Фосилно гориво

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Фосилно гориво е гориво кое настанало како резултат на хемиска преобразба на фосили од растенија или животни. Хемиски, фосилните горива се јаглеводороди. Поради начинот на кој настанале, се наоѓаат во горниот дел од кората на Земјата.

Под името фосилни горива се опфаќаат многу различни јаглеводороди: од лесно запалливиот гас метан, преку суровата нафта, до антраценот (вид на јаглен), кој е речиси 100 % јаглерод.

Општо е прифатено дека фосилните горива се создадени од фосилизирани остатови од умрени растенија и животни[1], преку изложување на топлина и притисок во Земјината кора во текот на стотици милиони години. Оваа биогена теорија е претставена од Михаил Ломоносов во 1757.[2]

Во 2005. Агенцијата за информации за енергија на САД проценила дека 86 % од вкупното производство на енергија во светот е од фосилни горива, 6,3 % од хидропотенцијал, 6% од нуклеарна енергија, а сите останати (геотермална, сончева, ветер, отпад) сочинуваат 0,9%.[3]

Фосилните горива не се обновливи ресурси бидејќи потребни се милиони години за да се создадат, а резервите се трошат многу побрзо. Постојаните потребни за снабдувањето со фосилни горива е една од причините за регионални и глобални конфликти.

Употребата на фосилните горива е штетна за животната средина. Гасовите што се создаваат при согорувањето се во еден дел отровни за човекот. Покрај тоа, согорувањето на фосилните горива произведува околу 21,3 милиони тони јаглерод диоксид годишно, но се проценува дека природните процеси можат да апсорбираат само половина од тоа количество.).[4] Преостанатиот јаглерод диоксид останува во атмосферата и претставува главен причинител на ефектот на стаклена градина, што го предизвикува глобалното затоплување.

Поради штетноста по здравјето, глобалното затоплување, и ограниченоста на резервите, во светот сѐ повеќе се зборува за напуштање на фосилните горива и изнаоѓање на алтернативни обновливи извори на енергија.

Опис[уреди]

Јагленот, нафтата и гасот се наречени фосилни горива бидејќи се формирале со фосилизацијата на остатоците на преисториските растенија и животни. Тие создаваат околу 66 % од вкупната електрична енергија во светот, и 95 % од вкупната светска побарувачка за енергија (вклучувајќи греење, транспорт, создавање струја и други потреби).

Јагленот се крши и ситни до фина прашина и како таков се согорува. Нафтата и гасот се согоруваат директно. Јагленот создава околу 28 % од нашата енергија, а нафтата 40 %.

Согорување гориво → топлината ја загрева водата → пареата ги движи турбините → турбините ги вртат генераторите → електрична енергија се спроведува до домовите

Согорувањето на јагленот создава сулфур диоксид, кисел гас кој придонесува кон формирањето на кисели дождови. Ова може да се избегне со користење на гасна десулфуризација во оџаците со што се прочистуваат гасовите пред да се испуштат во атмосферата. Овој метод користи варовник, и создава гипс како меѓупродукт кој се користи во градежната индустрија. Сепак, се користат големи количества варовник.

Суровата нафта полесно се вади од земјата отколку јагленот, и може да тече низ нафтоводи. Ова овозможува поефтин транспорт.

Природниот гас создава околу 20 % од вкупната потрошувачка на енергија и освен штo се користи во термоцентралите за создавање енергија, се употребува и во домовите за греење. Лесно се пренесува преку гасоводи, а термоцентралите кои согоруваат гас не предизвикуваат големо загадување.

Употребата на други фосилни горива (како што се битуминозни песоци и нафтени шкрилци) сѐ уште се истражуваат. Проблемот е во тоа што пред нивната употреба е неопходна скапа преработка.

Пареата која минува низ турбините на централата мора да се разлади и да се кондензира повторно во вода пред да се продолжи со нејзиното пумпање низ системот. Токму тоа се случува во огромните разладни кули на централите.

Некои централи се градат близу до морскиот брег, и ја користат морската вода за разладување на пареата. Сепак, на овој начин се загрева морската вода и ова може да влијае врз животната средина.

Предности[уреди]

  • Огромни количини на струја можат да се произведат на едно место користејќи јаглен, и тоа на доста евтин начин
  • Транспортирањето на гасот и нафтата до термо-централите е лесно
  • Термо-централите на гас се многу ефикасни
  • Термо-централите можат да се градат скоро насекаде, сè додека постои начин за нивни снабдување со големи количини на фосилни горива. Централата Дидкот во Оксфордшир, Англија, има сопствена железничка линија за снабдување со јаглен.

Недостатоци[уреди]

- Главниот негативен аспект на фосилните горива е загадувањето. Со согорување на било кое фосилно гориво се ослободува јаглерод диоксид, кој придонесува кон ефектот на стаклена градина и ја загрева земјината атмосфера; - Согорувањето на јагленот создава повеќе јаглен диоксид од согорувањето на гас или нафта. Исто така, создава и сулфур диоксид, гас кој предизвикува кисели дождови; - Ископувањето на јаглен може да биде тешко и опасно. Површинското ископување може да оштети огромни пространства и пејсажи; - Термоцентралите на јаглен имаат потреба од големи количини гориво, што значи постојан дотур на вагони со јаглен. За да се справи со различните барања за енергија, централата мора да има резерви; - Ова би значело постоење на огромни пространства натрупани со јаглен околу една централа.

Фосилните горива не се обновлив енергетски извор.

Штом ги согориме сите резерви на овие горива, од нив нема да остане ништо, а нашите потреби за нив се удвојуваат на секои 20 години почнувајќи од 1900 година. Ова е особен проблем и за нафтата бидејќи ја користиме за производство на пластики и други производи.

Наводи[уреди]