petri. „Voltaire (1694–1778) – pseudonym of François-Marie Arouet“. http://www.kirjasto.sci.fi/voltaire.htm. конс. 24 јули 2009 г. 
  3. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 127.
  4. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 126.
  5. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 127.
  6. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 127.
  7. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, стр. 128.
  8. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 128.
  9. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 127.
  10. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, стр.. 130-131.
  11. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 130-131.
  12. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 130.
  13. D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 258.
  14. Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 130.