Фразеологија на македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија


Фразеологија — дел од лексикологијата што ги проучува зборовните состави како јазични едници.[1] Зборовните групи кои во македонскиот јазик се користат како една целина се нарекуваат фразеологизми, кои имаат посебни лингвистички одлики и вредности.

Особености[уреди | уреди извор]

Во реченицата зборовите можат да се поврзуваат, да се здружуваат во целости од различен вид. Така на пример, зборот орев може да оди со повеќе придавки како на пример „голем орев“ или „мал орев“, со глаголи како на пример „јаде орев, купува ореви“ и слично. Ова доведува до општите принципи на фразеологијата каде зборовите во реченицата можат слободно да се здружуваат односно да се наоѓаат во слободна врска. При ваква врска секој од зборовите си го задржува своето посебно значење, така што значењето на составот е еднакво на збирот на значењата на зборовите што влегуваат во тој состав.[2]

Во македонскиот јазик зборовните состави можат да се наоѓаат и во неслободна врска, односно постојана врска. Така на пример, зборот орев во реченицата „Ова е тврд орев, не се крши со заби“ и зборот орев во реченицата „Ќе бидеме тврд орев за нашиот утрешен противник“ нема исто значење. Во составите на овој вид ослабнува одделното значење на зборовите и се формира едно ново значење кое не е збир на значењата на составните елементи.[2]

Фразеологизми[уреди | уреди извор]

Зборовните споеви што се употребуваат во јазикот како целосни или како готови јазични елементи со единствени значење во македонскиот јазик и во фразеологијата се нарекуваат фразеолошки изрази или само како фразеологизми. Одлики на фразеологизмите во македонскиот јазик се[2]:

  • постојаност во образувањето - односно тие се неменливи и постојани,
  • ново, изделно и единствено значење - односно фразеологизмите се изедначени со останати готови единици во јазикот,
  • посебна, стилистичка вредност на составот затоа што се работи за метафорички начин на изразување.

Фразеологизмите настануваат како резултат на јазична творба со која на специфичен начин се искажува некое животно искуство, сознание, став или е поврзано со некој настан, личност или слично. Фразеолошките изрази на секој јазик се одликуваат повеќе или помалку со свои специфичности затоа што се тие израз на духот на еден народ, неговата култура или историја. Од овие причини, фразеологизмите мошне тешко се преведуваат од еден на друг јазик. Наместо соодветен превод, во најмногу случаи се бара соодветна замена за фразеологизмот кој треба да се преведе[2].

Класификација на фразеологизмите[уреди | уреди извор]

Поделбата на фразеологизмите може да се прави на различни начини како на пример според потеклото, значењето, функцијата, степенот на слеаност и слично.

Според степен на слеаност[уреди | уреди извор]

Според степенот на слеаност македонските фразеологизми се делат на три групи: фразеолошки срастувања, фразеолошки единства и фразеолошки спојки[1].

Фразеолошките срастувања се целосно недделиви зборовни групи со наполно ново значење кое нема никаква врска со значењето на одделните зборови во составот на фразата. Овие фразеологизми се нарекуваат и идиоми и одделни зборови кои се наоѓаат во рамките на истите ја изгубиле својата самостојност и добиваат значење само ако се дел од фразеолошки состав. Фразеолошките срастувања се најнеслободни зборовни врски во реченицата и најчесто се еднакви со други зборови по значење. Така на пример има фразеологизам „црно злато“ кое според значење е ист со зборот нафта. Сраснатоста е толку голема што не ја менуваат ниту граматичката форма.
Фразеолошките единства се фразеологизми кои настануваат кога зборовите во еден состав своето основно значење го заменуваат со едно општо преносно значење. Пример за овој вид фразеологизам е „има мува на капата“ каде општото значење е „има грижа на совест“. Во овие единства врската меѓу преносното значење и значењето на посебните зборови не е прекината целосно, туку тоа е мотивирано од значењето на составните зборови.
Фразеолошките спојки се фразеологизми во кои само еден од составните елементи има преносно значење, а другите се употребуваат со основното значење. Овие фразеологизми немаат ново значење во сколопот на целиот израз, туку тоа се содржи во еден од зборовите во спојката, како на пример во спојката „златни раце“.

За разлика од срастувањата и единствата, спојките можат да имаат и променливи делови, односно еден збор да е заменет со друг.

Според граматичкиот состав[уреди | уреди извор]

Според граматичкиот состав фразеологизмите се делат на[1]:

Фразеологизми кои имаат структура на реченица кои можат да бидат во вид на проста или сложена реченица или пак дел-реченица со сложената реченица, на пример „Село гори, баба се чешла“.
Фразеологизми со структура на зборовна група/синтагма - кои можат да имаат составни елементи од неколку зборовни групи како придавка и именка, именка и именка, придавка и придавка, број и именка и прилог и прилог.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. стр. 245–250. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД. стр. 222 и 224. Недостасува |author1= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)

Поврзано[уреди | уреди извор]