Франсоаз Саган

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франсоаз Саган
Françoise Sagan
Роден/а21 јуни 1935(1935-06-21)
Кажар, Франција
Починат/а24 септември 2004 (возраст: 69)
Онфлер, Франција
Занимањероманописец, сценарист и драматург
Françoise Sagan, 1960

Франсоаз Саган (фр. Françoise Sagan; Кажар, 21 јуни 1935 — Онфлер, 24 септември 2004), со крсно име Франсоаз Коаре, била француски драматург, романописец и сценарист. Славена е како „шармантен мал монструм“ од страна на Франсоа Моријак на насловната страна на Фигаро. Саган била позната по јаките романтични теми во своите книги кои вклучувале богати и илузорни ликови, припадници на буржоаската класа. Нејзиното прво и најпознато дело е романот „Добар ден таго“ (1954), кое го напишала како тинејџерка.

Животопис[уреди | уреди извор]

Саган е родена во Кажар, а детството го поминала во Лот, опкружена со животни кои биле нејзина страст до крајот на нејзиниот живот. Со прекарот „Кики“ била најмлада ќерка на имотни родители – нејзиниот татко бил директор на компанија, а мајка и ќерка на богат земјопоседник. Нејзиното семејство за време на војната живеело во Дофне, а потоа во Веркорс. Нејзината баба од страна на татко и била Русинка од Санкт Петербург.[1][2] Иако се запишала на факултет, не била заинтересирана за него и не го завршила.

Псевдонимот „Саган“ го презела по ликот на „Принцезата Саган“ од прочуеното дело на Марсел Пруст „Во потрага по изгубеното време“. Нејзиниот прв роман „Добар ден таго“ е објавен во 1954 година кога имала 18 години. Романот моментално доживеал меѓународен успех. Романот го следи животот на седумнаесетгодишната девојка Сесил и нејзиниот однос со нејзиното момче, како и со нејзиниот татко, плејбој. Ликовите од делата на Саган кои станале идоли на илузорните тинејџери, се слични со оние кај Дејвид Џером Селинџер. Во текот на својата книжевна кариера која траела до 1998 година, Саган напишала голем број на книги од кои многу се екранизирани на големото платно. Останала строго доследна на францускиот психолошки роман дури и кога „Новиот роман“ бил во мода. Разговорот меѓу нејзините ликови содржи низа од изнијансирани егзистенцијални прашања. Покрај романите, драмите и автобиографиите, пишувала и текстови за музика и сценарија за филмови. Во шеесеттите години Саган повеќе се посветила на пишување драми, кои се одликувале со извонредни дијалози, но кои биле со просечна успешност. Подоцна повеќе се сосредоточува на својата кариера на романописец.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Саган двапати се мажела. На 13 март 1958 година се омажила за својот прв сопруг, Ги Шелер, издавач во Ашет кој бил 20 години постар од неа. Се развела во јуни 1960 година. Во 1962 година се мажи за Боб Вестхоф, млад американски плејбој. Се развела во 1963 година. Нивниот син Денис се родил во јуни истата година.[3] Саган потоа имала долгогодишна лезбиска врска со модната стилистка Пеги Рош. Имала, исто така, и љубовник, Бернар Франк, оженет есеист опседнат со јадење и пишување. После тој период ја почнува својата долгогодишна лезбиска врска со уредничката на француското издание на магазинот „Плејбој“ Аник Жеј, откако Жеј ѝ се обратила да напише статија за неа.[4]

На патувањата по Америка често била гледана во друштво со Труман Капот и со Ава Гарднер. На 14 март 1957 имала сообраќајна несреќа возејќи го спортскиот автомобил „Астон Мартин“, заради што била неколку дена во кома. Кога одела на своите коцкарски патувања во Монте Карло сакала да го вози својот „Јагуар“.

Во деведесеттите години Саган била обвинета и осудена за поседување кокаин.

Во неколку периоди од својот живот Саган била зависна од неколку вида дрога. Со години користела пилули на рецепт, амфетамин, кокаин, морфиум и алкохол. Кога полицијата во една прилика дошла во претрес на нејзината куќа, нејзиното куче Банко ги одвело до кокаинот кој потоа и самото почнало да го лиже. Тогаш Саган им рекла на полицајците „Погледнете, и нему му се допаѓа“.

Смрт[уреди | уреди извор]

Нејзината здравствена состојба била нарушена во текот на двеилјадитите години. Во текот на 2002 година не била во состојба да се појави на судењето за пореска измама, случај во кој бил вмешан и поранешниот француски претседател Франсоа Митеран, а за кој Саган е условно осудена. Франсоаз Саган починала од емболија на белодробните крила во Онфлер на 24 септември 2004 година во 69 година од животот. По своја желба погребана е во своето сакано родно место Кажар до својот втор сопруг.

