Финале на Светското првенство во фудбал 1998

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Финале на Светското првенство во фудбал 1998
Finale Coupe de France 2010-2011 (Lille LOSC vs Paris SG PSG).jpg
Стад де Франс бил домаќин на финалето
ПрвенствоСветско првенство 1998
Датум12 јули 1998 (1998-07-12)
СтадионСтад де Франс, Сен Дени
Играч на натпреваротФранција Зинедин Зидан (Франција)
СудијаМароко Саид Белкола
Гледачи80,000
Временски приликиВедро 23 °C (73 °F)[1]
1994
2002

Финалето на Светското првенство во фудбал 1998 година бил фудбалски натпревар со кој се одредил победникот на Светското првенство во фудбал 1998 година. Ова било 16-тото финале на Светското првенство, турнир на кој учествуваат фудбалските репрезентации кој се членки на ФИФА. Финалето било одиграно на Стад де Франс во Сен Дени на 12 јули 1998 година.

Во финалето играле репрезентациите на Бразил, бранителот на титулата од претходното издание,[2] и домаќинот Франција. Така ова Светско првенство останало забележано, по тоа што за првпат во историјата на натпреварувањето во финалето се сретнале домаќинот на турнирот и бранителот на титулата.[3] Натпреварот завршил со победа на Франција со убедливи 3-0, со што тие го освоиле своето прво Светско првенство, а самото време на одигрување натпреварот на два дена пред државниот празник „Денот на Бастилја“ дало дополнителен шмек на победата и поводи за уште поголема радост и прослава кај французите.[4][5] Херој во финалето за триколорите бил Зинедин Зидан (подоцна избран и за играч на натпреварот) со двата гола постигнати во првото полувреме, додека Емануел Пети го постигнал третиот гол длабоко во судиското продолжение од второто полувреме за да ја запечати победата и титулата на Франција.

Франција станала седмата земја која триумфирала на Светското првенство и шестта која тоа го сторила на домашен терен по Уругвај (1930), Италија (1934), Англија (1966), Западна Германија (1974) и Аргентина (1978). Ова исто така, било и првото финале за Франција, по поразите во полуфиналето во 1958, 1982 и 1986 година.

Патот до финалето[уреди | уреди извор]

 Бразил Рунда  Франција
Противник Резултат Групна фаза Противник Резултат
 Шкотска 2–1 Натпревар 1  Јужна Африка 3–0
 Мароко 3–0 Натпревар 2  Саудиска Арабија 4–0
 Норвешка 1–2 Натпревар 3  Данска 2–1
Победник на Група А
Поз. Репрезентација Бод ОН П Н И ДГ ПГ ГР
1.  Бразил 6 3 2 0 1 6 3 +3
2.  Норвешка 5 3 1 0 2 5 4 +1
3.  Мароко 4 3 1 1 1 5 5 0
4.  Шкотска 1 3 0 1 2 2 6 -4
Завршен поредок Победник на Група Ц
Поз. Репрезентација Бод ОН П Н И ДГ ПГ ГР
1.  Франција 9 3 3 0 0 9 1 +8
2.  Данска 4 3 1 1 1 3 3 0
3.  Јужна Африка 2 3 0 2 1 3 6 -3
4.  Саудиска Арабија 1 3 0 1 2 2 7 -5
Противник Резултат Нокаут фаза Противник Резултат
 Чиле 4–1 Осминафинале  Парагвај 1–0 (прод.)
 Данска 3–2 Четвртфинале  Италија 0–0 (прод.) (4–3 п)
 Холандија 1–1 (прод.) (4–2 п) Полуфинале  Хрватска 2–1

Бразил[уреди | уреди извор]

Бразил бил извлечен во групата А од групната фаза заедно со Шкотска, Мароко и Норвешка. Тие забележале победи во првите два натпревари над Шкотска (2–1) и Мароко (3–0), со кои ја обезбедиле првата позиција во групата, пред да бидат поразени од Норвешка со 1–2 во нивниот последен натпревар од групната фаза.

Во осминафиналето бразилците се сретнале со второпласираната репрезентација од групата Б, Чиле, која ја совладале со убедливи 4–1, со головите на Роналдо и Сесар Сампајо (двајцата постигнале по два гола). Во четвртфиналето, тие играле против Данска, која ја совладале со тесен резултат 3–2. Иако данците повеле со 1–0 со раниот гол на Мартин Јоргенсен уште во втората минута, Бразил го свртел натпреварот во своја полза со головите на Бебето и Ривалдо. Бријан Лаудруп изедначил за Данска по 50 минути игра на 2-2, но победата на Бразил им ја донел Ривалдо со својот втор гол десеттина минути подоцна.

Во полуфиналето, Бразил се соочил со Холандија во Марсеј. Натпреварот завршил 1–1 по 90 минути игра, а стрелци на головите биле Роналдо на почетокот на второто полувреме и Патрик Клајверт кој изедначил за Холандија во 87-мата минута. Нерешниот резултат значел дека натпреварот ќе оди во продолженија, каде не бил постигнат златен гол, по што морал да се реши по изведување пенали. Бразил победил со 4–2 по изведување на пеналите и се пласирал во одново во финалето како и на турнирот пред четири години одржан во САД.

Франција[уреди | уреди извор]

Франција била извлечена во групата Ц заедно со Данска, Јужна Африка и Саудиска Арабија. Тие ја отвориле првенството со лесна победа од 3–0 над Јужна Африка, по што следела резултатски уште поубедлива победа со 4–0 над Саудијска Арабија. Првото место во групата французите го обезбедиле после третата победа во групата, совладувајќи ја Данска со 2–1 со головите на Јури Џоркаеф и Емануел Пети.

Во следната фаза, тие се сретнале со второпласираната селекција од групата Д, Парагвај. Во натпреварот кој ќе се покаже како еден од најтешките за Франција на турнирот, тие победиле со 1-0 по продолженија благодарение на златниот гол постигнат од страна на Лоран Блан. Во четвртфиналето Франција ја очекувало европското дерби против дотогашниот трикратен Светски првак Италија. Натпреварот бил доста неизвесен и напнат, завршувајќи без голови 0–0, по што следеле нови продолженија за Франција но овојпат и пенали. Франција победила со 4–3 по изведувањето на пеналите, а клучно се покажало промашувањето на италијанскиот фудбалер Лујџи Ди Бјаџо кој ја погодил пречката.

Во полуфиналето, домаќинот се сретнал со изненадувањето на турнирот, репрезентацијата на Хрватска. После првото полувреме во кое немало голови, Хрватска прва дошла во водство уште во првата минута од второто полувреме со петтиот гол на турнирот на Давор Шукер. Меѓутоа радоста на хрватите кратко траела, бидејќи Франција веднаш одговорила преку Лилијан Тирам, кој го постигнал својот прв гол за репрезентацијата во својата кариера. Дваесеттина минути подоцна, Тирам погодил уште еднаш за целосен пресврт и за пласман на Франција во првото историско финале за нив. Натпреварот завршил со контроверзии, кога Блан бил исклучен по пресметката со хрватот Славен Билиќ. Билиќ паднал на земја, наводно од болка, но повторените снимки сепак покажале дека имало минимален контакт помеѓу играчите. Исклучувањето на Блан значело дека тој ќе го пропушти финалето.

Натпреварот[уреди | уреди извор]

Преглед на натпреварот[уреди | уреди извор]

Денот на натпреварот го одбележиле шпекулации за состојбата на бразилскиот напаѓач Роналдо, кој имал епилептичен напад во попладневните часови.[6][7][8] Откако првично бил изоставен од списокот со повикани играчи за натпреварот, и покрај неговата физичка состојба, само 72 минути пред почетокот на натпреварот било објавено дека тој ќе игра.[4][8] Што навистина се случило со него тој ден, до денес останува неразјаснета мистерија иако постојат многу теории.[8]

На првиот гол во финалето се чекало до 27-мата минута, кога Зинедин Зидан го „разбил“ Леонардо во воздухот и со силен и прецизен удар со глава и донел водство на Франција по корнерот од десната страна изведен од Емануел Пети. Само неколку минути подоцна, Роналдо бил изведен во добра ситуација напред со долга топка од Дунга, но тој не успеал да ја стигне пред голманот Фабиен Бартез, кој се судрил со бразилскиот напаѓач. И на двајцата им била потребна помош од медицинските екипи, но брзо се опоравиле. Плејмејкерите на бразилската репрезентација Леонардо и Ривалдо биле одлично затворени од Дидје Дешан и Кристијан Карембе, а на бразилците исто така им било тешко да ги надиграат французите и по страничните позиции каде бековите на триколорите Биксант Лизаразу и Лилијан Тирам помогнале во целосно неутрализирање на нивните колеги од спротивната страна во офанзива, па така Кафу и Роберто Карлос не биле во можност да придонесат многу во нападот на Бразил, како што тоа го правеле на претходните натпревари на турнирот.[9] Во судиското продолжение од првото полувреме, Франција имала одлична шанса да го удвои своето водство кога по грешката на двајцата централни дефанзивци на Бразил, Жуниор Бајано и Алдаир, топката стигнала до Стефан Гиварш оставајќи го во ситуација еден на еден со Клаудио Тафарел, но удар на францускиот напаѓач бил слаб и Тафарел го одбранил избивајќи ја топката во корнер. И само една минута подоцна дежа ву: корнер за Франција, но овојпат Јури Џоркаеф нафрли од левата страна, а Зидан е одново на вистинското место повторно стрелајќи со глава го совладува Тафарел за 2-0 за Франција во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме.[10] Тоа бил и резултатот со кој се заминало на одмор.