Во својата телеграма на сочувство, францускиот претседател Жак Ширак меѓу останатото навел: „Со нејзината смрт, Франција го изгуби еден од своите најбрилијантни и најсензибилни писатели – еминентна фигура на литературниот живот“.

Филм[уреди | уреди извор]

Животот на Саган бил прикажан во биографскиот филм „Саган“, на француската режисерка Дијана Кирис кој е премиерно прикажан во Франција на 11 јуни 2008 година. Насловната улога ја играла француската глумица Силви Тести.

Занимливости[уреди | уреди извор]

  • Била голем пријател со францускиот претседател Франсоа Митеран.
  • Во казиното каде станала стален посетител, сè ставала на „среќниот број 8“ и во 1958 година добила 80.000 франци за една ноќ кои ги потрошила веќе наредниот ден купувајќи прав замок.
  • Една е од ретките писатели чии книги се објавени во земји како Русија, Грузија, Украина за време на Ладната војна.

Цитати[уреди | уреди извор]

  • „За љубовта ништо не е пострашно од смеата."
  • На прашањето дали верува во љубов одговорила: „Се шегувате? Верувам во страст. Ништо друго. Две години, ништо повеќе. Добро, три години."
  • „Бракот е лотарија во која мажот ја става својата слобода, а жената својата среќа."
  • „Лесно ѝ е на паметна жена меѓу мажите, но тешко меѓу жените."
  • „Љубовта е како возење автомобил: стартуваш нагло, возиш пребрзо, а кочиш кога е веќе предоцна."
  • „Ниедна жена радо не носи износен фустан на својата соперничка. Кога се во прашање туѓите мажи, не е така пребирлива."
  • „Постојат две групи мажи кои не знаат ништо за жените: оженети и неоженети мажи."
  • „Со пари не се купува среќата, но претпочитам да плаќам во Јагуар отколку во автобус."
  • „Ги сакам мажите кои се однесуваат како мажи. Ги сакам јаки и детинести.
  • „Ќе живеам лошо ако не пишувам, но и ќе пишувам лошо ако не живеам."

Дела[уреди | уреди извор]

Романи[уреди | уреди извор]

  • Добар ден таго (Bonjour tristesse, 1954)
  • Извесна насмевка (Un certain sourire, 1955)
  • За месец, за година (Dans un mois, dans un an, 1957)
  • Го сакате ли Брамс? (Aimez-vous Brahms? 1959)
  • Чудесните облаци (Les merveilleux nuages, 1961)
  • Шамада (La chamade, 1965)
  • Срцепазител (Le garde du cœur, 1968)
  • Малку сонце во студената вода (Un peu de soleil dans l'eau froide, 1969)
  • Модрици во душата (Des bleus à l'âme, 1972)
  • Изгубен профил (Un profil perdu, 1974)
  • Растурена постела (Le lit défait, 1977)
  • Покорното куче (Le chien couchant, 1980)
  • Претерано нашминкана жена (La femme fardée, 1981)
  • Неподвижна бура (Un orage immobile, 1983)
  • Уморен од војната (De guerre lasse, 1985)
  • Акварелна крв (Un sang d'aquarelle, 1987)
  • Повод (водило) (La laisse, 1989)
  • Заобиколници (Les faux-fuyants, 1991)
  • Минлива болка (Un chagrin de passage, 1994)
  • Замаглено огледано (Le miroir égaré, 1996)

Раскази[уреди | уреди извор]

  • Свилени очи (Les yeux de soie, 1975)
  • Сценска музика (Musiques de scène, 1981)
  • Домот на Ракел Вега (La maison de Raquel Vega, 1985)

Драми[уреди | уреди извор]

  • Замок во Шведска (Château en Suède, 1960)
  • Виолини понекогаш (Les violons parfois, 1961)
  • Пурпурниот фустан на Валентина (La robe mauve de Valentine, 1963)
  • Bonheur, impair et passe (1964)
  • L'écharde (1966)
  • Le cheval évanoui (1966)
  • Пијано во тревата (Un piano dans l'herbe, 1970)
  • Убав ден и убава ноќ (Il fait beau jour et nuit, 1978)
  • Спротивна крајност (L'excès contraire, 1987)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. SAGAN Francoise
  2. FRANSUAZA SAGAN
  3. Paris Match 2889 29 Sep 2004
  4. Campbell, Matthew, "Lesbian love triangle stirs Paris literati", The Sunday Times, 26 December 2007

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Jean-Louis de Rambures, interview with F. Sagan (in French) in: "Comment travaillent les écrivains", Paris 1978
  • Litweb.net
  • Blair Fuller & Robert B. Silvers (Autumn 1956). „Francoise Sagan, The Art of Fiction No. 15“. The Paris Review.
  • French press bids farewell; BBC article