Во второто полувреме, Роналдо имал шанса да ја преполови негативата. Топката паднала пред него во шеснаесетникот, но неговиот удар завршил само во прегратките на Бартез. Бразил имале и друга шанса во завршницата кога Денилсон ја погодил пречката од добра позиција во казнениот простор.[11] Од друга страна Франција била близу до трет гол кога замената Кристоф Дугари излегол во одлична позиција, но шутирал многу неспретно и топката завршила покрај голот на Бразил. Во последните нешто повеќе од 20 минути, Бразил имале и играч повеќе по исклучувањето на Марсел Десаи, кој заработил втор жолт картон за прекршок направен над Кафу.[12] Но ниту тоа многу не им помогнало да се сменат работите на теренот. И конечно во третата минута од судиското надополнување, играчот за врска Емануел Пети ја запечатил победата на домаќините на турнирот со трет гол во мрежата на јужноамериканците, откако добиената топка од неговиот соиграч од Арсенал Патрик Виера, успеал да ја смести во десниот долен агол од мрежата на Тафарел.


Детали[уреди | уреди извор]

12 јули 1998 (1998-07-12) Бразил  0–3 Франција  Сен Дени
21:00 СРЕ (UTC+1)
Crystal Clear app kworldclock.png Историја на досегашните натпревари
Бразил - Франција
Извештај гол 27', гол 45+1' Зидан
гол 90+3' Пети
Стадион: Стад де Франс
Гледачи: 80,000
Судија: Мароко Саид Белкола
Бразил
Франција
GK 1 Клаудио Тафарел
RB 2 Кафу
CB 3 Алдаир
CB 4 Жуниор Бајано добил жолт картон во 33-тата минута 33'
LB 6 Роберто Карлос
CM 5 Сесар Сампајо заменет 73'
CM 8 Дунга Captain sports.svg
AM 10 Ривалдо
AM 18 Леонардо заменет 46'
CF 20 Бебето
CF 9 Роналдо
Замени:
MF 19 Денилсон влегол во игра 46'
FW 21 Едмундо влегол во игра 73'
Селекотр:
Марио Загало
BRA-FRA 1998-07-12.svg
GK 16 Фабиен Бартез
RB 15 Лилијан Тирам
CB 8 Марсел Десаи Yellow cardYellow cardRed card 48', 68'
CB 18 Франк Лебеф
LB 3 Биксант Лизаразу
DM 7 Дидје Дешан Captain sports.svg добил жолт картон во 39-тата минута 39'
RM 19 Кристијан Карембе добил жолт картон во 56-тата минута 56' заменет 57'
LM 17 Емануел Пети
AM 10 Зинедин Зидан
AM 6 Јури Џоркаеф заменет 74'
CF 9 Стефан Гиварш заменет 66'
Замени:
MF 14 Ален Богосијан влегол во игра 57'
FW 21 Кристоф Дугари влегол во игра 66'
MF 4 Патрик Виера влегол во игра 74'
Селектор:
Еме Жаке

Играч на натпреварот:
Зинедин Зидан (Франција)

Помошни судии:
Англија Марк Ворен
Јужна Африка Ашмат Сали
Четврти судија:
Саудиска Арабија Абдул Рахман Ал-Заид

Правила на натпреварот:

  • 90 минути
  • 30 минути продолженија ако е потребно
  • Пенали ако резултатот и понатаму е нерешен
  • Максимално 3 замени

Статистика[уреди | уреди извор]

Бразил Франција
Голови 0 3
Вкупно удари 12 14
Удари во рамка 6 5
Прекршоци 15 13
Офсајди 5 3
Жолти картони 1 4
Црвени картони 0 1

По натпреварот[уреди | уреди извор]

Франција станала шесттата од - заклучно со 2018 година - седум земји што го освоиле Светското првенство во својот прв настап во финалето, 32 години по последната екипа која го сторила тоа, Англија (во 1966). Исто така, станала и шестата и - заклучно со 2018 година - до денес последната земја која триумфирала на домашно тло. Десаи станал првиот играч кој добил црвен картон и го освоил Светското првенство.

За Бразил, ова бил само вториот пат кога тие се нашле на губиничката страна во некое финале на Светско првенство, по нивниот пораз со 2–1 од Уругвај во таканареченото де факто финале на Светското првенство 1950 на домашно тло, познато и како Мараканазо во Бразил. Резултатот од 3-0 значел најтежок пораз за Бразил на Светските првенства, сè до срамотниот пораз со 7–1 од Германија во полуфиналето на првенството во 2014, кое исто така се играло во Бразил.

Претседателот на Франција Жак Ширак, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Хуан Антонио Самаранч, новоизбраниот претседател на ФИФА Сеп Блатер и неговиот претходник Жоао Хавеланж, претседателот на УЕФА Ленарт Јохансон, и копретседателот на локалниот организациски комитет Мишел Платини биле меѓу присутните на трибините за време на церемонијата на доделувањето на наградите. Претседателот Ширак му го доделил трофејот на францускиот капитен Дидје Дешан, по што започнала прославата на французите.[13]

По овој историски и најголем успех во историјата на француската репрезентација, тие успешно се квалификувале за Европското првенство 2000 што се одржало во Холандија и Белгија, каде ја потврдиле својата доминација во репрезентативниот фудбал во овие две години освојувајќи ја титулата и таму совладувајќи ја Италија со 2-1 во финалето по продолженија.[14] Бразил ја освоил титулата на Копа Америка во 1999 и го освоил следното Светско првенство во Јапонија и Јужна Кореја.[15][16] Франција пак таму станала првиот бранител на титулата кој ќе биде елиминиран во првата фаза на турнирот, пред да се врати во финалето во 2006 година. Тие го совладале Бразил со 1-0 во четвртфиналето на патот до тоа финале каде загубиле од Италија по изведување на пенали.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Weather History for Paris“. www.wunderground.com.
  2. „World Cup: History: USA 1994“. BBC Sport. BBC. 17 April 2002. Посетено на 12 June 2011.
  3. „France Triumph“. BBC Sport. 13 July 1998. Архивирано од изворникот на 10 November 1999. Посетено на 19 June 2013.
  4. 4,0 4,1 „World Cup: History: France 1998“. BBC Sport. BBC. 17 April 2002. Посетено на 12 June 2011.
  5. „Rewind to 1998: Ronaldo's darkest day“. ESPN Soccernet. ESPN. 9 February 2011. Посетено на 19 November 2014.
  6. „The great World Cup Final mystery“. BBC Sport. BBC. 2 April 2002. Посетено на 12 June 2011.
  7. „World Cup: 25 stunning moments … No15: Ronaldo falters as France win“. The Guardian. 8 May 2014. Посетено на 2 April 2015.
  8. 8,0 8,1 8,2 „ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ СО РОНАЛДО ПРЕД ФИНАЛЕТО ВО ПАРИЗ?“. gameplan.mk. 6 октомври 2020. Посетено на 22 април 2021.
  9. Wiggins, Brandon. „WHERE ARE THEY Now? The star-studded 1998 World Cup Winning France Team“. Business Insider. Посетено на 2019-04-29.
  10. „Recap of all World Cup Final Matches“. fifa.com.
  11. „1998 World Cup Final: Brazil 0-3 France“. 11 July 2014 – преку YouTube.
  12. „France plays perfect host; hoists World Cup in Paris“. Soccer Times. 12 July 1998. Архивирано од изворникот на 28 November 2011. Посетено на 24 October 2013.
  13. Предлошка:Cite AV media
  14. „France win Euro 2000“. BBC Sport. BBC. 2 July 2000. Посетено на 12 June 2011.
  15. Homewood, Brian (19 July 1999). „Football: Rivaldo's rousing finale“. The Independent. Посетено на 12 June 2011.
  16. „Brazil crowned world champions“. BBC Sport. BBC. 30 June 2002. Архивирано од изворникот 11 May 2011. Посетено на 12 June 2011.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]